ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ДАНОЦИ И ЦАРИНИ
29.05.2019 👁 Прочитано: 1704

СТОП ЗА НЕЗАКОНСКАТА ДАНОЧНА ЕВАЗИЈА


Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Многу често коментиран е случајот со водачот на Чикашката мафија Ал Капоне кој покрај тоа што секојдневно вршел криминални дела како незаконска трговија со алкохол, проституција и изнудување рекет, во 1931 година на крај сепак е обвинет и осуден за даночно затајување. Тој го признава делото и осуден е на 11 години затвор во Алкатраз и дополнително му се изречени парична казна од 50.000 долари и казна да плати 215.000 долари на име данок.

Овој случај од почетокот на минатиот век, но и бомбастичните наслови со закани за затворски казни заради даночно затајување за познати личности од бизнисот, спортот, музиката и други, укажува на тоа дека борбата на безграничната имагинацијата на даночните обврзници кои не сакаат да плаќаат даноци и на државите на кои им се потребни приходи е секогаш актуелна.

Одбегнувањето на плаќање даноци може да бидедопуштена или законска евазија (анг.tax avoidance) или недопуштено одбегнување или незаконска евазија - дефраудација (анг.tax evasion). Законската или како што се нарекува белата евазија ги опфаќа постапките на даночниот должник, со кои во целост или делумно се одбегнува плаќањето на данок, но со таквите постапки не се повредуваат законските норми, додека незаконска евазија претпоставува одбегнува плаќање на данок со кршење на даночните норми.

СТОП ЗА НЕЗАКОНСКАТА ДАНОЧНА ЕВАЗИЈАТака, на пример, растот на акцизата на тутунот и тутунските добра кој е предвиден може да доведе до откажување од пушењето, со што ќе се одбегне плаќањето на данокот. Донаците и спонзорствата во дејности од јавен интерес, исто така се начини да се намали или избегне даночната обврска, а притоа не се прекршува ниту еден пропис. Изборот на даночно резидентство во друга држава, односно основање компанија во друга држава каде даноците се пониски, исто така е легитимно. Значи, воздржувањето од потрошувачка на оданочени производи, замената на повисоко оданочени производи со производи кои се поблаго оданочени и користењето на даночните олеснувања пропишани со закон претставуваат допуштена даночна евазија. Друга форма на законска евазија е изигрувањето на законите заради правните празнини и слабостите на легислативата и намалување на даночната обврска спротивно на духот на законите. Последица од белата евазија е намалувањето на даночните приходи.

Незаконската даночна евазија пак, постои кога е извршена повреда на даночните закони како пропуштање да се пријави вршење дејност врз основа на што настанува даночната обврска, непријавување на приходите кои подлежат на оданочување, прикажување на непостоечки расходи како дедукција од даночната основа, пропуштање благовремена уплата на утврдениот износ на данок и др. Најчести форми на незаконска евазија се: даночно затајување (почесто се среќава кај даноците на приход, односно доход и социјалните придонеси) или дефраудација и контрабандата или шверц (кај посредните даноци, акцизи, царина и ДДВ).

Незаконската евазија покрај тоа што директно влијае врз намалувањето на даночните приходи, истата значи и нерамноправна положба на економските субјекти, нееднаков третман на истите и создавање на нефер конкуренција, односно овозможување на конкурентска предност на субјектите кои спротивно на закон одбегнуваат да ги платат даноците.

Затоа, СИЛНАТА БОРБА ПРОТИВ ЗАТАЈУВАЊЕТО НА ДАНОКОТ И СПРЕЧУВАЊЕТО НА ШВЕРЦОТ СЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО ВАЖНИ ЗА БИЗНИСОТ.  Дозволување на ваквите дејствија од страна на надлежните институции, односно пропуштањето на нивно соодветно постапување и отсуството на силна решеност во нивно спречување и санкционирање го нарушува амбиентот за работа на фирмите и граѓаните кои се посветени кон исполнување на даночните обврски.

Постапката на одбегнување плаќање на данок претставува даночен деликт и во зависност од неговата тежина се казнува прекршочно или кривично. Но, колку и да е ригорозно казненото законодавство, ако истото не се спроведува не се сузбива незаконската евазија.

Значи, надлежните институции мора силно да се фокусирани на борбата против даночното затајување, не само заради пораст на буџетските приходи, туку заради обезбедување еднакви услови за работа на бизнисот.

Во оваа насока покрај казнените мора да се имаат предвид и превентивните димензии во борбата против даночното затајување како: создавање компетентна, ефикасна, високо мотивирана даночна и царинска администрација, поддршка на администрацијата со современа опрема за откривање и спречување на даночните и царинските деликти, заемна соработка со даночните органи со други државни органи. Секако унапредување на општата даночна култура и даночниот морал на населението и сведувањето на даночниот товар во разумни рамки, како и неутрализирањето на факторите кои создаваат отпор кон плаќањето на даноци се императив.

Иако, постојано се промовираат проекти за инвестиции во опрема и во унапредувањето на работењето на царинската и даночната служба и покрај фактот што вкупните даночни приходи од 2012 година наваму континуирано растат (истото не се должи исклучиво на намалување на даночната евазија), генералниот впечаток е дека уште многу треба да се направи за намалувањето на незаконската даночна евазија и сивата економија во нашата држава.

Македонските креатори на политиката во областа и надлежните служби ова го должат на плаќачите на даноци. На крај сите од нив земаат плата.

СТОП ЗА НЕЗАКОНСКАТА ДАНОЧНА ЕВАЗИЈА