со Кристијан Јовановски, директор на „БК МАРКЕТ“ БИТОЛА „БК МАРКЕТ“ БИТОЛА - ОД ПЛАНИРАНО ПРОИЗВОДСТВО НАМЕНЕТО ЗА ДОМАШНИОТ ПАЗАР, ДО ИЗВОЗ НА ВИСОКОКОНКУРЕНТНИОТ ШВАЈЦАРСКИ ПАЗАР
➢ ВАЖНО (10.09.2020)
👁 Прочитано: 2462



„БК МАРКЕТ“ БИТОЛА - ОД ПЛАНИРАНО ПРОИЗВОДСТВО НАМЕНЕТО ЗА ДОМАШНИОТ ПАЗАР, ДО ИЗВОЗ НА ВИСОКОКОНКУРЕНТНИОТ ШВАЈЦАРСКИ ПАЗАР

Како дел од претставувањата што се релизираат во рамките на нашите посети на локалните компании-членки, Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанската комора на Македонија оствари работна средба со нашата долгогодишна членка, компанијата „БК Маркет“ од Битола, односно со сопственикот на компанијата, Владо Јовановски и со Кристијан Јовановски, генерален директор на „БК Маркет“ од Битола. Поводот за средбата е и неодамнешната посета на компанијата од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

При остварената средба направивме и интервју со директорот Кристијан Јовановски.

Регионална комора со седиште во Битола: Почитуван господине Јовановски, иако во овој регион Ве познаваат многу добро како компанија, убаво е да се потсетиме за пошироката јавност, колку години опстојува „БК Маркет“ на нашиот пазар?

Кристијан Јовановски: Најнапред, дозволете ми да го изразам своето задоволство што сме членки на најголемата бизнис асоцијација во нашата држава, а тоа е Стопанската комора на Македонија. Нашата компанија растеше заедно со Комората, преку учество на состаноци овде во Регионалната комора со седиште во Битола, преку настани во другите делови во нашата држава, преку учество во креирање на подобра бизнис клима и слободно можам да кажам дека, ако треба да направиме една ретроспектива тогаш со задоволство ќе препорачам дека интегрирањето во една ваква бизнис асоцијација како што е нашата -Стопанската комора на Македонија, како и Регионалната комора со седиште во Битола, може да биде само плус за секоја компанија, од секој аспект. Горд сум што имам припадност во заедничкото семејство на Комората која се бори за заштита на интересите на бизнис секторот.

Инаку, компанијата „БК Маркет“ Битола, е основана на 7 март 1992 година како претпријатие за производство, сервис, трговија на големо и мало и увоз-извоз. Во почетокот на своето работење главна дејност ни беше трговија на големо со градежни материјали, потоа започнавме со претприемачки услуги во градежништвото.

Регионална комора со седиште во Битола: Која производна дејност може да се смета за Ваша почетна?

Кристијан Јовановски: Во 2006 година, нашата компанија започнува со производство и монтажа на вертикална сообраќајна сигнализација (знаци, патокази и информативни табли), потоа производство и монтажа на сигнализација за заштита при работа и набавка и монтажа на сообраќајна галантерија и опрема за патишта (насочници, рефлектирачки тела на заштитни огради, трепкачки светла, делинеатори и др.). Инаку, производството на сообраќајните знаци во целост ги исполнува важечките стандарди и регулативи во РС Македонија и во ЕУ, што е неминовно за работа и опстојување на бизнисот, посебно во оваа област со која ние се занимаваме.

Сепак, поради моменталната ситуација со актуелната светска криза предизвикана од КОВИД-19, овој дел од производството во моментов е со намалена активност.

Регионална комора со седиште во Битола: Што е Вашата сегашна главна, т.е. предоминантна активност?

Кристијан Јовановски: Нашата работа денес може да ги дефинира следните основни гранки во работењето и тоа: трговија, производство на хартиени кеси, производство, монтажа и продажба на вертикална сигнализација и ко-сопственост во производство на електрична енергија од фотоволтаична централа.

