ПРОЛОНГИРАЊЕТО НА КРИЗАТА И ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА РАБОТАТА НА КИНЕСКИТЕ ФАБРИКИ - ЗАКАНА И ЗА ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО

   

👁 Прочитано: 1554


ПРОЛОНГИРАЊЕТО НА КРИЗАТА И ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА РАБОТАТА НА КИНЕСКИТЕ ФАБРИКИ - ЗАКАНА И ЗА ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО

Виктор Мизо, генерален менаџер на „КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија 

Епидемијата од корона вирусот која започна во провинцијата Хубеи во Кина кон крајот на декември минатата година, веќе има директни негативни влијанија како на кинеската, така и на глобалната автомобилска индустрија. Хубеи провинцијата е четврти најголем регион за производство на возила во Кина, каде лани биле произведени 2,2 милиона возила во погони на „Хонда“, „ПСА“ („Пежо“, „Цитроен“), „Рено“, „Генерал Моторс“, „Донгфенг“, каде Вухан и неколку други градови се под целосен карантин.

„Хјундаи/Киа“ затвори околу 40% од своите капацитети во Кореја минатата недела поради недостаток на делови произведени во Кина. Една од фабриките на „Нисан“ во Јапонија ќе престане со работа кон крајот на оваа недела. Слични реперкусии се чувствуваат и кај „Рено“ во Кореја, а „Фијат Чрислер“ очекува директно влијание на една од европските фабрики во следните 2 до 4 недели. Поголем број од фабриките по пролонгираниот период за Кинеските новогодишни празници, почнаа со работа на почетокот на неделата („Даимлер“, „Форд“, „Тесла“ и сл.), но далеку од работа под полн капацитет. Се` уште има големо влијание суспендираниот железнички и авионски сообраќај за да може голем дел од работниците да се вратат од своите родни места во градовите каде живеат и работат. Компании како „Фолксваген“, „Тојота“, „БМВ“ најавија пролонгирање на рокот и најрано започнување со работа идниот понеделник – 17 февруари.

Дел од компаниите од автомобилската индустрија кои работат во Македонија исто така имаат витални компоненти кои се произведени во Кина и секојдневно будно се следи состојбата. Имајќи предвид дека стандардниот бродски логистички транспорт трае околу 6 недели, во следните 2-3 недели не се очекуваат некои директни проблеми. Фактот што железничкиот сообраќај од Кина преку Русија е исто така суспендиран, а има и големо намалување на авионскиот сообраќај, секое пролонгирање на кризата и одложен почеток на работата на кинеските фабрики може да го афектира и производството во Македонија. 

Поради комплексноста на автомобилската индустрија (масивност на производствените погони, локален know-hоw и сл.), дислоцирање на производствените погони, односно креирање на нови добавувачи надвор од засегнатиот регион во Кина (на пример, како во текстилната индустрија), со цел „заобиколување” на евидентните загуби, во некој разумен временски рок, не се реални опции за оваа индустрија!