ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ФЕЉТОН: ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО
12.09.2019 👁 Прочитано: 334

ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС


Елена Милевска Штрбевска

д-р Елена Милевска Штрбевска

Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања

 

Второ продолжение

Серијалот објави на тема „ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС”, што беше дискутирана на тркалезната маса на 26 август 2019 година во организација на Стопанската комора на Македонија во рубриката Фељтон, го продолжуваме со акцент на уште две поенти:

- владеење на правото како клучна претпоставка за членство во Европската Унија

- индикатори за степенот на владеење на правото во Република Северна Македонија

Преку презентирање на материјалот за Владеење на правото, целта ни е да ги презентираме клучните поенти од материјалот кој беше подготвен како основа за организирање на тркалезната маса, вклучувајќи ги притоа и заклучоците и препораките кои произлегоа од дискусијата.

Непобитен е фактот дека принципот на владеење на правото сé повеќе го поткопуваат проблемите поврзани со сивата економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра, бавната администрација, дискреционите овластувања, неефикасните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја каде што тоа не е неопходно, кои не се „од вчера„, туку се натрупани повеќе години наназад.

Во претходниот текст акцентот беше на поентите:

1. Kолку е значајно владеењето на правото за бизнисот и

2. Владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Продолжуваме со следните две поенти....

3. ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО КАКО КЛУЧНА ПРЕТПОСТАВКА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Во ноември 2015 година, Европската комисија утврди Среднорочна стратегија за политиката на проширување на Европската унија, која и понатаму е валидна. Согласно неа, но и согласно напредокот на државава, како земја-кандидат за членство, врз основа на критериумите за пристапување и степенот на реализација на потребните економски и политички реформи, зависи и натамошниот пат на Република Северна Македонија до станувањето полноправен член на Европската унија. Процесот на проширување продолжува да се гради врз основа на утврдени критериуми, фер и строги услови. Во февруари 2018 година, во своето соопштениеКредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ со Западен Балкан“ [1], Европската комисија повторно ја потврди цврстата перспектива заснована на заслуги за членство во Европската унија за Западен Балкан. Европската комисија оценува дека и покрај зголемениот фокус на реформите во владеењето на правото, напредокот и понатаму е нерамномерен во земјите од проширувањето, но исто така се оценува и дека позитивно влијание врз владеење на правото во Република Северна Македонија има и силната посветеност во спроведувањето на „Итните реформски приоритети“, како официјален документ на Директоратот на Европската комисија за добрососедска политика и проширување. Овие приоритети, секако, треба да се гледаат интегрално со Препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите објавени пролетта 2015 година[2] во областите владеење на правото и основни права, деполитизација на јавната администрација, слобода на изразување и изборна реформа. Понатаму, од особено значење за земјава се позитивните резултати од контролните листи (листа за проверка) за индикаторите за владеење на правото на Венецијанската комисија[3], Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, како и извештаите на експертските групи на ниво на ЕУ, Советот на Европа, Светска банка и други меѓународни тела, за борба против корупцијата, организираниот криминал, заштита на човековите права и слично, кои исто така, се во насока на обезбедување на ефикасен правен систем во кој доследно се почитуваат владеењето на правото и правната држава.

Елена Милевска Штрбевска

При разгледувањето на сите релевантни документи од кои може да се добие слика за состојбите во државата на планот на владеење на правото, само по себе се наметнува размислувањето дека е неопходно да продолжи процесот на спроведување реформи во сите подрачја, кои се оценети како прилично проблематични. Затоа, бесмислено е да се верува дека секојдневно Европа ни измислува нови и нови критериуми и го одолговлекува доделувањето на датумот за почеток на преговорите. Треба да се свртиме кон себе и врз основа на критичка оценка на актуелните состојби во земјава, да почнеме да дејствуваме сериозно, затоа што с екоја земја се оценува врз основа на сопствените заслуги. Оцената за постигнатиот напредок и идентификувањето на недостатоците имаат за цел да обезбедат поттик и насоки за земјите да ги извршуваат неопходните далекусежни реформи.

Еден од клучните приоритети на претседателството на Финска која по трет пат ќе председава со Советот на Европската Унија е токму владеењето на правото. Секојдневно слушаме дека добивањето датум за преговори на земјата за членство во ЕУ е непосредно поврзано со владеење на правото и тоа сигурно не е изговор за да се спречи процесот на проширување на Европската унија, како што нам на прв поглед ни се чини.

За перспективата на проширување да стане реалност и понатаму е суштинска цврстата посветеност на исполнувањето на политичките критериуми и владеењето на правото, како врвен приоритет, што подразбира и спроведување реформи во поглавјата 23 - правосудство и основни права и 24 - слобода, правда и безбедност.

Елена Милевска Штрбевска 

Токму затоа, прашањата поврзани со владеење на правото и правната држава се нешто што е нераскинливо поврзано со нашата европска перспектива. Тоа подразбира спроведување на реформи во правосудниот систем, борба против корупцијата, сивата економија, организираниот криминал, ефикасно спроведување на законите и нивна еднаква примена, слобода на медиумите, почитување на човековите права, ефикасно функционирање на институциите на системот, а особено правосудниот систем (судовите, обвинителството, Судскиот совет)... Со оглед на комплексната природа на неопходните реформи, тоа е долгорочен процес. Стратешката ориентација и прифаќањето на клучните европски вредности, како што е владеењето на правото, е од суштинско значење за натамошниот напредок на земјава.

Нефункционирањето на правниот систем во државата е предуслов за корупција и го поткопува напредокот кон европскиот развој. Еве и преку пример во еден сегмент: во овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава се констатира дека во делот на јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, земјата е умерено подготвена, поради фактот што е особено подложна на корупција.

Елена Милевска Штрбевска 

Европската унија очекува од Република Северна Македонија да испорача конкретни резултати во прифаќањето на клучните европски вредности како што е владеењето на правото, што е од суштинско значење за изборот на генерациите кои посакуваат членство во големото европско семејство.

Согласно последниот Извештај на Европската комисија за земјава, судскиот систем се оценува како умерено подготвен, при што позитивно се оценуваат напорите на властите за усогласување на правилата со кои се регулира судскиот систем со меѓународните стандарди и практики. Во Извештајот, експлицитно е наведено и едно суштинско прашање, а тоа е дека покрај измените во легислативата, неопходно е и во практиката на работа на судовите, преку дополнителни напори, да се работи на враќање на довербата на јавноста во судството.

Ова не е ни малку лесна задача имајќи предвид дека и самата Европска унија укажува дека е потребно во сопствените редови да работи на зајакнување на владеењето на правото со цел ЕУ да може кредибилно да го одбрани мултилатералниот систем базиран на правила и меѓународни институции за човекови права како и да им овозможи мир и еднакви права на европските граѓани. Темелите на Европската унија - мир, безбедност, стабилност, демократија и просперитет мора да се заштитат единствено преку заедничко дејствување и одбрана на заедничките европски вредности. Европската унија се соочува со покомплексно и понепредвидливо глобално опкружување, голема конкуренција на моќ и предизвици за системот на меѓународните правила и принципи.

Слично, но можеби и многу покомплексно е прашањето за владеењето на правото на домашен терен. И, веднаш се доведуваме во ситуација да поставиме неколку клучни прашања, од типот: Имаме ли ние јасна и доследна поделба на власта на законодавна, извршна и судска? Постои ли доверба во институциите на системот? Можеме ли да зборуваме за правна сигурност? Имаме ли ефикасен судски систем? И воопштно, имаме ли ефикасни институции? Дали законите се применуваат подеднакво за сите?.... има уште многу прашања, но одговорот е само еден – нема да имаме напредок на ниту едно поглавје без демократски и стабилни институции и без владеење на правото, како ургентни потреби на нашето општество.

