ДОМАШНИОТ БУРЕК НА „КАДИНО“ НАСКОРО И ВО ГЕРМАНСКИТЕ СУПЕРМАРКЕТИ

   

👁 Прочитано: 7101


ДОМАШНИОТ БУРЕК НА „КАДИНО“ НАСКОРО И ВО ГЕРМАНСКИТЕ СУПЕРМАРКЕТИ

По повеќекратното успешно учество на светските саеми за храна во изминатите години во Европа и во САД, оваа година „Кадино Индустри Груп“ од Скопје ја започна со учество на  традиционалниот Саем за храна во Берлин,  познат како „Зелена недела Берлин“, кој во 2020 година беше домаќин на повеќе од 1800 учесници и над 400.000 посетители кои можеа да видат и да пробаат над 100.000 продукти од целиот свет.

Се работи за саемска манифестација со 90-годишна традиција и огромна популарност меѓу жителите во Германија поради можноста да се запознаат со  разновидни вкусови и традиции од различни земји, презентирани преку разновидната храна и пијалаци и неограничена забава која трае цели десет дена во главниот град, секоја година во континуитет. Всушност и самата суштина на овој Ссаем е на национално ниво земјите да ги презентираат вкусовите и традициите  преку компании кои ќе ги изложат своите производи.

Оваа година, во периодот од 17-26 јануари, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, „Кадино“ имаше прилика да учествува на „Зелена недела“ и да го доближи вкусот на македонскиот традиционален бурек до германското население.

Компанијата пред повеќе од десеттина години  ја разви идејата за замрзнат бурек чие производство е 100% рачно според традиционалната техника за изработка на корите, што всушност е основата за препознатливиот вкус кој преку производите на компанијата е веќе застапен во повеќе европски земји, меѓу кои Швајцарија, Белгија, Франција, Словенија, Хрватска, но и на други континенти: Канада, Америка, Австралија.

Токму таа техника на изработка на производот, преку демонстрација во живо, имаа можност да ја видат сите посетители на Саемот во Берлин.

Еден од нив беше и познатиот германски готвач, водител, гастрономски критичар Дирк Хофман, заедно со неговата екипа, кои беа воодушевени од целиот чин на изработка на производот и  секако од самиот вкус на производот, па посака и тој заедно со главниот мајстор за бурек од компанијата да се испроба во техниката на негова изработка и истата да ја сподели со гледачите на својата популарна емисија на германскиот ТВ Канал Eins.

Покрај големиот интерес од страна на посетителите кои сакаа да го пробаат производот и  се интересираа во кои супермаркети во Германија истиот може да се купи, имаше и такви кои беа заинтересирани за деловна соработка преку увоз и дистрибуција на производот во Германија и изразија желба да ја посетат нашата компанија. Генерално  тоа се компании кои веќе реализираат увоз и дистрибуција  во Германија и ги снабдуваат супермаркетите и рестораните со поголем асортиман на производи. Контактите со нив продолжуваат во насока на потенцијална можност за соработка и искрено се надеваме дека во брзо време овој производ ќе биде застапен и на германскиот пазар и достапен за сите оние кои сакаат вкусен бурек.

Васко Ристовски