ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
19.06.2019 👁 Прочитано: 1443

БИЗНИСОТ БАРА БРЗИНА, ПОЛИТИКАТА СТАБИЛНОСТ


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, со потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората, остварија средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

На почетокот на средбата, прва од ваков вид, новоизбраниот претседател Пендаровски беше запознаен со приоритетите кои ги има поставено најстарата и најбројна бизнис асоцијација во насока на креирање соодветен бизнис амбиент за креирање економски раст и развој, а беше упатена и препорака со неколку поенти до претседателот, не случајно, бидејќи економските состојби во државата во голема мера се детерминирани од многу параметри, за кои токму претседателот на државата има директни надлежности и овластувања.

Клучните пораки кои претседателот на Комората во име на бизнис секторот му ги испорача на првиот човек на државата беа:

* да се работи на зајакнување на меѓусебното информирање и заедничко иницирање активности во интерес на успешни економски чекори;

* претседателите на државите од регионот на Западен Балкан да дадат приоритет меѓу другото и на економското регионално поврзување во ситуација кога на тоа акцентира и самата Европска унија;

* во следниот период реално да бидат отсликувани состојбите во државата кои директно влијаат на економскиот раст и развој;

* да се интензивира соработката со амбасадите;

* да се работи на воспоставување авионски линии во рамките на регионот за олеснување на движењето и брзо конектирање.

Д-р Елена Милевска Штрбевска, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања, ги испорача клучните поенти.

- Претседателот на државата да развие и да поддржи нов пофункционален концепт на економска дипломатија, како инструмент за остварување на економските цели на државата насочени кон зголемување на извозот, учество во работата на меѓународните организации и привлекување странски инвестиции.

- Да се обезбеди доследно почитување на принципот владеење на правото, како клучна цел на сите носители на државната власт.

- Да се гради нов концепт за општествена одговорност, како модел за создавање заеднички вредности и спроведување активности кои на дело ќе го покажат неговото општествено одговорно работење и ќе бидат видливи и од интерес за државата во целина.

- Претседателот на државата да се врати во активниот политички живот, рамо до рамо со другите носители на државната власт, делувајќи исклучиво во рамките на своите надлежности и не нарушувајќи го притоа принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

- Бизнис-заедницата конечно да биде заштитена, преку можноста претседателот на државата да стави вето на закон кој е спротивен на интересите на бизнисот, со што ќе даде јасен сигнал дека навистина се грижи за економскиот напредок во државата.

- Претседателот на државата да се вклучи во доделување одликувања и признанија и на успешни стопанственици, компании или бизнис-асоцијации кои во голема мера придонеле за афирмирање на државата преку своите активности.

- Во Кабинетот на претседателот да биде поставен посебен советник за економски прашања, со соодветна стручност и професионалност.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, пред да се отвори дискусија и дебата со потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората, се заблагодари на денеска организираната средба. Тој најави активна комуникација со бизнис секторот, вклучување во работните комисии во рамките на неговиот Кабинет, активно делување на регионален и на меѓународен план. Претседателот Пендаровски остави простор и за размена на идеи, искуства, како и тековна комуникација при реализирање меѓународни средби во насока на акцентирање на економските прашања со соодветни држави.

Потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората посочија повеќе суштински пораки до претседателот. Беше акцентирана важноста од НАТО-членството и влијанието на членството врз буџетот на државата, но и можностите и перспективите за домашната економија од членство во НАТО-алијансата. Беше побарано да се поддржи концептот на бизнис дипломатија и активно вклучување на компаниите како презентери на бизнис климата во државата на настани и посети кои се реализираат преку Кабинетот на претседателот на државата. На Пендаровски му беше посочено дека треба да се негува концептот на соработка со Народната банка како институција каде претседателот има високи ингеренции при номинирање гувернер на НБРМ.

Бизнис секторот фокусот го стави и на прашања кои се од значење за бизнисот, а не се под директна ингеренција на претседателот, како неефикасната и спора администрација која претставува голем товар за економијата во целост, немањето јасно изграден став на државата по концептот за инвестирање во рударството и сл.

Како заокружување на средбата, претседателот на Комората, Азески, го информираше првиот човек на државата и за улогата на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), институција во која членуваат 6-те комори од Западен Балкан, со директна поддршка на Берлинскиот процес. Беа посочени двата столба на кои КИФ веќе активно работи - првиот за формирање регионални тела за арбитража, кредитно биро и либерализација на царинските постапки и вториот за заеднички пакет услуги за саемско претставување, дуално образование и дигитализација.

По двочасовната активна дискусија, претседателот Азески, во знак на благодарност му подари лого на Комората на претседател на Република Северна Македонија, за соработката со бизнис секторот за постигнување повисоки економски цели.

Даниела Михајловска Василевска

БИЗНИСОТ БАРА БРЗИНА, ПОЛИТИКАТА СТАБИЛНОСТ