ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
17.07.2019 👁 Прочитано: 772

НОВ КОМПЈУТЕРСКИ СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ И КОНТРОЛИРАЊЕ НА ДВИЖЕЊЕТО НА АКЦИЗНИ СТОКИ


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Примената на новиот Закон за акцизи („Службен весник на РСМ“, бр. 108 од 28.5.2019 година), која беше предвидена да започне на 15 јули 2019 година, се одложува за 1 ноември 2019 година.

Одложувањето на примената на Законот е со цел да се обезбеди целосна функционалност на Компјутерскиот  систем за следење и контролирање на движењето на акцизни стоки (Excise Movement and Control System - EMCS) со кој ќе управува Царинската управа, како и да се овозможи дополнително време за економските субјекти со цел тие да се усогласат со одредени обврски и да се приспособат на новите решенија кои се предвидени во новиот Закон за акцизи. 

Една од клучните новини на конкретниот Закон е што истиот предвидува следење и контрола на акцизни добра со нов компјутерски систем кој треба да се воспостави, а кој всушност претставува уште една алатка за усогласување со системот на Европската унија. Како функционира овој систем и кои се придобивките од истиот? 

Според регулативата на Европската унија акцизите на акцизните добра се плаќаат на потрошувачката на последната дестинација. Додека се во транзит кон нивната крајна дестинација овие стоки се во суспензија, т.е. во постапка во која не постојат услови за настанување акцизен долг и на нив не се плаќа акциза. Со цел следење на стоките во рамки на Унијата во периодот на суспензија воспоставен е Компјутерскиот систем за следење и контролирање на движењето на акцизни стоки.

Со овој систем преку размена на електронски пораки во рамки на истиот, движењето на стоките кои се под суспензија на акциза е следено и мониторирано во рамки на Унијата.  Компјутерскиот  систем за следење и контролирање на движењето на акцизни стоки им овозможува на земјите-членки да добијат информации за движењето на акцизна стока која е во суспензија во реално време и да ги извршат потребните проверки.

Целото движење на стоката е покриена со придружен електронски административен документ (Electronic Administrative Accompanying Document e-AAD).

Придобивките од EMCS-системот за економските оператори е непреченото движење на акцизните стоки и намалување на административното оптоварување, а за државите-членки - подобар увид во движењето на акцизните добра, намалување на ризикот од измама и таргетирани контроли.

Компјутерскиот систем за следење на движењето на акцизни стоки функционира на следниот начин:

1. Испраќачот издава е-ААD кој содржи информации за пратката и за планираното движење во рамките на Унијата.
2. Земјата-членка на испраќање го потврдува е-ААD и го враќа кај испраќачот, вклучително со ААD регистарски код-ARC.
3. Испраќачот ги испраќа акцизните добра.
4. Земјата-членка на испраќање го проследува е-ААD до земјата-членка на дестинација.
5. Земјата-членка на дестинација го проследува е-ААD до примачот.
6. Акцизните добра пристигнуваат на дестинацијата.
7. Примачот поднесува извештај за прием.
8. Земјата-членка на дестинација го потврдува извештајот за прием и го испраќа назад на примачот.
9. Земјата-членка на дестинација го проследува извештајот за прием до земјата-членка на испраќање.
10. Земјата-членка на испраќање го проследува извештајот за прием до испраќачот.

Исто така, во рамките на Унијата функционира и Систем за размена на акцизни податоци (System of Exchange of Excise Data - SEED), кој всушност претставува регистар на економски оператори кои трговците можат да го консултираат електронски за да проверат дали даден акцизен број е валиден и за кои категории на стоки им е дозволено тргување. 

Овој систем е клучната компонента на EMCS, бидејќи им овозможува на администрациите на земјите-членки да ги потврдат овластувањата на трговците, преку проверка на акцизните броеви на испраќачот и примачот пред да им дадат дозвола за преместување на која било акцизна стока под царинска суспензија. Значајна е и Спецификацијата на функционирање на акцизниот систем  (Functional Excise System Specification - FESS), преку која се анализираат и се документираат сите деловни функции и процеси кои се дел од Компјутерскиот  систем за следење и контролирање на движењето на акцизни стоки. FESS се ажурира на 18 месеци. 

Овој систем во рамките на Европската унија го користат повеќе од 100.000 економски оператори и истиот претставува клучна алатка за размена на информации и соработка во делот на акцизните добра помеѓу државите-членки. Со воспоставување на стандардизираниот, електронски систем во нашата држава ќе се намали просторот за измами поврзани со акцизните добра и ќе се поедностават постапките за трговците.

НОВ КОМПЈУТЕРСКИ СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ И КОНТРОЛИРАЊЕ НА ДВИЖЕЊЕТО НА АКЦИЗНИ СТОКИ