ГОЛЕМИ И МАЛИ МРЕЖИ....
👁 Прочитано: 3943



ГОЛЕМИ И МАЛИ МРЕЖИ....

Првите зборови за редизајнираната веб-страница на Стопанската комора на Македонија ги пишувам од Охрид, па ние Охриѓаните прво што слушаме околу нас се прикаските за рибарските мрежи. Најмалата од нив се вика „клуч“ и служи претежно за крадење на рибата, бидејќи целата операција со неа трае една минута. Најголемата се вика „влак“, за која е потребна огромна организација. Меѓу нив има многу други мрежи, меѓутоа сите тие имаат иста цел – да ловат риба. И исти метод –мрежата да има помало окце од големината на рибата. Значи суштината е фатаморгана – да рибата процени дека може да помине низ окцето, а всушност да заглави во мрежата. На таков начин итрите рибари обезбедуваат егзистенција за себе и своите фамилии.

Мене како најискусен човек во Комората ми припадна задачата да Ви помогнам во нешто што најмногу го познавам, а тоа е просто кажано - како да дојдете до нов бизнис партнер, било да се работи за купувач на Вашите производи и услуги или за нов добавувач.

Мојата мрежа се плете веќе 40 години, меѓутоа тоа не е една мрежа – тоа се илјадници мрежи со илјадници различни окца. Со помош на неа Вие треба да дојдете до нов партнер, до нов пазар, до нови контакти и информации. Јас сум среќен што тоа можам да го направам за Вас.

Стопанската комора на Македонија како најстара и најголема бизнис асоцијација во пресрет на стогодишнината од своето постоење и во пресрет на големите проблеми во кои се наоѓаме, е спремна да Ви помогне на најдобар можен начин. Фокусираните цели изразени на нашата веб-страница на централно место јасно кажуваат дека методологијата на нашата работа е радикално променета. Тоа значи дека сите заедно треба што повеќе да се свртиме спрема себе и нашите потенцијали, затоа што очигледно е дека Владата приоритет во своето работење секогаш дава на други нешта кои не се во функција на развој на бизнисот. Ние веќе не можеме да чекаме од политичките елити да ја сфатат реалноста, туку треба да преземеме акција за максимално искористување на сите наши ресурси.

На ова место, на нашата веб-страница Вие ќе ги добивате во секој момент најновите информации за нашата мрежа и нашите можности кои не се мали. Тоа воопшто не значи дека Вие треба да ги скрстите рацете и да чекате информации од нашиот сајт, ниту пак значи дека нашата обврска завршува само со објавата на информациите на сајтот. Нашата поддршка до вас е една од активностите за остварување на целта, а Вашата улога е да не се ослоните само на нас. Затоа, во Охрид не се лови само со мрежа, се лови и со блинкер, се лови и со други алатки, и тоа е пример како треба и ние да постапуваме.

Бидејќи нашата задача е прецизна и јасна, д-р Татјана Штерјова ќе пишува за нашите можности и поставените мрежи. Но Ве предупредувам дека треба да промениме неколку нешта. Прво, рековме дека ова е само дел од целиот процес. Второ, постојните можности се огромни ако кон нив се поставиме стратегиски – тоа значи логистика и припрема за средбите во било која форма, а не туристички патувања и можност за посета на партнерот. Темел на нашиот нов пристап ќе биде припремата. Што подобра припрема – толку подобри резултати. Трето, слободно поставувајте прашања во текот на припремата, давајте предлози и користете ги нашите искуства. Четврто, сето тоа мора да остане архивирано за да послужи за компаниите после нас. Лошо е што македонската економија речиси 80% извезува на пазарите на ЕУ. Добро е што тоа овозможува услови за ширење на мрежата и за освојување на нови пазари.

Така да, предизвикот е пред нас и тој заедно со нашата поддршка во делот на Вашите потреби за царинската, даночната и кадровската проблематика се неограничени. Мојата препорака е - во секој слободен момент отворајте ја редизајнираната веб-страница на Стопанската комора на Македонија, кликнете на едно од четирите главни менија и сигурен сум дека ќе ја добиете информацијата што толку Ви е потребна. Нека ние со среќа новиот метод на работа, кој треба да донесе поголем обрт, поголем профит и поголема мрежа за сите Вас.

П.С. Фатил Македонец златна рипка и почнал да ја гњави за политика и рибата му вика: – Дај испржи ме жити мајка.

 

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија