ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
12.09.2019 👁 Прочитано: 292

МЕРКИТЕ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ И КОНКУРЕНТНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН


Во присуство на голем број на стопанственици од Пелагонискиот регион, во организација на Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора на Македонија беа презентирани мерките предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Ирена Јакимовска, на самиот почеток, во присуство на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и градоначалникот на Општина Прилеп, д-р Илија Јованоски, напомена дека најважен сегмент во подобрување на конкурентноста на домашните компании е вложување во висока технологија. 

Д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, истакна дека по иницијатива на бизнис-заедницата со измените на Законот се предвидува можност за обезбедување финансиска поддршка и за компаниите од ИТ-секторот, компаниите регистрирани за вршење трговска дејност и други дејности кои вршат и производни, како и компаниите од областа на земјоделството, кои се занимаваат и со преработувачка индустрија. Како новина исто така е дека со измените на законот сега, покрај основните средства, се субвенционираат и нематеријални средства (како софтвери и сл.).

-Целта на мерките кои ги презема Владата е подигнување на продуктивноста на домашното стопанство. Предуслов за поголема продуктивност на компаниите се тие да располагаат со современа технологија и знаење (know-how), мотивирани вработени и квалитетен менаџмент. Во таа насока, Владата обезбеди сет на мерки предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите чија основна цел е поттикнување на економскиот раст и зголемување на конкурентноста пред сė на производно ориентираните компании, како и мерки предвидени со Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, чија цел е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ со која ќе се подигне економскиот стандард на вработените и ќе се намали одливот на кадар од државата, - истакна д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Заменик на претседателот на Владата, д-р Анѓушев, посочи дека според сознанијата над 4000 компании ги задоволуваат критериумите за аплицирање по овој основ. Во таа насока  јавно ги повика компаниите да аплицираат и да искористат дел од 10-те милиони евра средства кои се наменети за овој основ.

Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите се предвидени можности за финансиска поддршка на компаниите за нови вработувања, инвестирање во технолошки развој, пораст на капитални инвестиции и приходи, проекти од значаен економски интерес, откуп на материјални средства од деловни субјекти со потешкотии, зголемување на конкурентноста на пазарот, како и финансиска поддршка за освојување на нови пазари и пораст на продажбата. Деловни субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловните субјекти кои започнале продуктивна почетна инвестиција, оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години и кај кои просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години не бил намален за повеќе од 5%. Давател на државната помош е Владата на РСМ.

Беше истакнато дека компаниите кои имаат реализирано инвестиции во 2018 година, а со оглед дека законските рокови за склучување договори се до 15 ноември 2019 година, се препорачува барањата за финансиска поддршка со потребната документација да ја достават најдоцна до 15 септември 2019 година до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РСМ, за инвестициски проекти надвор од технолошко-индустриските развојни зони, односно до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за инвестициски проекти во овие зони. Согласно Законот, државата има обврска одобрената финансиска поддршка да ја исплати најдоцна до 25 декември во тековната година.

-Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, кој е веќе достапен на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) има за цел да ги поттикне работодавачите да исплаќаат повисоки плати на вработените, на начин што државата ќе обезбеди поддршка на компаниите кои ќе ги зголемат платите на своите вработени во износ од најмалку 600 до најмногу 6.000 денари над досегашните примања, при што во однос на зголемениот надоместок компаниите би имале обврска да платат само персонален данок на доход, додека државата ја презема обврската да ги надомести трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси, - информираше д-р Анѓушев.

Во текот на средбата беше отворена дискусија согласно поставените прашања од присутните бизнисмени.

Горан Попоски

МЕРКИТЕ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ И КОНКУРЕНТНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН
МЕРКИТЕ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ И КОНКУРЕНТНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН
МЕРКИТЕ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ И КОНКУРЕНТНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ПРЕД БИЗНИСМЕНИТЕ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН