ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
КОМОРСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ)
18.06.2019 👁 Прочитано: 1585

КИФ и „Financial Times“ во Лондон го промовираат Западен Балкан како единствена дестинација за инвестиции


Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Многупати претходно зборувавме за различностите и географските граници на секоја од земјите од Западен Балкан, но сепак и покрај сите тие различности, постои еден заеднички интерес. Историски гледано, економијата секогаш е таа која прва гради мостови за поврзување меѓу земјите, а меѓу државите од Западен Балкан постојат многу заеднички економски интереси коишто бизнис секторот може најбрзо да ги валоризира во подобри економски перформанси во секоја од државите и да доведе до подобар животен стандард. За постигнување значајни резултати за јакнење на економиите на шесте земји од Западен Балкан и што поскоро приближување кон пазарите на Европската унија, Коморскиот инвестициски форум (КИФ) активно работи на спојување на целиот регион и креирање единствена регионална економска област (РЕО).

КИФ и „Financial Times“ во Лондон го промовираат Западен Балкан како единствена дестинација за инвестиции Токму во насока на промоција на регионот на Западен Балкан како единствена регионална економска област и дестинација за инвестиции, денес, на 18 јуни 2019 година, во Лондон, Велика Британија, КИФ во соработка со „Financial Times“ го организираат овогодишниот Форум на Западен Балкан, со наслов: „Можности за инвестирање во брзорастечкиот регион“.

Регионот на Западен Балкан се соочува со зголемен раст и внатрешни инвестиции, а според Светската банка, стапката на економски раст на регионот достигна 3,8% во 2018 година и се предвидува да ја надмине онаа на ЕУ во просек од 3,7% за периодот 2019-2020 година.

Потенцијалот постои во различни сектори, како ИТ-секторот, финансии и услуги, земјоделство, автомобилски делови и туризам. Инвеститорите велат дека се привлечени од земјите што го сочинуваат регионот - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија - поради макроекономската стабилност карактеризирана со ниска инфлација, низок буџетски дефицит и стабилен јавен долг.

Економиите во регионот го подобруваат деловното опкружување и нудат релативно ниски трошоци за работна сила и комунални услуги, во комбинација со поволен даночен режим. Но и покрај позитивните оценки, сепак остануваат предизвиците со натамошни реформи потребни за забрзување на администрацијата, подобрување на трговските текови, намалување на бирократијата и развивање на вештините на работната сила.

КИФ и „Financial Times“ во Лондон го промовираат Западен Балкан како единствена дестинација за инвестиции „Financial Times“ и Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан 6 го организираат Форумот на земјите од Западен Балкан, кој во времетраење од еден ден, преку презентации, дискусии и дијалози со високи претставници на владите од регионот, ќе ги презентираат можностите за инвестирање во регионот. Гостите ќе имаат можност да ги слушаат и да се поврзат со политичките лидери и креатори на политиките, бизнис-лидерите кои инвестираат во регионот, како и консултантите, економистите и функционерите од меѓународните финансиски институции.

На денешниот настан свое обраќање ќе имаат и премиерот Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама , претставници од Светската банка и др. Покрај претставниците на политичкиот сектор, на настанот ќе присуствуваат и ќе се обратат и претседателите и претставници од шесте комори на Западен Балкан со претставниците од бизнис-секторот од секоја од шесте земји.

Повеќе информации во врска условите и поволностите за инвестирање, во регионот на ЗБ6, како единствена дестинација за инвестирање, можете да најдете на КИФ „онлајн“ инвестициската платформаРегионална инвестициска платформа (www.investinsee.com). На платформата можат да се обезбедат и одговори на конкретните прашања на бизнис-заедницата заинтересирана за инвестирање во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да се инвестира.