ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ОБРАЗОВАНИЕ
04.07.2019 👁 Прочитано: 1569

ИМА ЛИ ИЗЛЕЗ?


Наташа Јаневска
м-р Наташа Јаневска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија

Јули е месец на високи температури, одмори, но и месец кога стивнува еуфоријата за учење и училиште. Завршија уписите во средните училишта, завршија притисоците за намалување на критериумите за упис во гимназиите и во медицинските и економските стручни училишта. За останатите стручни училишта - ако не бидеме примени во првите три. И се` така со години. Но што правиме ние тоа да го смениме?

Претходниот текст беше посветен на забелешките што ги нотирала Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата земја во областа на образованието, кој се движи од ограничен до умерен напредок. Тоа значи квалитетни реформи, релевантни квалификации на барање на реалниот сектор, процедури, квалитет, доверба, но и конкурентност, продуктивност и просперитет. Затоа треба да се фокусираме на тоа што постојано ни го забележува ЕК во сите извештаи: ,,Подобрување на вработливоста на работниците преку усогласување на образованието со потребите од побарувачката на работна сила и подобрување на основните и трансверзални вештини на учениците од сите нивоа на образование.“

Образовниот систем во нашата земја е многу бавен во решавањето на неусогласеноста на вештините со потребите на бизнис заедницата. Нивото на образование и вештини што ги поседува работната сила не се соодветни на потребите на економијата како резултат на несоодветните образовни програми, ниските стапки на иновации и вложувања во инвестициите. Недостатоц ите кои се јавуваат во стручното и високото образование ги попречуваат учениците да се стекнат со потребните вештини и компетенции за работните процеси , посебно во индустријата и тех нолошки интензивни те сектори.

Иако се прават напори да се модернизираат програмите и да се направат пазарно ориентирани, јазот помеѓу вештините што ги поседуваат завршените ученици и дипломираните студенти и потребите на компаниите се` уште e голем и го ограничува потенцијалниот раст. Странските компании, кои се активни во производството, честопати се соочуваат со тешкотии во наоѓањето на потребните вештини во работната сила. Сето ова го ограничува излезниот потенцијал и ја назадува домашната економија.

Затоа, во најскоро време мора:

  1. да се идентификуваат мисијата и визијата на образованието, кои се целите за 5 години, вклучително и политиките за економски раст на земјата и да се дефинираат улогите на сите партнери;
  2. да се направи промена на пристапот на учење од традиционалното учење базирано на факти кон учење за стекнување на општи, трансверзални и практични вештини, на што веќе работи Стопанската комора на Македонија преку поддршката за дуалното образование и реализацијата на практичната обука на ученикот во компанија;
  3. пошироко вклучување на бизнис-секторот во профилирањето и спроведувањето на образовните програми на што постојано укажува Комората , како најстара бизнис асоцијација, која преку своите членки директно е вклучува во дизајнирањето на образовните програми и профилирањето на работните задачи во стандардите на занимања и резултатите од учење во стандардите на квалификации;
  4. зголемување на јавните трошоци за образование - околу 6% од БДП во просек во текот на последните 5 години и зголемување на платите на наставниците;
  5. подигнување на нивото на квалитетот на реализацијата на практичната обука на учениците во компаниите за стекнување на практичните вештини и компетенции на учениците и примена на нивното теоретско знаење. Стопанската комора на Македонија директно е вклучена во подигање на квалитетот на практичната настава преку проверката на компанијата дали ги исполнува условите за реализација на практичната обука на учениците во компаниите. Исто така, преку Анализата на Програмата за обука на ментори, Комората поттикна модернизација на Програмата согласно релевантните потреби. Но целта не е само Комората да биде вклучена во овој процес. Тоа треба да биде синергија помеѓу училиштето, ученикот, компаниите и коморите. Истовремено, многу е важно, на почетокот да се фокусираме на занимањата кои најмногу ќе придонесат за индустрискиот раст на земјата и оној дел на стопанството кој најмногу извезува и придонесува во економскиот раст на државата.

Доколку сериозно се зафатиме со решавање на забелешките на кои ни укажува ЕК, ќе го намалиме недостатокот на квалификувани работници, бидејќи недостатокот на квалификувани работници дополнително ја отежнува соработката помеѓу странските и домашните компании и ја попречува структурната трансформација на економијата.