Одржана работна средба на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори со Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции
➢ Актуелно (18.09.2020)
👁 Прочитано: 1487


Презентирани очекувањата на странските инвеститори од новата Влада
Одржана работна средба на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори со Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции

Целта на состанокот беше да се презентира спроведувањето на економските политики на Владата во однос на странските инвестиции, како и запознавање на вицепремиерот  со предизвиците и состојбите со коишто се соочуваат странските инвеститори во нивното работење и препораки за нивно надминување.

Пред присутните, Битиќи изрази подготвеност Советот на странските инвеститори да биде вклучен во креирањето на економските политики и во следењето на нивната имплементација, бидејќи само така може да се очекува зголемен економски раст и развој.

Како што истакнаа членовите на Упавниот одбор, за странските компани кои се присутни во земјава, од круцијално значење се прашањата за обезбедување предвидливост и конзистентност на деловното опкужување, нешто што е од клучна важност за секој  инвеститор за планирање и проекција на економските процеси и инвестиции.

Претседателот на Советот на странските инвеститори, г-дин Штефан Петер, ги презентираше петте приоритети кои странските инвеститори ги очекуваат од новата Влада, а тоа се прашањата поврзани со:

- даночната и царинската регулатива во услови на пандемија, за што Советот на странски инвеститори имаат бројни предлози и сугестии за подобрување на регулативата, со фокус на барањата за целосно усогласување на царинските стапки за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи;

- нов пристап во привлекувањето, но и грижата за странските инвеститори, што подразбира непристрасен, искусен и ефикасен onе-stop-shop центар за странските инвеститори во земјава,  флексибилен и независен во своето одлучување и решавање на проблеми, што ќе значи голем исчекор напред;

- создавање услови за стручен кадар согласно потребите на пазарот на трудот и спречување на процесот на масовна миграција на младото работоспособно население од државава;

- задолжителна консултација на странските инвеститори за правната регулатива, како и

- ефикасна администрација и владеење на правото.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, упати честитки за формирањето на новата Влада, како и за назначувањето на Битиќи на позицијата вицепремиер за економски прашања, посочувајќи дека и во наредниот период странските инвеститори и приватниот сектор воопшто ќе имаат потреба од  државна помош и поддршка за ублажување на негативните ефекти од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување предвидливоста во бизнисот и на макроекономската стабилност.

На средбата, како што соопшти вицепремиерот Битиќи, во моментот во фокусот на Владата е создавање предвидливо бизнис-опкружување, интензивна работа во делот на царинската политика и излегување во пресрет на барањето за усогласување на целокупната царинска тарифа, што би значело отворање на процесот на консултација за ова прашање кое е особено комплексно, ревизија и кратење на парафискалните давачки по разни основи, како и задолжителна консултација за сите прашања кои се значајни за бизнисот.

За таа цел, плановите се да се работи на подигнување на конкурентноста на фирмите на домашниот и на меѓународните пазари, што подразбира и усогласено дејствување и во делот на сузбивање на корупцијата и сивата економија, како и можност за дигитализација на услугите и процесите поврзани со издавање разни видови документи од државните органи и тела, кои им се потребни на бизнисите- нагласи Битиќи. 

Советот на странски инвеститори кој е основан во 2006 година претставува глас на деловната заедница, формиран со цел националната економија да стане попривлечна за инвестирање преку поедноставување на деловното работење и зголемување на предвидливоста.

Промовирањето на деловната етика и високите начела за корпоративно управување се исто така на врвот на агендата на Советот на странски инвеститори.

Во моментот во Советот на странски инвеститори членуваат повеќе од 130 компании со странски капитал во земјата.

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија