СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ДОВЕРБА КОЈА ТРАЕ И ПРОДОЛЖУВА!
➢ ВАЖНО (24.07.2020)
👁 Прочитано: 7873


Доставете ни парче од Вашиот мозаик за комплетна заедничка Монографија
СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ДОВЕРБА КОЈА ТРАЕ И ПРОДОЛЖУВА!

 

Почитувани членки,

 

Стопанската комора на Македонија успеа, во годините во кои напорно работи, да прерасне во вистинска куќа на бизнисот во која компаниите можат да побараат совет, да поднесат предлози, да побараат измена на законски решенија, да учествуваат на заеднички настани со домашни и странски институции и компании и притоа да се почуствуваат горди каде и зошто припаѓаат, оставајќи аманет и на генерациите кои доаѓааат дека членувањето во Комората е навистина потребно од една страна, и дека истото создава додадена вредност за нив, од друга страна. За неполни 2 години, Стопанската комора на Македонија ќе одбележи 100 години од коморското организирање во нашата земја и по тој повод подготвуваме Монографија која ќе остави белег како трајно богатство за идните генерации. Мотото на Монографијата е "СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-ДОВЕРБА КОЈА ТРАЕ И ПРОДОЛЖУВА"! Стопанската комора на Македонија довербата која ја гради од ден на ден е резултат на членките кои секогаш биле и се со неа. Комората се гордее со нивното знаење, професионализам, упорност и опстојување во услови на работење исполнето со предизвици и промени.

Стопанската комора на Македонија од секогаш располагала и во моментов располага со најпрофесионален коморски кадар кој е подготвен во секој момент да одговори на барањата на своите членови. Затоа, Стопанската комора на Македонија со гордост може да каже дека е местото кое е изградено со доверба, напорна работа и постојано усовршување и адаптирање на промените.

Во Монографијата ќе посветиме внимание и на почетоците, функциите и значењето на коморите во светското стопанство, како и историјата на развојот на коморското организирање во Република Северна Македонија, почнувајќи од првите зачетоци на коморското организирање на територијата на Македонија кои датираат од 1922 година, кога со Закон е основана Трговско-индустриска комора, со седиште во Скопје, продолжувајќи ја традицијата како институција од посебно значење, која со Одлука на Президиумот на АСНОМ е формирана на 18 февруари 1945 година, па се до современиот развој на Стопанската комора на Македонија во реномирана бизнис-асоцијација, која постојано се прилагодува и развива во согласност со барањата и потребите на своите членки, а во насока на унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото  и поттикнување на конкурентноста на своите членки, како и унапредување на бизнис-климата во државата. Посебно место во Монографијата има и за Здруженијата, Асоцијациите, Регионалните комори и сите други тела и облици на организирање и работење вмрежени во Комората...

Оттука, во насока на збогатување на содржините на Монографијата и апострофирање на вредностите, Ве повикуваме да ни доставите слики/кратки текстови (на следниот e-mail: jelisaveta@mchamber.mk) од Вашата компанија/фабрика, за тоа какви биле Вашите почетоци како и за Вашиот развој низ годините, преку слика и текст, со цел да ги инкорпорираме во едицијата која ќе остави печат за македонската економија.

 

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанската комора на Македонија