СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ И КОРОНА-ВИРУСОТ

   

👁 Прочитано: 2282


СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ И КОРОНА-ВИРУСОТ

д-р Елена Милевска Штрбевска, Главен Советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

Имајќи го предвид фактот дека корона вирусот и мерките кои се преземаат во врска со спречување на неговото ширење неминовно ќе доведат до забавување на економската активност, најголем дел од компаниите, вклучувајќи ги и големите индустриски капацитети, ќе трпат огромни штети во работењето. Како странските инвеститори ќе продожат успешно да работат во вакви услови, секако, ќе зависи од самите компании и од нивниот потенцијал да направат соодветна реорганизација на производството, заради намалената побарувачка, но и од поддршката на државата, заради побрзо закрепнување и полесно пребродување на последиците од кризата.

Податоците од неодамна спроведената анкета на Стопанската комора на Македонија помеѓу компании од сите големини и сектори, кои претставуваат годишни приходи од 1,5 милијарди евра, во врска со очекувањата на бизнис-секторот и последиците од „Корона-кризата“ во Македонија, јасно покажуваат дека последиците за македонската економија нема да бидат занемарливи.

Сето тоа, неминовно ќе се одрази и врз ликвидноста на компаниите. Тоа се потврдува и со податокот дека согласно споменатата анкета, 56% од компаниите соочуваат со проблеми поврзани со ликвидноста. Во вакви услови, очекувано е компаниите да имаат државата да обезбеди соодветна дополнителна поддршка за компаниите, и тоа со мерки кои ќе бидат апликативни не само за малите и средните бизниси, туку и за големите компании, кои реално најмногу придонесуваат и за позитивно придвижување на состојбите на економски план во целата економија.

Согласно истражувањето на OECD од април, во врска со мерките на земјите од Југоисточна Европа за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот Ковид-19, покрај очекуваните последици кои се поврзани со пад на обемот на производството, увозно-извозните активности, недостаток на суровини, намалена побарувачка на одредени производи и услуги, може да се очекува дека економскиот раст ќе биде забавен и како резултат на намалените инвестиции во јавниот и во приватниот сектор.

Придонесот на странските инвестиции во последните три години во економиите на Западен Балкан се особено значајни, од причина што тие навистина придонесоа за технолошки напредок и трансфер на знаења, креирање нови работни места, а со тоа и поттикнување на економскиот раст.

Согласно компаративните показатели за видот на преземените мерки, согласно споменатото истражување, евидентно е дека сите држави од регионот имаат воведено определени мерки за малите и средните претпријатија, пришто Република Северна Македонија се посочува како земја во која се дадени конкретни кредитни линии за поддршка, но не и мерки кои обезбедуваат државни гаранции за заеми, кои би овозможиле компаниите да ги покријат оперативните трошоци од работењето (покривање на трошоците за плати, закупи и слично). Согласно анализата на ОЕЦД, Република Македонија се наведува како единствена земја од Западен Балкан која ја ограничи пристапноста до некои мерки за поддршка (вклучувајќи го и одлагањето на даночни обврски и слично), само на одредени сектори, како што се туризмот, транспортот и услужниот сектор. (табела во продолжение)

Советот на странските инвеститори ги цени напорите направени од страна на Владата за обезбедување поддршка на засегнатите компании, но истовремено Советот цени дека може, со своите предлози ефикасно да придонесе за развивање нови мерки, кои што ги применуваат многу влади ширум светот, кои би можеле да бидат од помош и за компаниите и за економијата во целина, а притоа би имале помало влијание врз државниот буџет.

Имајќи ги предвид компаративните искуства од регионот и од Европа, Советот на странските инвеститори и Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, што фукнционира во состав на Советот, во изминатиот период во три наврати учествуваa во предлагањето конкретни мерки за поддршка на извозните компании, предлагајќи мерки директно насочени кон зачувување на работните места, итна поддршка на компаните во делот на даночните олеснувања и обезбедување поволни кредитни линии и за големите индустриски капацитети, како и мерки за подготовка за брзо закрепнување.

Во таа насока, членките на Советот на странските инвеститори ги поддржуваат напорите на Владата за креирање мерки за сите погодени компании, но инсистираат при нивното креирање, да се има предвид и позитивниот мултипликативен ефект на овие компании врз заживувањето на економската активност во наредниот период. Како примери за мерки кои можат да се применат и кај нас беа посочени и мерките во Полска и Унгарија, каде е предвидено субвенционирање на платите за вработените за големите извозни компании, во форма на грантови, во сооднос 60% од трошоците кои се покриваат од страна на компанијата, наспроти 40% од трошоците кои се покриваат од страна на државата. Соодносот во Германија е 60% покрива државата, а 40% компанијата. Искуствата од Словенија и Хрватска, исто така, предвидуваат неповратна помош во форма на грант, со предвидување на соодветни услови кои треба да се исполнат, но притоа истата е наменета не само за мали и средни компании, туку и за големите, извозни компании. Во таа насока, беа дадени и предлози за субвенционирање на начин што државата ќе покрие 50% од трошоците, во вид на неповратна помош, со разработени критериуми за исплата, а со можност да се реализира и одложено.

Компаниите отворено истакнуваат дека во услови на намалено производство и извоз, а без соодветна државна поддршка, може некако се да се опстојува со задружување на вработените само уште многу краток период. Имено, мултинационалните компании ги следат и анализираат компаративните искуства од работата на нивните компании во разни земји, па оттука, тоа може да биде и една од причините за преселување на производството во друга земја, која нуди засилена поддршка за работа на странските инвеститори, што секако, може да има огромни последици за националната економија, од аспект на намалена економска активност, намалено производство на софистицирани производи со додадена вредност, зголемен број на невработени итн.

Повеќе од јасно е дека поддршката на приватниот сектор во овој кризен период, кој не го вклучува само периодот на траење на вонредната состојба, туку и потоа, е повеќе од потребна. Очекувањата се дека преку мерките кои би овозможиле одложување на побарувањата и обвските, но и засилена поддршка за големите индустриски капацитети, ќе се овозможи полесно пребродување на негативните економски ефекти за компаниите, но и за националната економија.