КОРОНА ВИРУС КРИЗАТА МОЖЕ ДА СОЗДАДЕ МОЖНОСТИ НА ДОЛГ РОК

   

👁 Прочитано: 4358


КОРОНА ВИРУС КРИЗАТА МОЖЕ ДА СОЗДАДЕ МОЖНОСТИ НА ДОЛГ РОК

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија


Градежништвото се соочува со неизвесност. Меѓутоа, свесни сме дека ваквата состојба е глобална и во моментот најважно е зачувувањето на јавното здравје. Тешкотиите со кои се соочуваме се обидуваме да ги гледаме како предизвици за бизнис заедницата и државата на долг рок. Во следниот период, од особено значење ќе биде точната проценка на состојбите и евалуација на влијанието на последиците врз идните активности на градежните компании. Меѓусебната соработка, комуникација и координација ќе биде од значење за успешна и навремена реализација на проектите. 
Анализирана долгорочно корона вирус кризата може да отвори нови можности и простор за решавање на горливите прашања за градежништвото од изминатиот период, за што е потребно државата да создаде соодветни услови кои ќе бидат во насока на задржување на работниот квалификуван кадар во земјата, како и за воспоставување стратегија за поголем ангажман на домашните градежни компании кои несомнено е дека имаат капацитет и се докажани во реализацијата на сериозни градежни проекти во земјата и во странство. Цениме дека градежништвото како стопанска гранка во периодот по завршување на корона вирус кризата би придонело за враќање на нормалните текови и повторно раздвижување на економијата и затоа треба да се посвети соодветно внимание на планирањето и реализацијата на инвестициите во овој сектор.

Тргнувајќи од максимата инспирирана од Чарлс Дарвин дека не најсилниот, туку најадаптабилниот опстанува, може да се каже дека покрај проблемите, многубројни се и предизвиците и можностите за градежништвото и економијата во целина, а на нас останува дали и колку ќе ги искористиме.