Елена Милевска Штрбевска

4. ИНДИКАТОРИ ЗА СТЕПЕНОТ НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

На својата 86-та пленарна седница, одржана во март 2011 година, Венецијанската комисија го усвои Извештајот за владеење на правото (CDL-AD(2011)003rev). Овој извештај ги идентификуваше заедничките карактеристики на владеењето на правото и правната држава (Rule of Law, Rechtsstaat and Etat de droit). На 2 март 2012 година, Венецијанската комисија организираше конференција на тема „Владеењето на правото како практичен концепт“. Еден од позначајните заклучоци од оваа конференција е токму и подготовката на листа за проверка (checklist) од страна на Венецијанската комисија, вклучувајќи ги, меѓу другото, и предлозите дадени на конференцијата. Оваа листа за проверка на принципот на владеење на правото е применлива и може да се користи за секоја држава, а подготвена е од група експерти, во соработка со повеќе релевантни стручни организации и тела кои активно придонеле во нејзиното финално дефинирање, како што се Центарот за владеење на правото од Бингам, Консултативниот совет на европските судии (CCJE), Европската комисија против расизам и нетолеранција (ECRI), Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Групата на држави за заштита од корупција (GRECO), како и ОБСЕ (OSCE/ODIHR) и на Агенцијата на Европската унија за основните права (FRA).

Владеењето на правото е споменето како елемент на заедничкото наследство во Преамбулата на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (EHCR), како основен принцип на европските демократии во Резолуцијата за воспостсавување на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) и како приоритетна цел во Статутот на Венецијанската комисија. Сепак, Советот на Европа не го дефинираше владеењето на правото, ниту Советот на Европа создаде конкретен механизам за набљудување за прашањата за владеење на правото.

Елена Милевска Штрбевска

Венецијанската комисија има направено анализа на дефинициите од различни автори кои доаѓаат од различни правни системи и државни организации, како и разновидни правни култури. Комисијата, како што е наведено и понапред, смета дека поимот владеење на правото бара систем на одредени и предвидливи прописи, каде секој има право да биде третиран со достоинство, еднаквост и рационалност од страна на носителите на одлуките во една држава, во согласност со законите и да има можност за оспорување на одлуките пред независни и непристрасни судови преку фер постапки.

Во својот извештај, Комисијата заклучува дека, и покрај разликите во мислењата, постои консензус за основните елементи на владеењето на правото, како и за оние на терминот правна држава, кои не се само формални, туку и суштински или материјални, а тоа се следните:

1. Законитост, вклучувајќи транспарентна, отчетна и демократска процедура за донесување на законите;

2. Правна сигурност, во смисла на градење предвидлив и стабилен правен систем;

3. Забрана за самоволие, односно превенција од злоупотреба на службената положба и овластувања;

4. Еднаквост пред законот, во смисла на недискриминација и почитување на човековите права;

5. Пристап до правдата, што вклучува независност и непристрасност на правосудните органи и фер судење.

Во 2013 година, Советот на Европската унија започна со спроведување на нов дијалог за владеење на правото со земјите-членки, кој ќе се одвива на годишно ниво. Во него се истакнува дека „почитувањето на владеењето на правото е предуслов за заштита на основните права“ и ја повика Комисијата „да ја спроведе дебатата во согласност со Договорите за Европската унија, во согласност со потребите да развие соодветни колаборативни систематски методи за решавање на проблемите во оваа област. Во 2014 година, Европската комисија усвои механизам за решавање на системски прашања поврзани со владеењето на правото во земјите-членки на Европската унија. Оваа т.н, „Нова рамка на ЕУ за зајакнување на владеењето на правото“ претставува еден вид алатка за рано предупредување засновано на „индикациите добиени од достапни извори и признати институции, вклучително и Советот на Европа“; Имено, во таквата нова рамка е нагласено дека „со цел да се добие стручно знаење за посебни прашања во врска со владеењето на правото во земјите-членки, Европската комисија ќе побара совет од Советот на Европа и /или неговата Венецијанска комисија“, што укажува на универзалната и признатата релевантност на утврдените индикатори на Венецијанската комисија, преку кои се утврдува степенот на владеење на правото во една држава.

