МЕДЕНА ЗЕМЈА СО ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР - ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ

   

👁 Прочитано: 757


МЕДЕНА ЗЕМЈА СО ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР - ЗА НАЈДОБАР ДОКУМЕНТАРЕЦ И НАЈДОБАР СТРАНСКИ ФИЛМ

Македонскиот документарец „Медена земја“ е номиниран за Оскар во две категории, најдобар документарец и најдобар странски филм.

Ова е историски успех, бидејќи „Медена земја“ е првиот македонски филм со две номинации за Оскар.

Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беше меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм беше во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од 91 пријавен.

Церемонијата на доделување на Оскар ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.

Екипата на филмот на официјалниот Фејсбук профил се заблагодари на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот.
„Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна - алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат.

Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното.
Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето.

Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот.
Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно.

Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме.

Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа - МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР“, пишува на Фејсбук профилот на „Медена земја“.

Превземено од: МКД.МК