ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
14.08.2019 👁 Прочитано: 288

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ


На иницијатива на Стопанската комора на Македонија, а поддржано од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ беше организирана работна средба на тема: „Програма за ментори во компании“. На истата присуствуваа претставници од Центарот за стручно образование и обука, Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (СФИВЕТ), Министерството за образование и наука, Организација на работодавачите, претставници на бизнис заедницата како и претставници од Коморите и единицата за управување на Проектот: „Образование за вработување во Северна Македонија“.

Настанот го отвори м-р Ивана Георгиевска, експерт за стручно образование и обука од Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ која ги претстави активностите на Проектот кој цели на долг рок преку системски приод да доведе до промени на процесите во формалното и неформалното стручно образование како и законските регулативи поврзани со образованието.
Пред присутните свое обраќање имаше м-р Зоран Јовчевски, советник во Центарот за стручно образование и обука кој ја образложи законската рамка и можноста за пресликување на учењето преку работа од земјите со развиен систем на стручно образование и обука. Тој се повика на предусловите кои се постигнати во изминатите години во насока на унапредување на процесот на учење преку работа преку изработка на стандард и програма за обука на ментори во компании кои се одобрени од страна на Министерството за образование и наука. Во изминатите пет години сертифицирани се 462 ментори од 262 компании, 136 наставници од 59 училишта.
Дуалното образование не подразбира само зголемување на фондот на часови по практична настава, туку истиот претставува концепт на активна соработка помеѓу компаниите и стручните училишта во облик на јавно приватно партнерство каде компаниите учествуваат во развивањето на образовната програма, изведување на образовниот процес и трансфер на стручните компетенции на учениците – додаде Јовчевски. 

Пред присутните беше претставен и Швајцарскиот систем на дуално образование со посебен осврт на учењето преку работа. Од страна на Марина Гролимунд, експерт од Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (СФИВЕТ) беше нагласено дека во Швајцарија постои долга традиција на вклучување на компаниите во образовните процеси, гледано од аспект на бенефитите кои компаниите ги стекнуваат во насока на обезбедување квалификувана потенцијална работна сила како и самата репутација на компанијата. Таа исто така го презентираше начинот на кој се реализира програмата за ментори во Швајцарија, која изнесува 40 часа и го оспособува идниот ментор со знаења и вештини потребни за работа со ученик преку стручно дидактичка обука која меѓу другото вклучува и познавање на правната регулатива во областа на стручното образование и обука.

За пристапот дидактика базирана на ситуации говореше Емануел Виртих, експерт од СФИВЕТ кој истакна дека во текот на работењето се соочуваме со повеќе работни ситуации кои бараат комбинација од знаења, вештини и ставови за успешно справување со овие работни задачи. За секоја професија се анализираат овие работни ситуации и истите се вградени во курикулумите на програмите на тој начин што обезбедуваме пазарно ориентирани програми.

Од страна на м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија беа презентирани клучни факти од Анализата на Програмата за обука на ментори која Комората ја подготви за потребите на Проектот. Во рамки на анализата беше спроведено истражување за квалитетот на реализацијата на обуката за ментори во компании и релевантноста на Програмата за обука на ментори врз основа на мислењето на учесниците во обуката на ментори во периодот 2014-2019 година и анкетниот прашалник и беше заклучено дека расте свеста кај работодавачите за реализација на практичната обука на учениците во нивните компании, се продлабочува соработката помеѓу компаниите и стручните училишта, се иницираат нови соработки, а компаниите ја разбираат потребата од сертифицирање на ментори во компании. М-р Јаневска посочи дека и покрај тоа што Програмата за обука на ментори  ги задоволува потребите на компаниите, потребно е нејзино модернизирање со актуелни содржини, вклучување на наставниците и работодавачите во модулите за изработка на Програмата за обука за ментори со што би се иницирала соработка со компаниите уште при самата обука. Се зголемува потреба од обука на нови обучувачи со оглед на тоа дека расте бројот на компании кои прифаќаат ученици за реализација на практичната обука во нивните компании и креирање на Програма за обука на обучувачи на Програмата за обука на ментори. 

Во рамки на работната средба беше организирана и работилница за компаниите кои се заинтересирани да се вклучат во процесот на учење преку работа. Станува збор за средни и големи компании кои во текот на изминатата година, во Стопанската комора на Македонија, сертифицираа ментори во своите компании, а дел од нив се веќе верифицирани во Регистарот на работодавачи или се во фаза на верификација на компанијата за спроведување на практична настава.
 На оваа работна средба и претходеа низа работилници, трибини и работни групи во кои Стопанската комора на Македонија активно е вклучена во промоција на учењето преку работа и дуалното образование, во насока на воспоставување рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на стручни и квалификувани кадри. Комората како најстара и најбројна бизнис асоцијација ги поддржува и промовира активностите во насока на креирање на образовен систем кој ќе одговара на барањата и потребите на реалниот сектор.

Михајло Донев

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ
ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ
ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ
ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ
ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРОГРАМАТА НА МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