Сегашната листа за проверка е наменета да се заснова на овие движења и да обезбеди алатка за проценка на владеењето на правото во дадена земја од гледна точка на нејзините уставни и правни структури, законодавството во сила и неговата имплементација и постојната судска пракса. Проверката на списокот има за цел да овозможи објективна, темелна, транспарентна и еднаква проценка. Листата за проверка главно е насочена кон проценка на правните заштитни механизми. Сепак, правилното спроведување на законите, односно нивната соодветна имплементација во практиката е клучен аспект на владеењето на правото и затоа и тоа мора да се земе предвид. Ова е причината зошто Листата на проверка исто така вклучува одредени комплементарни одредници во врска со примената на прописите во праксата. Владеењето на правото се реализира преку последователни нивоа постигнати на прогресивен начин: колку е на пониско ниво владеењето на правото, толку е поголема побарувачката за тоа.

Елена Милевска Штрбевска

Целосното достигнување на владеењето на правото останува постојана задача, дури и во добро воспоставените демократии. Наспроти ова, треба да биде јасно дека параметрите од листата за проверка не мора да бидат кумулативно исполнети за да биде позитивна конечната проценка за степенот на почитување на принципот на владеење на правото. Проценката ќе треба да ги земе предвид параметрите кои не се исполнети, до кој степен, во која комбинација и постојано да се следат промените.

Листата за проверка не е ниту сеопфатна, ниту конечна: таа има за цел да ги покрие основните елементи на владеењето на правото. Листата за проверка може да се промени со текот на времето, може да се појават нови проблеми што ќе бараат нејзина ревизија. Затоа, Венецијанската комисија врши редовно ажурирање на оваа листа.

Владеењето на правото е поврзано не само со човековите права, туку и со демократијата, т.е. со третата основна вредност на Советот на Европа. Демократијата се однесува на вклученоста на луѓето во процесот на донесување одлуки во едно општество; човековите права имаат за цел да ги заштитат поединците од произволни и прекумерни мешања во нивните права и слободи и да се обезбеди човечко достоинство; владеењето на правото се фокусира на ограничување и контролирање на остварувањето на јавните овластувања. Владеењето на правото ја промовира демократијата преку воспоставување одговорност на оние кои ја користат јавната моќ и со заштита на човековите права. Владеењето на правото стана „глобален идеал и аспирација“, со заедничко јадро составено од неколку основни елементи, кое важи насекаде. Сепак, тоа не значи дека неговата имплементација мора да биде идентична без оглед на конкретниот правен, историски, политички, социјален или географски контекст. Додека главните компоненти или „состојките“ за владеењето на правото се константни, специфичниот начин на кој тие се реализираат може да се разликува од една до друга земја во зависност од локалниот контекст, особено имајќи ги предвид уставното уредување и традициите на засегнатата земја. Овој контекст може исто така да ја одреди релативната тежина на секоја од составните компоненти.

Стопанската комора на Македонија направи детална анализа на исполнетоста на условите за владеење на правото согласно утврдените индикатори од „Листата за проверка“ на Венецијанската комисија, за петте наведени категории, и врз основа на добиените резултати, состојбата е прикажана на следниот графикон:

Елена Милевска Штрбевска 

ПРОДОЛЖУВА...

 [1]Достапно на следниот линк

 [2]Попознати како препораките на Прибе, а целосниот назив гласи: Препораки на Високата експертска група за системски прашања во врска со владеењето на правото во однос на следењето на комуникациите откриено пролетта 2015 г., достапни на линкот

 [3]Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, составена од 62 земји членки (од кои 47 се членки на Советот на Европа и уште 15 останати земји, меѓу кои САД, Канада, Мексико, Израел и др.), чија основна цел е да обезбеди правни совети за своите членки и да им помогне во усогласување на нивните правни и инстиуционални системи со Европските стандарди и со меѓународните искуства, во делот на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС