БАРАЊА НА БИЗНИС СЕКТОРОТ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН
👁 Прочитано: 2905



БАРАЊА НА БИЗНИС СЕКТОРОТ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН

Ирена Јакимовска, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора на Македонија и сопственик на компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп

Бизнис секторот од Пелагонискиот регион бара соработка со институциите, подобра инфраструктура, заштита на домашното производство и стручни кадри. Поконкретно, приоритет се даваат на две работи - изработка на национална стратегија за да се надминат дубиозите и стопанството да се вклучи во продукцијата на стручни кадри.
Прилепското стопанство годинава ја помина со големи предизвици. Одливот на стручната работна сила, недостигот на капитални инвестиции, потребата од заштита на домашното производство, големата цена на суровините на светско ниво. Сепак, има и позитивни случувања. Материјалната состојба се подобрува, платите се зголемуваат за 16 %, на вработените им се нудат подобри услови. Но за новата производствена година (2020), остануваат приоритетите за инвестиции во подобра инфраструктура и заштита на домашното производство - е заклучокот од последната седница на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Прилеп.  
Како бизнис сектор од прилепско, заклучивме дека резултатите во стопанството во 2019 година не беа во релација со очекувањата. Една од најголемите причини за потфрлањата е процесот на миграцијата, состојба која е присутна не само кај нас туку во сите земји од регионот. Во овој момент не може да направиме драстични промени, но сметам дека треба да се работи за национална стратегија: како да се надмине или, најблаго речено, да се амортизира ударот врз бизнис-заедницата. Заклучивме дека сите тие препреки што нè оневозможуваат да ги постигнеме посакуваните резултати се дел од состојбите во државава, од регионот и се европски тренд.
Заедничка констатација е дека една од причините поради која не можеме да ги постигнеме резултатите е несоодветната инфраструктура. Конкретно, без добри патишта, квалитетно поврзување, чувството кај бизнис секторот е дека целиот Пелагониски регион е отсечен од останатиот дел на земјата. Не станува збор само да имаме непречен проток на стока, туку и непречен проток на луѓе, што е побитно од сите материјални добра.  
Приоритет, секако, останува преструктуирањето на образовниот процес. Секако, тоа е обврска на владините институции, но процесот да биде поттикнат од стопанството за да се создаваат потребните кадри и профили.
Од материјален аспект, во моментов во фирмите од прилепско примањата се зголемени од 12 до 16 проценти, но секогаш материјалното не е причина за заминување во странство. Во секој случај, зголемувањето на стандардот да биде паралелно со зголемувањето на продуктивноста во работењето за да бидеме конкурентни на домашниот и на странскиот пазар. Една од најбитните точки што стопанството со јавните институции мора да ја преземе е да се најде начин за заштита на домашното производство. Искуствата покажуваат дека регулативата досега не е на високо ниво. Голем број од домашните производи не се наоѓаат рамноправно со странските производи на рафтовите во маркетите и тоа пред домашните купувачи. Дефинитивно треба поинтензивно да работиме и да најдеме начин да си го заштитиме сопственото производство.
Ако е за охрабрување, малите семејни бизниси во прилепско бележат развој. Поголем е интересот за отворање на овие бизниси, зашто во споредба со 2018 година, за 20-тина насто е поголем интересот да се добијат државни грантови од по 5.000 до 10.000 евра, за да се отворат нови бизнис. Дали во малите бизниси е иднината, се отвораат прашањата.
Во секој случај, на стопанството му е неопходна соработка со државните институции за развој во наредната година, која, мора да признаеме, е изборна година и ќе ги забави повеќето процеси во земјава.