ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ТРАНСПОРТНИТЕ ЗЕЛЕНИ КОРИДОРИ НА ПОДРАЧЈЕТО НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗАПОЧНУВА СО ПРИМЕНА
👁 Прочитано: 5188



ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ТРАНСПОРТНИТЕ ЗЕЛЕНИ КОРИДОРИ НА ПОДРАЧЈЕТО НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ЗАПОЧНУВА СО ПРИМЕНА

Владата на Република Северна Македонија, прва помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, ја поддржа Иницијативата за воведување на т.н. зелени коридори на подрачјето на Западен Балкан, и нивно поврзување со зелените коридори воспоставени во државите-членки на ЕУ, преку прифаќање на Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во регионот на Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ.

Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и Секретаријатот  на ЦЕФТА е изготвен како одговор на предизвиците за обезбедување на непречено одвивање на транспортот, наспроти воведените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот COVID-19, со цел да се овозможи одржувањето на непрекината врска со државите-членки на ЕУ, со кои државите од Западен Балкан реализираат повеќе од 70% од трговската размена на годишно ниво.

Иницијативата за воспоставување на т.н. зелени коридори има за цел да ја олесни трговијата и транспортот на стоки, преку регулирање и усогласување на воведените дополнителни мерки на претпазливост, преземени заради спречување наи ширењето на коронавирусот COVID-19, со цел да се овозможи транспортот на сите видови на стоки да се спроведува под услови колку што е можно поприближни кон условите кои важеа пред избивањето на пандемијата на коронавириусот COVID-19.

Предложениот пристап се заснова на два столба: се идентификуваат ограничен број на приоритетни гранични премини и клучни пристаништа, кои треба да биде овозможено да продолжат да работат непречено во сите околности, и се идентификува серија на „зелени оски“ што ги поврзуваат шесте држави од подрачјето на Западниот Балкан, на кои треба да биде загарантиран слободниот проток на сообраќајот и да биде обезбедено ограничен број на бензински пумпи да останат отворени за да може да ги сервисираат потребите на транспортерите, без оглед на понатамошните мерки за ограничување на движењето кои би можеле да бидат воведени во секоја од шесте држави од подрачјето на Западен Балкан.

Иницијативата, од една страна треба да овозможи максимизирање на искористувањето на патната инфраструктура, преку воедначување на дозволените транзитни часови, во траење од најмалку 12 часа, кои треба да обезбедат доволно време за утовар/истовар на возилото и напуштање на територијата на државата, и истовремено да бидат суспендирани сите постоечки возачки ограничувања за товарен сообраќај, особено во урбаните средини.

Истовремено, со иницијативата се предвидува воспоставување на „зелени приоритетни ленти“ на граничните премини на коридорите, наменети за сообраќај на производи од приоритетни значење (вклучувајќи прехранбени производи, добиток, храна за животни, хемикалии, медицински средства и опрема). При тоа, транспортот на стоки од приоритетно значење треба да има првенство во однос на другите стоки преку „зелените ленти“. Протокот на сообраќај мора да се гарантира преку 24/24 часовно работење на граничните премини, при што царинските и фитосанитарните контроли треба да бидат извршени на најефикасниот можен начин, а санитарните проверки на возачите треба да бидат спроведувани 24/24 часа, преку процедури кои ќе бидат заеднички усогласени помеѓу државите на Западен Балкан. Заради олеснување на размената на информации, сите информации ќе бидат разменувани преку Системот за електронска размена на податоци на Царинските Управи од државите од ЦЕФТА регионот, при што преднајави за пристигнувањето на возила со приритетни стоки преку овој систем ќе се доставуваат до царинските служби, санитарните, фитосанитарните и ветеринарните инспекциски служби.

Овие мерки ќе се применуваат следните гранични премини:

- Коридор А:
  • Србија-Северна Македонија (Прешево/Табановце)
  • Србија-Црна Гора (Добраково/Гостун)
  • Србија-Косово (Мердаре/Мердаре)
  • Пристаниште Бар

- Коридор Б:
  • Црна Гора-Косово (Кула/Калина)

- Коридор В:
  • Пристаниште Драч
  • Косово-Албанија (Врмицa/Моринa)
  • Северна Македонија-Косово (Блаце/Хани Елезит)
  • Албанија-Црна Гора (Хани Хотит/Божај)
  • Албанија-Северна Македонија (Ќафе Тане-Ќафасан)

При тоа, на овие гранични премини не треба да се наметнуваат дополнителни барања за сертификација за стоките, а на транспортните работници, без оглед на нивната националност и местото на живеење, треба да им се дозволи да ги преминат сите премини, при што ограничувањата на движење, како што се патни ограничувања и задолжителниот карантин, не треба да се применуваат на транспортните работници, а санитарните прегледи за возачите не треба да траат повеќе од 15 минути.

Оваа иницијатива, по прифаќањето од страна на сите 6 земји од ЗБ, во втората фаза понатаму ќе овозможи меѓусебно поврзување на зелените коридори на Западен Балкан и на ЕУ, за да се обезбеди надминување на блокадите и слободен проток на стока.

д-р Татјана Штерјова