Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА И ИНТЕРНЕТ ПРОДАЖБА – ОД ОТВАРАЊЕ Е-ПРОДАВНИЦА, РАЗВОЈ И ПРОДАЖБА
➢ Актуелно (28.07.2020)
👁 Прочитано: 1241



Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема:  ЕЛЕКТРОНСКА ТРГОВИЈА И ИНТЕРНЕТ ПРОДАЖБА – ОД ОТВАРАЊЕ Е-ПРОДАВНИЦА, РАЗВОЈ И ПРОДАЖБА

Во ера на дигитализација, присуството на брендовите на Интернет е важно за секој бизнис кој сака поголема видливост на своите производи и услуги. Новите трендови налагаат следење на барањата и потребите на потрошувачите кои од ден на ден се менуваат, оттаму потребата за поголема флексибилност на понудата, видливост на производите и услугите и користите од истите, ја наметнува дигитализацијата во работењето на бизнисите преку отварање на е-продавница.

Концептот на електронска трговија не само што ги забрзува процесите, туку ги прави производите и услугите подостапни до крајниот купувач. Доколку пред 10 години на овој концепт се гледаше со многу скептицизам и недоверба, денес е-трговијата претставува важен сегмент за бизнисите и предуслов за конкурентска предност и зголемување на уделот на пазарот за компаниите. 

Истражување спроведено од компанијата Visa говори дека дури 90 проценти од корисниците на платежни картички во Македонија купуваат производи и услуги преку Интернет. Од истите, 41 процент од потрошувачите купуваат онлајн неколку пати месечно, 45 проценти го прават тоа неколку пати годишно, додека 14 проценти купуваат преку интернет неколку пати неделно. 

Овие податоци несомнено говорат за важноста на е-трговијата, која во услови на светска пандемија стана уште попопуларна давајќи можност за потрошувачите од било која локација да извршат купување, гарантирајќи безбедност на нарачката и испорака на добрата и услугите.

Во насока на презентирање на најактуелните теми пред реалниот сектор, Центарот за едукација и развој на човечки ресури при Стопанската комора на Македонија на 28 јули 2020 година организираше „онлајн“ семинар на тема: „Електронска трговија и Интернет продажба - од отворање е-продавница, развој и продажба“. 

Беа презентирани различни „е-commerce“ решенија, процедури за плаќање преку Интернет, законски регулативи за регистирање на е-продавница и управување со лични податоци во насока на подготовка на македонските компании преку електронската трговија да го унапредат своето работење и да пристапат кон глобалниот пазар кој опфаќа нови сегменти на купувачи, од една страна, но и зголемена конкуренција која ја карактеризира овој пазар, од друга страна.

Предавач на семинарот беше Билјана Радоњанин, која е менаџер и ко-сопственик на е-продавницата „Ексивит“, дипломиран економист со повеќегодишно искуство во делот на ПР, маркетинг и продажба. Радоњанин е говорник на „Global Entrepreneurship Week“, Недела на претприемништвото, како и обучувач во областа на е-трговија.

 

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија