НЕМА ПОГРЕШНО ВРЕМЕ, ИМА ПОГРЕШНИ ПРАШАЊА, НО БИЗНИСОТ ГИ ПОСТАВУВА ВИСТИНСКИТЕ ...

   

👁 Прочитано: 719


НЕМА ПОГРЕШНО ВРЕМЕ, ИМА ПОГРЕШНИ ПРАШАЊА, НО БИЗНИСОТ ГИ ПОСТАВУВА ВИСТИНСКИТЕ ...
НАФТОВОДОТ, ЖЕЛЕЗНИЦАТА, АКЦИЗИТЕ, ЦАРИНАТА, ДДВ-ТО, СУБВЕНЦИИТЕ, ПАРАФИСКАЛНИТЕ ДАВАЧКИ ЈА РАЗБРАНУВАА ЈАВНОСТА

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Изминатата недела продолжи бурата на реакции во јавноста околу прашањата изнесени во моите претходни колумни, поврзани со предлозите за пазарот со нафтени деривати. Посочив неколку пати, но пак ќе потенцирам – сите предлози и иницијативи потекнуваат од самата деловна заедница – сите овие идеи и предлози стигнаа до мене како одговор на дописот кој го испратив до сите членови на органите и телата на Стопанската комора на Македонија и како резултат на дискусиите на претставниците од стопанството во Економскиот совет при Владата на РСМ.

Сепак, останувам на ставот дека сите овие прашања заслужуваат широка дискусија и таа треба да се одвива помеѓу сите засегнати чинители. Многу од нив се и претходно многупати повторувани и покренувани во јавноста и однапред се извинувам ако на моменти ви се чиниме досадни со истите барања, но за сите овие прашања јавноста заслужува уште еднаш да ги слушне дилемите на бизнис заедницата, особено сега, во период во кој македонското стопанство се соочува со здравствена криза која предизвика економска криза од невидени размери, а во услови кога сé уште не може прецизно да се согледа до кога оваа состојба ќе трае и колкави ќе бидат кумулативните негативни ефекти за македонската, но и за светската економија.


 
Затоа, следното прашање што ќе го покренеме ќе се фокусира на една од нашите движечки сили – ИЗВОЗОТ. Свесни сме дека многу можеше и досега да се направи за да се даде поткрепа на овие пионери (едвај 5% од вкупниот број на деловни субјекти во земјата, кои успешно со години успеваат да стигнат на пазарите ширум светот), но во овие услови, повеќе од кога било треба да се сослушаат нивните предлози за надминување на прашањата кои им се сериозен товар во секојдневното работење. Три се прашањата што ќе ги покренеме – дали е крајно време царинските стапки за увоз на суровини и репроматеријали од трети земји да се укинат, односно да се усогласат со стапките што се применуваат во ЕУ, апелот што побрзо да се реактивира железницата како транспортна опција и барањето да се поедностави товарот за извозниците, преку активирање на можноста за пребивање на ДДВ при увоз на суровини или репроматеријали со побарувањата по основ на поврат на ДДВ.

Ќе следат и други групи на прашања од витално значење...

П.С. На сите граѓани од православна вероисповед им го честитам утрешниот голем празник Велигден, со желби да го прослават во мир во своите домови и во добро здравје. Честитка за утрешниот празник упатувам и до сите членови на органите и телата на Комората од православна вероисповед, како и до вработените во нашата Стручна служба – да празнуваме во мир и да се радуваме на празникот во добро здравје и заеднички да се справуваме со предизвиците кои не‘ очекуваат. Најавувам дека одма после празникот продолжуваме со сериозна аргументација околу нашите предлози за поддршка на извозот. Како и секогаш, тоа ќе го презентира мојата колешка д-р Татјана Штерјова.