СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ – ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ ИЗВОЗНИТЕ ПЕРФОРМАНСИ НА ДРЖАВАТА

   

👁 Прочитано: 1605


СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ – ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ ИЗВОЗНИТЕ ПЕРФОРМАНСИ НА ДРЖАВАТА

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, од состанокот на стопанските комори во рамките на процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа, во Приштина, 16.12.2019 година

За мала земја како Македонија со ограничен и мал пазар, единствената шанса за побрз и поголем економски раст може да дојде од неколку значајни фактори како што се: зголемената надворешна побарувачка, зголемениот извоз и приливот на странски директни инвестиции (СДИ). Основните предуслови ги има, односно Македонија е членка на Светската трговска организација, има Договор за слободна трговија со ЕУ и е членка на ЦЕФТА која овозможува бесцарински извоз и трговија со земјите од регионот. Оттука, целата стратегија за зголемување на извозот треба да се фокусира на тоа како македонските извозни компании да станат поконкурентни - и според квалитет и според цена.

Напорите на државата да реформира различни аспекти од деловното опкружување ја подобрија перцепцијата за земјата како поволна дестинација за странски директни инвестиции. Во моментов, 28 странски компании оперираат во технолошко- индустриските развојни зони (ТИРЗ), од кои 24 се целосно оперативни.

Странските инвестиции за економијата на која и да било земја имаат повеќедимензионално значење - тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за раст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и нови знаења, како и поефикасно корпоративно управување.

Работењето на странските инвестиции во последните години влијаеше на диверзификација на нашиот извоз, како во поглед на производите и дестинациите, така и во поглед на зголемената технолошка интензивност.

Новите производствени капацитети во странска сопственост, коишто главно работат во технолошко-индустриските развојни зони, веќе години наназад се главен носител на растот на домашната извозна активност. Со тоа тие придонесуваат за раст на економијата, а имаат и позитивно влијание на пазарот на трудот преку отворање нови работни места.

Странските директни инвестиции целосно ја променија структурата на македонскиот извоз. Размената стана поизбалансирана, земјава кон странство испорачува производи со повисока додадена вредност.

Сите 24 компании што работат во технолошко-индустриските развојни зони во 2018 година направиле извоз од 2,43 милијарди евра и тоа е за петтина повеќе отколку годината претходно, покажуваат податоците од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Тоа значи дека 45% од целиот македонски извоз минатата година е направен во овие зони. Проценките се дека годинава овој удел ќе се зголеми и дури половина од се` што извезува земјава надвор, ќе се произведува во погоните на компаниите што работат во зоните. Анализата на показателите покажува дека се зголемува и нето извозот од зоните, па така ако во 2017 година компаниите продале надвор за 283,4 милиони евра повеќе производи одошто увезле, минатата година извозот бил поголем од увозот за 342,7 милиони евра.

Вкупниот извоз на македонски производи и услуги минатата година достигна 5,86 милијарди евра, што е годишен раст од 17%. Извозот минатата година растел побрзо од увозот кој порасна за 12%, па така трговскиот дефицит е благо намален и достигна 1,8 милијарди евра, што е покриеност на увозот со извозот од 76,4%.

Потребно е да се истакне значењето на странските инвестиции и во диверзификација на производите што се извезуваат во странство, имајќи предвид дека листата на до неодамна традиционалните главни производи од домашните метална, текстилна и хемиска индустрија, кои имаа доминантно место во извозот, сега е проширена на производи кои се произведуваат во компаниите со странски капитал.

Ако до пред неколку години најизвезувани македонски производи беа нафтените деривати и челикот, сега по влезот на странските инвеститори најмногу извезуваме автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили... Но, истовремено странските фабрики многу го зголемуваат и увозот. Голем дел од суровините и репроматеријалите кои ги употребуваат странските фабрики во зоните се од увоз. Анализата на увозот по производи покажува дека петте најголеми ставки на страна на увозот лани биле суровини кои во производството ги користат најголемите извозници од зоните.

Вкупниот извоз од компаниите кои работат во слободните економски зони во првата половина од 2019 година достигна 1,4 милијарди евра, што е раст од 18,67% во споредба со истиот период претходната година.

Увозот, пак, од зоните во истиот период е зголемен за 32,15% и достигна 1,3 милијарди евра.

Тоа значи дека нето-извозниот ефект од зоните во првите шест месеци годинава е 71 милион евра.

Ако се анализира македонскиот извоз направен во изминатата година најголемиот дел или дури 47% е насочен кон Германија. Во Германија минатата година сме извезле производи во вредност од 2,7 милијарди евра, што е зголемување од 17,2% за една година. Речиси целиот извоз кон Германија отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во фабриките кои странските инвеститори ги отворија во слободните економски зони. Најголем дел од извозот кон Германија отпаѓа на компанијата „Џонсон Мети“, чиј извоз надминува 1,5 милијарди евра.

