ФИНАНСИСКА ПОДРШКА ЗА НОВИ МЕТОДИ И ТЕХНОЛОГИИ ПРЕКУ ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ
➢ Актуелно (22.06.2020)
👁 Прочитано: 1666



ФИНАНСИСКА ПОДРШКА ЗА НОВИ МЕТОДИ И ТЕХНОЛОГИИ ПРЕКУ ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ

Стопанската комора на Македонија во соработка со Фоднот за иновации и технолошки развој, на 22 јуни 2020 година, организираше „онлајн“-презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19.

-Овој инструмент е наменет за брзо економско заздравување со кој се воведува иновативен механизам на финансирање, преку доделување средства на конкуретна основа, со однапред познати критериуми и поврат од остварените финансиски резултати, но не по цена на опстанок на компаниите и работните места, - истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР. Тој додаде дека интересот за Инструментот е голем и досега се пристигнати над 1600 апликации за истиот.

Фондот обезбеди и бесплатна техничка помош за потенцијални апликантни со надворешни експерти во неколку области, меѓу кои дефинирање на бизнис можностите и изработка на квалитетен предлог-проект. Консултантските сесии исто така се одвиваат „онлајн“.

Целта на Инструментот е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) за надминување на последиците од КОВИД-19. Доколку претпријатијата погодени од КОВИД-19 воведат нови методи и технологии во своето работење и мерки за заштита на здравјето на вработените и клиентите, тие можат да одржат задоволително ниво на продуктивност, да генерираат приходи преку нови канали на продажба, да воведат нови производи или услуги кои ќе одговорат на промените во побарувачката.

Преку Инструментот, Фондот обезбедува финансиска поддршка до 70% од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 3.000.000,00 (три милиони) во денарска противреднос по апликант и тоа:

-    за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е до 10 вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 50.000,00 (педесет илјади) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 750.000,00 (седумстотини и педесет илјади) денари;
-    за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 10 до 50 вработени и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 50.000,00 (педесет илјади) евра, а помал од 2.000.000,00 (два милиона) евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 1.500.000,00 (еден милион и петстотини илјади) денари и
-    за претпријатија и ПЗУ чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиона) евра, а помал од 10.000.000,00 евра согласно финансиските извештаи за последните две фискални години, финансирање во максимален износ од 3.000.000,00 (три милиони) денари.

Максималниот износ на финансиска поддршка за кој може да аплицираат, апликанти чии предлог-проекти ja поминале фазата на претселекција, во претходните 12 месеци од моментот на објавување на конкурсот, апликанти за кои Комитетот за одобрување на инвестиции има донесено одлука за финансирање, а немаат склучено договор со Фондот, вклучително и корисници на Фондот кои имаат склучено договори за финансирање под инструментите за поддршка на Фондот, а кои се` уште ги исполнуваат правата и обврските од тие договори, изнесува 35% од вкупниот износ на кофинансирање на Фондот за кој аплицирале, односно од вкупниот износ на одобреното кофинансирање од Фондот во претходно одобрениот/те проект/и.

За да биде апликантот подобен за добивање кофинансиран грант, треба да ги исполнува следните критериуми:
 
-    да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана согласно Законот за установи и Законот за здравствена заштита, регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
-    да е претпријатие или ПЗУ со максимум 250 вработени;
-    годишните приходи на апликантот да не надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
-    да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра и збирниот број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистражувачка установа;
-    против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
-    да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
-    против него да не се започнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
-    апликанти со над 3 (три) години на постоење од моментот на аплицирање да немаат генерирана загуба во последните две фискални години согласно официјалните биланси на успех за тие години;
-    да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
-    да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
-    да нема аклумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
-    да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието) и
-    да не се занимава со производство на јаглен.

Трошоците кои се прифатливи за финансирање се: трошоци за техничка поддршка (експертиза), трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично); трошоци за набавка, изнајмување и/или изработка на опрема, софтвер, алатки од информатичка технологија и друг вид на основни ИКТ-средства, директно поврзани со реализација на проектот и дититализација на процесите; бруто плати за вработените лица кај корисникот кои ќе бидат ангажирани на проектот, во износ од максимум 25% од вкупниот буџет на проектот, освен доколку се работи за апликанти кои аплицираат согласно член 4, став (2) од овој правилник; износите на бруто плати на вработените ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почеток на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата; трошоци поврзани со спроведување на план за подобрена организациона структура на апликантот и други оперативни трошоци директно поврзани со реализацијата на проектот, освен оние кои не се подобни за финансирање преку овој Инструмент.
При распределба на буџетот по квартали, апликантот треба да води сметка за рамномерност во распредлебата, односно износот за секој одделен квартал да не се разликува од останатите квартали за повеќе од 30%.

Времетраењето на проектот за кој се доделени финансиски средства преку овој Инструмент може да биде до 12 (дванаесет) месеци, додека рокот за аплицирање на јавниот повик по редовна постапка е до 29 јуни 2020 година (14:00ч.).

Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката, односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата.

Повеќе информации поврзани со јавниот повик се достапни на следниот линк: https://fitr.mk/kofinansirani-grantovi-za-tehnoloshki-razvoj-za-nadminuvane-na-posledicite-od-kovid-19/

м-р Ивана Крстевска

 

м-р Ивана Крстевска
соработник во Стопанска комора на Македонија