„БРАКО“ ГО ПРОИЗВЕДЕ И ЌЕ ГО ПРОМОВИРА ПРВОТО ВОЗИЛО ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВОДОРОД ВО СВЕТОТ
👁 Прочитано: 6249



„БРАКО“ ГО ПРОИЗВЕДЕ И ЌЕ ГО ПРОМОВИРА ПРВОТО ВОЗИЛО ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВОДОРОД ВО СВЕТОТ

Иле Атанасов, директор во „Брако“ за камиони за чистење улици и медицински помагала

- Верувам дека секоја криза ги прави компаниите иновативни и перспективни – нашиот успех е задржување на секое работно место. Се разбира дека ефектите од пандемијата ќе се чувствуваат подолго време и ќе влијаат во сите сфери на живеењето и работењето. Единствен начин да се надмине кризата е да се адаптираме на новите околности, преку еден континуиран процес на инвестиции во човечки и машински ресурси да придонесеме за зголемување на продуктивноста и квалитетот, што на крај ќе резултираат со подобра конкурентност и подобар пласман на производите.

Кризата со пандемијата несомнено не го заобиколи и „Брако“ чии производи доминантно 95 % се извезуваат. За жал, здравствената криза не е сконцентрирана на едно одредено место, а со оглед на тоа дека ние извезуваме во 30 земји  моравме да градиме „Ковид-стратегија“ која од оваа перспектива во состојба на драстичен пад на побарувачката, прекин на синџирот на набавка на компоненти и суровини неопходни за процесот на производство и монтажа, а под перманентен притисок од нашите постојни клиенти за приспособување на роковите на плаќање, одлучивме да стартуваме со сериозна економска офанзива во инвестициски циклус, со единствена цел зачувување на работните места. И по мене, иако првично бевме во шок од состојбата, сепак од оваа перспектива одлуката на менаџментот, предводен од проф. д-р Анѓушев, се покажа како храбра стратегија да се продолжи со производство за залиха. Контрацикличната стратегија, кога сите се затвораат сами во себе да продолжиме со производство за залиха, денеска не` направи подготвени да одговориме на побарувањата. Во моментов дури пишувам се подготвуваме да ја испорачаме првата од неколку електрични машини што ќе ја одржуваат хигиената во неколкуте кралски палати во Тајланд. Ова е и последната потврдена нарачка практично, а просечно во „БРАКО“ се произведуваат 150 - 200 возила годишно. Секако, треба да се биде во состојба да се издржат финансиски пролонгираните рокови за плаќање. А тоа, верувајте, воопшто не е лесно, бидејќи во услови на намалени приходи за да имате готови производи треба да се инвестираат дополнителни финансиски средства за набавки на компоненти и суровини, за исплата на плата на вработените. 

Сепак, може да се заклучи дека периодот од 2-3 месеци што се веќе зад нас, но и претстојниот период, беа и ќе бидат исклучително тешки за индустријата се` додека не се преброди прво здравствената криза, а потоа и економската криза. 

„Брако“ е исправен и пред предизвикот кој го имаше поставено за оваа година, а тоа е производство на првата во светот 100% еколошка машина за чистење улици и јавни површини на хидроген.  Енергијата ќе ја генерира горивна ќелија, а како гориво ќе користи водород што според нас е гориво на иднината кое не загадува воопшто. Нашиот нов систем е целосно прифатлив за животната средина, водородот го има во изобилие, полнењето е брзо како и на регуларните бензински станици, а како нус-производ на работењето на машината се ослободува само вода. Овој проект го работиме во соработка со холандска фирма која е специјализирана за имплементација на горивни ќелии во различни типови возила. Возилото е веќе спремно, а промоцијата што требаше да се случи на Саемот „ИФАТ“ во Минхен, кој е најпознат во светски рамки за овој тип на машини, се откажа заради околностите со пандемијата на вирусот Ковид-19. 

Служба за информирање

Служба за информирање при Комората