Бројот на вработени до февруари 2019 година достигна 13.196 лица, но доколку се земат предвид и странските компании лоцирани во индустриските зелени зони, вкупниот број на вработени достигнува и до 25.000 лица.

По инвестицискиот бум што го забележа Народната банка со рекорден износ на странски директни инвестиции во 2018 година од околу 625 милиони евра, странските директни инвестиции достигнаа 5,8% од бруто домашниот производ (БДП), што e малку над просечното ниво во регионот на Западен Балкан од 5,5%. На континуираните силни перформанси од страна Западен Балкан сведочи растечкиот успех на регионот во привлекувањето странски инвестиции, цементирајќи ја својата позиција во глобалните синџири на вредности. Додека перформансите на одделни земји варираат од година во година, регионот како целина се соочува со одржливо високо ниво на интерес од странски инвеститори.

Поважни економски индикатори за СДИ во земјава

2,43 милијари евра извоз од ТИРЗ во 2018 година (раст од 20% на годишно ниво)

342,7 милиони евра е нето извозот во 2018 година од ТИРЗ

13.196 лица се вработени во ТИРЗ

(околу 25.000 вработени лица заедно со компаниите во индустриските зелени зони)

624,5 милиони евра СДИ во 2018 година (зголемување од 244 отсто во однос на 2017г.)

5,8% учество на СДИ во бруто домашниот производ (БДП) во 2018 година

Во однос на структурата на странските компании застапени во ТИРЗ и индустриските зелени зони, најголемиот дел од нив се реномирани глобални т.н. ТИЕР 1 и ТИЕР 2 европски и американски добавувачи на делови на светски познати автомобилски брендови, понатаму производители на апарати за домаќинство, бојлери и фармацевтски производи кои користат висока технологија и софистицирани производствени процеси, при што креираат работни места за високо едуциран и професионален кадар и извоз на добра со висока додадена вредност. Тоа што овие компании го имплементираат како работен процес, менаџерски пристап и размислување, етичко работење, ефективност, заштита на животната средина, професионално усовршување, како и трансфер на технологија и знаење се најголеми придобивки кои би ја подобриле конкурентноста на целокупната економија.

„Успешноста во работењето на новите производствени капацитети упатува на ефикасна организација на овие компании, функционалност на избраните деловни модели засновани на технолошки напредно производство и квалитет на управувачките процеси, а кај одредени субјекти значајна предност е и припадноста кон меѓународно активни компании. Имено, станува збор за компании што се насочени кон производство на производи со повисока додадена вредност и се дел од меѓународните синџири на снабдување што го олеснува пристапот на глобалниот пазар и позитивно влијае врз успешноста во работењето”, утврдила Народната банка. Анализите покажуваат дека е потребно повисоко ниво на соработка на новите производствени капацитети со компании од домашната економија преку набавки на стоки и услуги, како и на основни средства. Тука, во овој процес на соработка активно е вклучена преку одреден број на активности и проекти Стопанската комора на Македонија со цел вмрежување и поголема соработка меѓу домашните и странските компании и вклучување на домашните компании во синџирот на добавувачи на странските компании. Советот на странски инвеститори кој функционира во Комората исто така има зацртано многу активности кои се во оваа насока на зголемување на соработката со домашните компании.

Бидејќи проценките укажуваат на многу ниско ниво на вклученост на домашните компании во синџирите на снабдување на новите производствени капацитети, потребна е поголема соработка и активности на тој план. Ниското ниво на соработка на домашните компании со фабриките во ТИРЗ зоните се наведува дека е резултат на недостигот на соодветна технологија, непочитување на стандардите и времето на испорака, како и начинот на плаќање. Континуирано мора да се работи на подобрувањето на конкурентноста на домашните компании до степен да можат да се вклучат во синџирот на добавувачи на мултинационалните компании локално, а и во глобални рамки.

Последната активност на Стопанската комора на Македонија во оваа насока беше завршната конференција која пред една недела се одржа во Скопје во рамките на Проектот на ЕУ: „Зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори“, на која беа потенцирани активностите преземени во двегодишниот проект. Основната цел на проектот беше унапредување на перформансите на компаниите од металопреработувачката и автомобилската индустрија во насока на обезбедување на нивна поголема компетитивност, која понатаму ќе резултира со подобра соработка со странските инвеститори, но и како резултат и на подобрените извозни компетенции и со други странски компании. Проектот резултираше со обучен кадар во компаниите и имплементација на одредени напредни производни и менаџерски пристапи, кај околу 20-тина македонски компании, а кај шест од нив беа имплементирани индустриски проекти во текот на изминатите две години. Стопанската комора на Македонија и во иднина ќе продолжи со такви активности.