ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
09.07.2019 👁 Прочитано: 2049

КАДРИ, РЕГИОН, ОДМОР


Вообичаена практика е определени периоди да се прогласуваат и се посветуваат на нешто значајно: година на економијата, деценија на транзицијата, период на реорганизација... Ние во Стопанската комора на Македонија јавно не сме ги декларирале периодите, но сите сме знаеле меѓусебно дека периодот од 2005-2010 година беше период на консолидирање на нашето работење; периодот од 2010-2015 година беше период на изработка на нов план за економски развој, а периодот во кој се наоѓаме е период на постигнување повисоки цели во нашето работење. Бидејќи денеска зад нас е првото полугодие, сакам да констатирам две работи:

- прво, кадровското екипирање конечно ја раздвижи Комората со посакуваната фреквенција – периодот изобилуваше со нови иницијативи, ставови, настани, оценки, студии, информации и

- второ, Коморскиот инвестициски форум, како наш најголем надворешен регионален таргет, полека го извлековме од кризата и го вративме на вистинскиот колосек.

Сакам, како претседател на Комората, на сите вработени во апаратот на Комората да им честитам за залагањата јавно да настапуваат, да ги искажуваат своите ставови, по потреба и да полемизираат, на едно професионално ниво кое одговара на угледот на една ваква институција.

Враќањето на д-р Елена Милевска Штрбевска и д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, доаѓањето на м-р Зоран Јовановски, м-р Наташа Јаневска и м-р Анета Димовска и ангажманот на постојниот кадровски состав придонесоа конечно да можеме да се носиме со сите професионални институции. Ако кон тоа се додаде и активното вклучување на членовите на органите и телата на Стопанската комора на Македонија, можам да констатирам дека е создадено милје на градење мислења, ставови и оценки кои се респектираат и внатре и надвор од институцијата. Крајна цел на секоја сериозна организација е човечкиот потенцијал и ние треба да сме горди дека сме на чекор тоа да го оствариме. Она што е значајно, е тоа дека ваквата атмосфера ги поттикна и другите вработени да размислуваат, работат и да предлагаат нови иницијативи, настани, анализи, студии итн. Не се случило досега десетици луѓе во апаратот на Комората да ми се обратат лично во овој период и да ми предложат идеи за нивни ангажмани во нашето работење. Во мојата денешна порака сакам да ги поттикнам нив да го следат овој пат затоа што таквиот пристап е од корист и за нив и за институцијата. За да не биде декларативно, ќе кажам дека такви разговори сум водел и со Никола Димковски во Битола, и со Моника Стоичева во  Штип, и со Горан Попоски во Прилеп, и со Васко Ристовски и Влатко Стојановски во Скопје…

Неснаоѓањето во работењето на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), во недостаток на искуство од таков вид институции во ова шестмесечје доведе до реорганизација на неговото работење, кое веднаш ги даде посакуваните резултати. Конференцијата на „Financial times“ во Лондон, нашиот настап во Познањ, активностите што ќе уследат набрзо за подобрување на протокот на стоки на граничните премини, новиот проект за подигнување на институционалниот капацитет на коморите од фондовите на Европската унија навестија дека таа реорганизација ќе даде подобри резултати. Сите ние веруваме во идејата на КИФ за еден регион – една економија, меѓутоа тоа е трнлив пат кој мора да се изоди. Пред нас се големи предизвици од актуелните внатрешни блокади кои го попречуваат нормалното функционирање, но и нашата упорност да ги надминуваме истите. Проблемот што го наметна косовската Влада и кој опстојува и го загрозува овој процес мора да биде надминат. Ние во тоа имаме посебна улога, бидејќи заедно со Република Бугарија сме копретседавачи на тој процес. Во тој период не` очекуваат значајни предизвици, особено организирањето на првата бизнис-конференција на земјите на Западен Балкан, што ја планираме за 98-годишнината од нашето постоење. Тоа ќе биде првиот собир на бизнисот од ЗБ6, на кој ќе се разговара за градење на заедничките институции, дигитализацијата, дуалното образование и побрзиот проток на стоки и услуги.  На тој наш собир се очекува и присуство на сите шест премиери на земјите од Западен Балкан. Тоа ќе биде продолжување на реализацијата на големата иницијатива за поврзување на претприемачите од малите земји, што беше организирана  по повод 95-годишнината на Комората.

 

П.С. Мојата порака денес е многу едноставна и јасна - Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација, како најголем ресурс на професионален човечки потенцијал и искуство, слободно можам да кажам дека е подготвена да се носи со предизвиците и на домашната и на регионалната сцена. Тоа значи голема одговорност за нашето работење и во второто полугодие и затоа претстојните одмори убеден сум дека ќе се искористат за подготовка на реализација на отворените проекти. Ви посакувам активен одмор и се надевам дека ќе добивам се`  поголем број нови предлози, идеи и проекти.