Средба на претседателот Азески со потенцијални инвеститори од САД
➢ Актуелно (25.07.2020)
👁 Прочитано: 1041



Средба на претседателот Азески со потенцијални инвеститори од САД

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, во рамки на континуираната цел на Комората за вмрежување на компаниите и инвеститорите, оствари работна средба со инвеститори од САД, заинтересирани за проширување на нивните активности во македонската економија, на која присуствуваа и претставници на менаџментот на „Македонија2025“ Вера Ставроф и Никица Мојсоска – Блажевски и директорот на „Костал Македонија“ Охрид, Виктор Мизо. На состанокот беа презентирани инвестиционите потенцијали на нашата држава во однос на телекомуникациите, патната инфраструктура, автомобилската индустрија и фармацијата.

Претседателот Азески даде краток осврт на трите клучни сегменти кои смета дека би биле од интерес: патната инфраструктура, винската индустрија и телекомуникациите (односно новата 5G технологија).Секој од овие сегменти има висок потенцијал, бидејќи се уште не е достигната презаситеност. Во однос на пазарите, македонскиот пазар е мал, меѓутоа самата местоположба на Северна Македонија во центарот на Балканот, која граничи со две земји од Европската Унија, а земајќи го предвид фактот секоја соседна земја има многу поголема популација од нашата и со сите нив имаме воспоставено стабилни трговски релации, производите произведени во Македонија може да се извезуваат на еден многу поголем балкански, па и европски пазар. Воедно, статусот на членка на НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија претставуваат одличен стимул за странските инвеститори за да инвестираат индивидуално или преку инвестициони фондови во развиените индустриски гранки.

Двајцата инвеститори имаат претходни искуства со инвестирање на Балканот и ги разгледуваат можностите во неколку балкански земји. Преку „Македонија2025“ и Стопанската комора на Македонија, во текот на нивниот деловен престој во државава ќе им бидат овозможени средби со клучните компании од различни сектори, на кои инвеститорите ќе може да добијат јасна слика за состојбата и да направат правилна одлука во однос на натамошните инвестиции.

 

Служба за информирање при Комората