ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
20.05.2019 👁 Прочитано: 1184

КЛУЧОТ Е ВО ЗЕМЈИШНАТА ПОЛИТИКА


м-р Никола Деребанов
м-р Никола Деребанов, Перминдекс ДООЕЛ Градско (застапник на фирмите Винарија Стоби, Вардар Градско, Црвени Брегови и млекара Галичник)

Земјоделско прехранбениот сектор е сложен диверзифициран систем кој вклучува повеќе сектори и многу проблеми кои го оневозможуваат развојот на оваа клучна стопанска гранка во македонската економија.

Проблемите во земјоделието речиси стануваат традиционални. Кажуваме имаме ниски приноси, ниска продуктивност, па оттука и ниска профитабилност, што го прават системот неодржлив. Ситуација повеќе од 10 години само се влошува. А во исто време отсуствуваат сериозни структурни мерки и реформи.

Од аспект на компанија која е застапник на повеќе земјоделско прехранбени компании може слободно да кажам дека основен проблем од каде треба да се тргне при креирање политика за раст и развој на земјоделскиот сектор е големината на земјоделското стопанство.

Просекот на земјоделските стопанства во Македонија во 2016 година е 1,8 хектари. што споредено со просекот на земјите од Европа, во зависност од земјата изнесува една петина до една десетина од европскиот просек.

Ова јасно покажува дека проблемот е дефиниран. Но кои мерки сме ги преземале ние за негово надминување односно решавање.

Во 2011 нашата земја има направено промена во Законот за земјоделско земјиште во кое е забранета физичка делба на катастарски парцели помали од 2 хектари. Со тоа наместо да го решиме, како држава сме го влошиле проблемот. Сите мерки кои досега ги правиме се во спротивност со земјоделската стратегија која што вика дека треба да се окрупнуваме.

За да се спречи раситнувањето на земјата потребна е промена на Законот за наследство на земјоделските стопанства, со кој еден земјоделец иако има повеќе наследници според законот само еден ќе може да го наследи правото на земјата. Другиот ќе биде обештетен, бидејќи не е наследник.

Имаме и доста земјоделско земјиште кое е неискористено затоа што има нерешени имотно-правни односи, наследни проблеми или пак сопствениците се иселени и т.н.

Иако како држава немаме право да одземеме сопственост, секако имаме право да одземеме корисничко право.

Ако сопственикот не сака да ја работи обработливата површина (нивата), многу веројатно дека во околината роднина, сосед или друго лице има интерес да го обработува тоа парче земја. И ние треба да направиме услови како да му овозможиме на тој земјоделец што стварно сака да се бави со земјоделие да има земја и како да го зголемиме овој просек на земјоделско стопанство. Тоа ја оправдува идејата за данок на необработено земјиште .

Поради сето ова сметам дека, основен проблем кој што треба да се решава под итно е големината на земјоделските стопанства, бидејќи малите земјоделски стопанства не можат да бидат продуктивни, а непродуктивни стопанства не придонесуваат за развој на земјоделско прехранбениот сектор.

КЛУЧОТ Е ВО ЗЕМЈИШНАТА ПОЛИТИКА