Регионална комора со седиште во Битола: Вашиот производствен процес за хартиена амбалажа, односно хартиени кеси за храна бележи значителен успех. Какви се вашите почетоци во тој сегмет?

Кристијан Јовановски: Во 2008 година, водени од новите трендови и законски одлуки за користење на еколошки кеси за пакување, компанијата инвестира во изградба на производствен погон, магацински простор и набавка на машини за производство на хартиени кеси и од месец јануари 2009 година започнавме со производство на хартиени кеси. Производството се одвива во современа производствена хала која ги исполнува сите стандарди и услови потребни за изработка на хартиена амбалажа за прехранбената индустрија. Во склоп на производствениот погон се наоѓа и магацински простор за суровината за производство и готовиот производ. Нашето производство опфаќа изработка на хартиени кеси за леб, бели пецива, сендвичи, за супермаркети, месарници и аптеки. Кесите се изработуваат од повеќе видови на висококвалитетна хартија со грамажа од 35гр/м2 до 60гр/м2 со можност за печатење до неколку бои и тоа: кафена крафт хартија, бела крафт хартија и бела грејспруф хартија (хартија за пакување на мрсна храна). Боите се водотопни (растворливи во вода) и безбедни за употреба со прехранбени продукти и сертифицирани за истото.

При изработката на хартиените кеси се користат сертифицирани репроматеријали кои ги исполнуваат стандардите за пакување на храна. Изработуваме пет типа на хартиени кеси со различни димензии и тоа: кеси со рамно дно со фалта, кеси со рамно дно без фалта, кеси со рамно дно со прозор со фалта, кеси со рамно дно со прозор без фалта и кеси за сендвичи. Димензиите на кесите кои можат да се изработат се со ширина од 8,5 см до 30 см и должина од 19 см до 60 см. Кесите со прозор можат да се изработат со два вида на прозор и тоа од перфориран и неперфориран полипропилен.

Регионална комора со седиште во Битола: Какви се Вашите планови за иднина, можеби и освојување на нови пазари?

Кристијан Јовановски: На почетокот, нашето производство беше примарно ориентирано кон потребите на локалниот и домашниот пазар. Со самиот развој и зголемување, постепено се пронајдоа и можности за пласман во странство и тоа во 2015 година се започна со извоз на производите во Грција, а преку оваа земја нашите производи во 2019 година се пласираа и на пазарите во Канада и САД.

Компанијата во текот на ланската година обезбеди и пласман на пазарот во Швајцарија, со што првиот извоз се реализира во мај 2020 година и следствено секој месец после тоа. Планирано е првично да се извезуваат околу 10 тони месечно.

Поради специфичноста на барањата на швајцарскиот партнер, компанијата „БК Маркет“ ги обезбеди сите потребни сертификати за безбедност на хартијата за употреба на храна, можност за рециклирање, како и специфичните барања за задоволување на одреден процент на обновување на шумскиот фонд годишно.

Како социјално одговорна компанија која се грижи за животната средина, за сите отпадни материјали коишто можат да се рециклираат имаме склучено договор за откуп на истите со овластен оператор за рециклирање.

Регионална комора со седиште во Битола: Покрај производните погони, имате и дополнителна активност со производство на електрична енергија од обновливи извори. Нешто повеќе за тоа?

Кристијан Јовановски: Во рамките на нашето портфолио за поддршка на енергетска обновливост и заштита на животната средина, „БК Маркет“ се јавува и како ко-инвеститор во фотоволтаична електроцентрала за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Централата е со моќност од 1MW и се наоѓа во битолскиот регион. Инвестицијата започна во 2014 година, а почетокот на производството во 2015 година. Во текот на минатата година по јавниот повик на Министерството за економија за доделување право за користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште кое не е во сопственост на Република Северна Македонија или на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на кое е воспоставено право на користење, во период од 15 (петнаесет) години, компанијата започна инвестиција за изградба на уште една фотоволтаична централа со моќност од 1MW. Обврска е истата да започне со производство во рок од 3 години.

м-р Никола Димковски
Регионална канцеларија Битола