Палмер - Чадеж: Регионалната соработка во Западен Балкан никогаш не била поважна
👁 Прочитано: 4108



Палмер - Чадеж: Регионалната соработка во Западен Балкан никогаш не била поважна
Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија

Зајакнување на регионалната економска соработка и интеграција, забрзување на создавање заедничка економска област на Западен Балкан и подлабока интеграција на регионот во правниот и економскиот систем на Европската унија се клучни за закрепнување на регионалните економии од ефектите на пандемијата Ковид 19 .

Ова беше заклучено во телефонскиот разговор меѓу Марко Чадеж, претседател на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум и Метју Палмер, заменик-помошник на државниот секретар на САД и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

За време на повикот беше споменато формирање на посебен фонд за поддршка на активностите насочени кон зајакнување на регионалната соработка. Овој фонд може многу да придонесе за зајакнување на процесот на регионалната и европската интеграција на Западен Балкан, а исто така може да доведе и до побрзо закрепнување на економиите од регионот.

„Проблемите со кои се соочуваат нашите економии за време на тековната здравствена криза уште повеќе ја истакнаа важноста за воспоставување Регионална економска област, заснована врз слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал и ја истакна потребата за нејзино спроведување што е можно поскоро, за да се обезбеди побрзо закрепнување на економиите од Западен Балкан. Во исто време, овие нови околности дополнително ја подигнаа општата свест за значењето од креирање на посилна регионална интеграција во наредниот период, но исто така ја потврдија и подготвеноста на економиите на Западен Балкан да ја зајакнат досегашната соработка. Еден пример за ова е и воспоставувањето на „зелени“ коридори за побрз и полесен транспорт на стоки во регионот“, истакна Чадеж, пренесувајќи ги најважните точки од неговиот разговор со Палмер.

Бидејќи економското закрепнување на Западен Балкан во голема мера зависи од темпото на закрепнување на ЕУ, како главен надворешен трговски партнер во регионот со учество од над 70 проценти во вкупната трговска размена, неопходно е земјите од Западен Балкан да се поврзат со системот за размена на информации за „зелените“ коридори на ЕУ, што поскоро. Ова ќе обезбеди побрз проток на стоки меѓу регионот и ЕУ, овозможувајќи непречено снабдување со суровини и готови производи. Стабилното снабдување е од клучно значење со цел да се обезбеди непречено функционирање на веќе воспоставените синџири на снабдување меѓу земјите-членки на ЕУ и Западен Балкан.
„Исто така, се согласивме дека претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин е Хрватска, е можност лидерите на Западен Балкан да формализираат конкретни договори во насока на интензивирање на соработката со цел забрзување на економското закрепнување на регионот, но и за презентирање на концепт на „инклузивно проширување“, што Коморскиот инвестициски форум веќе го испрати до Европската комисија во форма на детален предлог“, истакна Чадеж.

Тој посочи дека од голема важност е овој концепт да биде официјално усвоен на претстојниот Самит и да се започне со неговото спроведување за време на претседавањето на Германија со ЕУ. Тоа би значело дека економиите од Западен Балкан се третираат како дел од единствениот пазар на ЕУ, овозможувајќи им да се интегрираат во одредени области веднаш откако ќе ги исполнат сите потребни критериуми предвидени со директивите на ЕУ.