ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
15.05.2019 👁 Прочитано: 927

ЗАДРЖАНИОТ ДАНОК И ЕФИКАСНОСТА НА ДАНОЧНАТА АДМИНИСТРАЦИЈАТА


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Зголемувањето на меѓународната економска соработка, односно на деловната соработка на македонските компании со субјекти од странство, претпоставува потреба од соодветна поддршка од страна на државните институции преку намалување на административниот товар на фирмите, поедноставување на процедурите и подобрување на услугите кои ги даваат на приватниот сектор.

Особено значајна за македонските компании е модерната даночна администрација која покрај тоа што ќе ги зголемува сопствените капацитети за ефикасно собирање на даноците и јавните давачки, континуирано ќе работи на капацитетот за обезбедување на висок квалитет на услуги за даночните обврзници, поедноставени даночни постапки, навремено и точно исполнување на обврските. Еден сегмент во кој е неопходно да се подобрат состојбите се постапките поврзани со задржаниот данок.

Освен ако поинаку не е регулирано со меѓународен договор за одбегнување на двојно оданочување кога домашни правни лица, домашни физички лица-регистрирани за вршење на дејност и странски правни или физички лица - нерезиденти со постојана деловна единица во нашата држава исплатуваат приход во странство, истовремено при секоја исплата на приходот што го остварува странско правно лице должни се да задржат и уплатат задржан данок (withholding tax) на соодветната уплатна сметка.

Данокот што се задржува се пресметува по стапка од 10% на бруто приходите на странско правно лице од: дивиденди, камати, авторски хонорари, приходи од забавни или спортски активности кои се вршат во нашата држава, приходи од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, приходи од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во нашата држава, приходи од телекомуникациски услуги како и на приход од закуп на недвижности во нашата држава. 

ЗАДРЖАНИОТ ДАНОК И ЕФИКАСНОСТА НА ДАНОЧНАТА АДМИНИСТРАЦИЈААко примателот на приход врз кој се применува задржување на данок е резидент на странска држава која има договор со нашата држава за одбегнување на двојното оданочување, при исплата на приходот задржаниот данок се пресметува, задржува и уплатува на начин определен со договороте. За да се примени даночно ослободување или пониска стапка која е одредена во договорот со странската држава исплатителот на приходот треба да располага со образец заверен од надлежен даночен орган на странската држава и од Управата за јавни приходи (УЈП) или одобрение за даночно ослободување издадено од УЈП.

Одобрението или решението за одбивање на издавање на одобрение по поднесено барање за даночно ослободување или пониска стапка од страна на исплатителот УЈП е должна да го издаде рок од 30 дена. Исто така, пред секоја прва уплата на данокот по задршка, исплатителите треба да побараат даночен идентификациски број за странското правно лице (остварувач на приходите) од  регионална дирекција на УЈП, кој понатаму при плаќањето на данокот по задршка се внесува во налогот за плаќање.

Без да добие даночен идентификациски број и одговор од УЈП (даночно одобрение или решение) компанијата - исплатител не може да ги плати долговите кон странските правни лица, што упатува на тоа дека ефикасното спроведување на постапките поврзани со задржаниот данок се особено важни за македонските компании.

Нивното искуство говори дека постапките се сложени и премногу долго траат (често не завршуваат во рокот кој е предвиден во закон), што доведува до ненавремена исплата на доспеани фактури кон странство, што секако не е во согласност со добрите деловни практики. Поради ваквата состојба, а со цел да не се предизвика застој во работењето кое е условено од плаќање на фактурите кон деловните соработници од странство, македонските компании често пристапуваат кон плаќање на фактурите без спроведена постапка, со што дополнително се оптоваруваат со трошоци за данокот, кој притоа е непризнат трошок. Исто така, забележани се случаи идентични ситуации поврзани со задржан данок различно да се третираат од страна на даночната администрација.

Нашата држава има склучено 48 билатерални договори за одбегнување на двојно оданочување кои предвидуваат одредени погодности за компаниите и придонесуваат за зголемена економска соработката со странски партнери. Спроведувањето на договорите претпоставува ефикасна даночна администрација и услужно ориентиран пристап кон даночните обврзници.

За да се забрзаат постапките поврзани со задржаниот данок неопходно е скратување на рокот во Законот од 30 на 15 дена, ангажирање на дополнителен број даночни службеници кои ќе работат на конкретната проблематика или формирање на посебни организациски единици во рамките на регионалните дирекции во кои е забележан поголем обем на постапки поврзани со задржаниот данок. Потребно е да се разгледа можноста за законска измена во насока на дозволена исплата на приходот кон странскиот правен субјект и пред завршување на целата постапка до добивање на одобрение, а ако дополнително се утврди постоење на обврска за плаќање на задржан данок истата да се плати. Исто така, потребно е да се обезбедат обуки за вработените со цел идентичен пристап при утврдување на задржувањето на данок и овозможување електронско поднесување на сите формулари и барања поврзани со задржувањето на данокот.

ЗАДРЖАНИОТ ДАНОК И ЕФИКАСНОСТА НА ДАНОЧНАТА АДМИНИСТРАЦИЈАТА
ЗАДРЖАНИОТ ДАНОК И ЕФИКАСНОСТА НА ДАНОЧНАТА АДМИНИСТРАЦИЈАТА