КОСОВО – ПАРТНЕР СО КОЈ ОСТВАРУВАМЕ НАЈГОЛЕМ СУФИЦИТ ВО РАЗМЕНАТА

   

👁 Прочитано: 8086


КОСОВО – ПАРТНЕР СО КОЈ ОСТВАРУВАМЕ НАЈГОЛЕМ СУФИЦИТ ВО РАЗМЕНАТА

Сашо Деспотоски
Сашо Деспотоски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија
Ако Србија е наш најголем трговски партнер анализирајќи го регионот на Западен Балкан, Косово е земјата со кој остваруваме најголем суфицит во трговската размена, односно поголема извозна активност за сметка на увозот.

Ваквата состојба, во услови кога нашата земја во трговската размена со земјите од регионот, евидентира континуиран раст на трговскиот дефицит,  косовскиот пазар, со кој остваруваме суфицит во размената, треба да се гледа како добра шанса во која само треба да се инвестира и да се бараат начини како истиот да се одржува и зголемува.

Република Северна Македонија и Република Косово традиционално и економски соработуваат, а имаат соработка и во различни регионални и мултилатерални иницијативи. Унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји е од особено значење за регионот, како дел на кој припаѓаме. Постои голем потенцијал за интензивирање и продлабочување на директната соработка меѓу бизнис секторот од двете земји и тие меѓу себе не треба да се гледаат како конкуренција. Двете земји треба да работат и во насока на градење заедничка стратегија за настап на трети пазари.

Во таа насока, главен акцент за продлабочување на економската и трговската соработка треба да биде ставен на воспоставување системски решенија помеѓу двете земји, имајќи го предвид фактот дека станува збор за комлементарно, две, сосема различни економии. Блиски географски, но далечни според економскиот систем на функционирање.  

Двете земји, се две мали економии, кои самостојно тешко успеваат да обезбедат долгорочен стабилен раст и развој. Но, земјите од Западен Балкан како мали економии можат да ја подобрат алокацијата на ресурсите и да ја зголемат својата продуктивност единствено преку искористување на економијата од обем со поголема регионална и меѓународна интеграција. Тие можат да ја подобрат својата позиција на глобалните пазари само ако соработуваат прво меѓусебно, а потоа и со други поразвиени земји, обезбедувајќи на тој начин трансфер на технологија и знаење што ќе им овозможи да се вклучат во нивните синџири на снабдување преку производство и извоз на производи со повисок степен на финализација и додадена вредност. Се повеќе е јасно дека за да може компаниите од Западен Балкан да бидат поконкурентни на пазарот и да се приближат кон Европската Унија, неопходна е регионалната економска соработка.

Ако се анализираат статистичките податоци, вкупната трговска размена на нашата земја со Република Косово во 2018 година достигна вредност од скоро 300 милиони САД$, со раст од 14,2% во споредба со 2017 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 265,8 милиони САД $  со раст од 17,78%, додека пак увозот изнесува 34,7 милиони САД $ каде се бележи намалување од 6,7% споредено со 2017 година, и евидентиран е суфицит во трговската размена за 2018 година во износ од 231 милиони САД$, каде што истиот во однос на 2017 година е зголемен за 22,67%.

Од бизнис аспект гледано, поради недостиг на политичка волја, а во услови на немање соодветна инфраструктура, изминатите години, двете соседни земји имаат намалена економска и трговска соработка на сите полиња. Дури за половина споредено со 2011 година. Имено, пред 7 години, размената изнесувала  589 милиони долари, што е двојно повеќе од 2018 година. При тоа беше реализиран суфицит од 516,8 милиони долари, што е 85% од вкупниот обем на трговска размена.

Косовскиот пазар е значаен за македонските земјоделски производители, за  прехранбениот сектор, градежништвото, трговијата, хемиската, нафтената индустрија, но поле за соработка има и во сите други дејности.

Двете земји имаа неискористен потенцијал во делот на туризмот и тоа од два аспекта. Прво, во промоција на македонскиот и косовскиот туристички потенцијал за туристи од двете земји и второ, во креирање заеднички туристички понуди за туристи од трети земји.

Имајќи го предвид фактот дека бизнисот нема време за чекање и покрај намалената трговска активност, стопанството прави напори за придвижување на процесите и надминување на проблемите кои ја кочат економската соработка да се одвива со поголемо темпо и динамика.

Приоритет и акцент во поттикнување на соработката е ставен на решавање на инфраструктурното поврзување на нашата земја со Косово, прашање кое се актуализираше во последните години, откако повеќе од една деценија беше ставено во мирување. Со реализација на овој проект, Косово ќе биде трет сосед на Македонија, со кој земјата ќе има директна конекција преку автопат. Засега, тоа е случај само со Грција и Србија, а во најскоро време треба да се реализираат и најавите за автопатско поврзување со Албанија и Бугарија. Во таа насока, ако се има во предвид фактот дека Косовската страна е при крај со изградба на целата траса на автопатско поврзување, останува изградба на само 13 километри автопат од македонска страна, што е главната рута од Скопје до Приштина. Започнати се подготвителни работи за проектирање и реализација на нашиот дел од автопатот и според најавите овој проект - автопатот Скопје - Блаце треба да биде реализиран до крајот на 2022 година.

Не помалку важно прашање кое треба да придонесе за побрз и полесен транспот на стоки и луѓе помеѓу двете земји е заедничкото управување на граничните премини, односно да постоење на една контролна точка на границата каде најголема придобивка ќе биде кај протокот на стоки со што ќе се одбегнат двојните контроли на самите премини. Од голема важност е и изградбата на царински терминал на преминот Јажинце кој ќе помогне за подобрување на размената меѓу двете земји и ќе значи олеснување пред се, за компаниите од Полошкиот регион, а со тоа се отвора и постои можноста извозно ориентираните косовски фирми да можат да ја користат слободната економска зона во Тетово.

Согласно погоре нотираните потенцијални полиња за соработка, Македонија и Косово треба да продолжат со одржување и на седниците на Мешовитиот комитет за економска соработка, на кој ќе ги отвораат и решаваат сите актуелни прашања кои постојат, се со цел интензивирање и продлабочување на соработката, како и надминувањето на сите трговски бариери и решавање на сите проблеми кои се од заеднички интерес за двете страни.

Податокот дека Косово е земјата со која остваруваме најголем суфицит во размената во регионот на Западен Балкан, надополнет со податокот дека Србија е наш најголем Балкански трговски партнер, само го потврдува фактот дека соработка прво меѓу земјите, а потоа и на ниво на регион е повеќе од потребно да се интензивира и развива. Близината, соседските односи, познавањето на културата, традицијата, обичаите се само причина повеќе бизнисот да стане доминантен во креирање и водење на регионалните иницијативи и активности, со крајна цел, развој на сите земји од Западен Балкан и приближување кон Европската унија кон која стремат.