ДАНОЧНИ ПРИХОДИ ВО 2019 ГОДИНА

   

👁 Прочитано: 1683


ДАНОЧНИ ПРИХОДИ ВО 2019 ГОДИНА
Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Плаќањето на данок не е чин на доброволно давање, туку произлегува од авторитетот на државата, кој еднострано ја утврдува и ја наметнува даночната обврска.

Кому и колкави обврски наметнува нашата држава?

Историски, структурата на приходите во Буџетот упатува на значително поголемо учество на приходите од индиректните, односно од даноците на потрошувачка, за сметка на директните даноци (даноците на доход).

Значи, крајните потрошувачи во многу поголема мера ги финансираат јавните расходи.

Вкупните приходи на Буџетот во 2019 година изнесуваат 203.911 милиони денари, од кои 178.897 милиони денари се приходите од даноци и придонеси. Даночните приходи во 2019 година изнесуваат 116.729 милиони денари, односно 57% од вкупните приходи во буџетот се приходи од даноци. Во споредба со 2018 година, даночните приходи пораснале за близу 2%.

Од данокот на додадена вредност во 2019 година остварен е износ од 52.059 милион денари и истиот е со доминантно учество во вкупните даночни приходи од 44,6%. Од акцизи, остварени се приходи во износ од 26.087 милиони денари и нивното учество во вкупните даночни приходи изнесува 22,3%.

Така, од овие два индиректни данока вкупно се остварени приходи од 50.320 милиони денари или близу 67,0% од вкупните даночни приходи во 2019 година. 

Во однос на директните даноци, во 2019 година остварени се 18.706 милиони денари приходи од данокот на личен доход и истите забележуваат раст од 6,5% на годишна основа, а приходите од данокот на добивка во 2019 година изнесуваат 11.555 милиони денари и забележаа помало остварување за 21,6% во однос на 2018 година, кога истите изнесуваа 14.745 милиони денари.

Во 2019 година, од царина се остварени приходи во износ од 6.033 милиони денари и истите бележат зголемување од 7,7% во споредба со 2018 година.