НАМАЛЕНИТЕ ИСПОРАКИ КОН КУПУВАЧИТЕ ГИ ЗГОЛЕМИЈА ЗАЛИХИТЕ ВО КОМПАНИИТЕ
👁 Прочитано: 2036



НАМАЛЕНИТЕ ИСПОРАКИ КОН КУПУВАЧИТЕ ГИ ЗГОЛЕМИЈА ЗАЛИХИТЕ ВО КОМПАНИИТЕ

Ацо Попоски, претседател на Здружението на металургијата, „Железник челичен лив и гранулат“ - Демир Хисар

 

Поради природата на дејноста (која функционира на принцип на подолгорочни нарачки), во првите месеци по избивањето на здравствено-економската криза, генерално, компаниите ги продолжија производните процеси, но во изминатиов период испораките беа намалени за 30 до 40 % што доведе до зголемување на залихите.

На состојбите во секторот дополнително негативно влијаат и движењата на цените на металите и минералите на светските берзи. Како последица на наглото намалување на активноста во преработувачката индустрија и покрај мерките за поддршка на побарувачката, во првиот квартал од 2020 година индексот на Светската банка за метали и минерали падна за 4,7%, што е трет последователен квартал со пад на цените на овие суровини, а очекувањата се цените на металите во 2020 година да паднат за 13,2% што, секако, дополнително ќе се одрази на работењето на македонските компании од секторот металургија и до крајот на 2020 година.

Дополнително оптоварување за компаниите се и воведените заштитни мерки за увоз на челик во ЕУ кои, според важечкото уредување, ќе останат во примена до 30.6.2021 година. Со последното ревидирање на воведените заштитни мерки што се применуваат од 1.7.2020 година, со кои се воведени квартални ограничувања на квотите, дополнително се зголемува административниот товар за компаниите за спроведувањето на овие мерки, а останува проблемот што за некои од клучните групи на производи (вклучувајќи ги цевките и челичните профили) националните квоти се недоволни и се исцрпуваат пред определените рокови. Во вакви услови, поради неможноста за поголем раст на производството и на извозот, компаниите се принудени да размислуваат да ги пренасочат инвестициските активности во држави-членки на ЕУ или да ги стопираат планираните инвестициски активности за зголемување на производните капацитети. 

Служба за информирање при Комората