РЕПУБЛИКА СРБИЈА - НАШ НАЈГОЛЕМ БАЛКАНСКИ ПАРТНЕР

   

👁 Прочитано: 12937


РЕПУБЛИКА СРБИЈА - НАШ НАЈГОЛЕМ БАЛКАНСКИ ПАРТНЕР

Поддршката на регионална соработка преку задолжителни форми на регионално економско делување (во случајот на регионот на Западен Балкан тоа е ЦЕФТА-Договорот), надграден и поддржан од коморски регионални форми на делување - Асоцијацијата на балканските комори (АБК) и Коморскиот инвестициски форум (КИФ), значи пред се` поттик за усогласување на економските политики во земјите кои припаѓаат на регионот за побрз развој, приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар и можност за усогласување на правната рамка во земјите, со крајна цел нивно интегрирање на земјите од Балканот во меѓународните асоцијации НАТО и Европската унија.

Дека Република Србија е наш најголем балкански партнер говори фактот оти 57% од вкупната размена што нашата земја ја има со земјите од Западен Балкан се остварува само со Србија. Минатата 2018 година, статистиката евидентира меѓусебна трговска размена во вредност од 889 милиони САД$ и раст на обемот на размената од близу 11%.

При тоа, остварен е извоз во вредност од 277 милиони САД $ со раст од 11,24%, додека пак увозот изнесува 611,8 милиони САД $ каде се бележи раст од 10,5% споредено со 2017 година и евидентиран е дефицит во трговската размена за 2018 година во износ од 334,7 милиони САД$, кој во однос на 2017 година е зголемен за 9,84%.

Важноста на Република Србија како наш најголем трговски партнер од земјите кои припаѓаат на Западен Балкан ичетврт најважен партнер во надворешно-трговската размена по Германија, Грција и Велика Британија, во голема мера резултира и со добрата инфраструктурна поврзаност на двете земји, што е приоритет во креирање на деловните меѓусебни односи. Но, освен традиционалната трговска меѓусебна размена, со Република Србија се` поинтензивно се развиваат и заеднички регионални и мултилатерални иницијативи.

Секако, постои голем потенцијал за интензивирање и продлабочување на досегашната соработка особено во делот на иновациите, новите технологии и подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап на трети пазари, со цел да се достигне нивото на размената oд 2008 година кога беа реализирани речиси 1,5 милијарда САД долари , што е идентично на обемот на вкупната размена што нашата земја ја има со сите земји заедно од регионот на Западен Балкан.

Тоа може да се подобри само со заеднички проекти и инвестиции на сродни фирми од двете земји, како и унапредување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земјите во рамките на Коморскиот инвестициски форум.

Од особено значење е фактот што унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји има значење и влијание и за развој на поширокиот регион на Југоисточна Европа, како дел во кој припаѓаме.

Сепак, регионалната соработка треба да биде резултат на заемно признаени интереси на сите регионални засегнати страни при што ќе се адресираат развојните приоритети на секое стопанство и ќе се стават во контекст на регионален развој со цел да се создаде економска област што ќе биде конкурентна на глобално ниво .

Во таа насока, треба да се истакнат иницијативите за унапредување на соработката по дејности, особено во земјоделството и прехранбената индустрија, металната и електроиндустријата, како и во градежништвото, со формирање на конзорциуми и други облици на здружување, со цел заеднички настап на пазарите во Западен Балкан, како и на трети пазари.

Соработката и размената може да се зголеми и преку активирање на веќе формираниот Македонско-српскиот деловен совет во насока на интензивирање на економската соработка на компаниите, развивање на трговските контакти, насочување и унапредување на извозно-увозните можности. Со цел постигнување подобри резултати, овој Совет е еден вид логистичка поддршка за компаниите од двете земји, кој работи на поддршка, унапредување и промовирање на трговската размена меѓу Македонија и Србија. Но, за да бидат ефектите уште повидливи и реално корисни потребно е изработка на акциона програма во која ќе бидат опфатени активности насочени кон стимулирање на соработката, информираноста, контакти со домашни, странски, коморски и деловни партнери, со цел решавање на проблеми и прашања кои се од заеднички интерес во делот на економската соработка меѓу двете земји.

Неопходно е и да се реализира и започнатата иницијатива за заедничко управување на граничниот премин Табановце - Прешево при што најголема придобивка ќе има во протокот на стоки, преку воспоставување на системот на една царинска, санитарна, ветеринарна контрола на стоката, со што ќе се елиминира долгочасовното чекање на камионите и ризикот од намалување на вредноста на стоката која се превезува, а сето тоа со краен ефект, драстично помали трошоци за транспорт и раст на конкурентноста на производите на пазарот.

Во насока на поголема економска соработка исто така потребно е и формирање заеднички економски зони, развојни зони, коишто ќе бидат од интерес за бизнисите од двете страни, како и заедничкo Министерствo за регионален развој и заеднички институции кои му се потребни на бизнис секторот за да ја зголеми соработката. Решавањето на меѓусебните отворени економски прашања, отстранување на трговските пречки, бариери и олеснување на соработката, како и заеднички настап на трети пазари, следењето и детектирање на предизвиците со кои се соочуваат бизнисмените, се само неколку предуслови кои во наредниот период треба да ги решат заеднички двете држави, доколку сакаат таа трговска соработка двојно да се зголеми.

Република Србија и натаму ќе остане - НАШ НАЈГОЛЕМ БАЛКАНСКИ ПАРТНЕР. Но за да се постигне крајната цел – раст на обемот на размената и достигнување на нивото од 2008 година, што значи удвојување на сегашниот обем на трговска соработка, двете земји со засилена динамика и темпо треба да работа на воедначување на деловниот амбиент и постигнување поголема вредноста на регионот како една дестинација пред меѓународните пазари и институции.

Сашо Деспотоски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија