ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА СТРАТЕШКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА1, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА



[1] (*) Овој закон се усогласува со Регулативата (ЕУ) бр. 347/2013, на Европскиот параламент CELEX број 320013R0347 и Советот од 17 април 2013 година која се однесува за трансевропската енергетска инфраструктура и за укинување на Одлука бр.1364/2006/ЕЗ како и измената на Регулативата (ЕУ) бр.713/2009, Регулативата (ЕУ) бр.714/2009 и Регулативата (ЕУ) бр.715/2009.[1]

Законот за стратешки инвестиции се носи со цел да поттикне, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на Република Северна Македонија, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Северна Македонија.

Со Предлог-законот се уредуваат критериумите, областите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициони проекти од највисок стратешки приоритет за државата. Предлог-законот го дефинира поимот стратешки инвестициски проект и за таков се смета проект со кој се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село како и проектите реализирани во рамките на договори меѓу држави, проекти кои се спроведени и финансирани во соработка со ЕУ, Министерскиот Совет на енергетска заедница, (PECI – Project of Energy Community Interest; PMI – Project of Mutual Interest PCI – Project of Common Interest) и оние со меѓународни финансиски институции.

Се дефинира дека стратешки инвестиционен проект е приватен, јавно-приватен стратешки инвестиционен проект или целосно јавен проект кој ги исполнува критериумите утврдени со овој закон:

- Приватен стратешки инвестиционен проект е проект кој се финансира со инвестирање од страна на домашни или странски правни лица;

- Јавно-приватен стратешки инвестиционен проект е проект реализиран по модел на јавно-приватно партнерство во согласност прописите за јавно -приватно партнерство;

- Јавен стратешки инвестиционен проект е проект чијшто носител е орган на државна управа, јавни претпријатија основани од државата или општините, како и трговски друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата и на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и други правни лица чиј основач е Република Северна Македонија или општините.

Стратешкиот инвестиционен проект кумулативно треба да ги исполнува следните услови:

- предложените инвестиции мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на Република Северна Македонија;

- предложените инвестиции не смеат да бидат спротивни на Уставот на Република Северна Македонија, законите и обврските коишто произлегуваат од меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот;

- јавните стратешки проекти мора да бидат во согласност со стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија.

Статусот на стратешки инвестиционен проект може да се утврди според условите и постапките утврдени со овој закон за проекти во следните области:

1. Енергетика со инфраструктура

2. Транспорт и телекомуникации

3. Туризам

4. Преработувачка индустрија

5. Земјоделство, шумарство и водостопанство

6. Прехранбена индустрија

7. Здравство

8. Индустриски и технолошки паркови

9. Управување со отпадни води и отпад

10. Информатичко-технолошки зони

11. Спорт

12. Наука и образование

13. Градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една област од областите наведени во овој член.

По исклучок, статус на стратешки инвестиционен проект имаат и проектите во областите кои не се наведени, а инвестицијата надминува износ од 150 милиони евра во денарска противвредност .

Владата на Република Северна Македонија најдоцна до 31 јануари за тековната година објавува јавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект кој се објавува во ,,Службен весник на Република Северна Македонија” и во најмалку три реномирани меѓународни економски списанија.

Се предлага Владата да формира Комисија за стратешки инвестициони проекти (составена од 9 постојани членови од Владата и министерства и 3 повремени членови во зависност од стратешкиот инвестициски проект-министер, градоначалник, претставник на надлежно регулаторно тело), која ќе ги разгледува и оценува барањата за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект, врши проценка на неговиот стратешки потенцијал и оперативниот ризик и сл. Доколку Комисијата оцени дека предлог проектот ги исполнува барањата од овој Закон, дава препорака до Владата во рок од седум работни дена од доставување на препораката да донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект. Владата го склучува Договорот за стратешки инвестиционен проект во рок од 3 дена по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.

Се предвидува дека за добивање статус на стратешки инвестиционен проект се доставува барање и следната документација:

- инвестициски бизнис план или студија за изводливост за јавни стратешки проекти кои содржат и анализа на ризици, инвестициски финансиски план, работна програма за спроведување на стратешкиот инвестиционен проект за време на траењето на инвестицијата;

- согласност за задолжување во смисла на Законот за јавен долг за јавен стратешки инвестиционен проект;

- микро и макро локациски услови на инвестицијата;

- ревизорски извештај за субјектот што инвестира за одреден временски период и ревизорски извештај за компанијата која е сопственик на субјектот кој инвестира;

- детално портфолио на субјектот што инвестира, вклучително и неговите подружници;

- референтна листа од искуства на инвеститорот во слични проекти;

- опис на начинот и изворите на финансирање на проектот;

- доказ за финансиска способност за остварување на стратешкиот инвестиционен проект, кој задолжително соджи ревидиран годишен финансиски извештај за годината која и претходи на годината во која се поднесува барањето, односно годишни извештаи на пропишани обрасци за инвеститорите кои не подлежат на ревизија, деловни извештаи за тромесечието кое претходи на предавањето на барањето, обрасци за бонитет не постари од 30 дена),

- согласност на стратешкиот инвеститор со која се овластува Комисијата да прави проверки и контроли на податоците претставени во портфолиото на стратешкиот инвеститор;

- годишни сметки (биланс на состојба, биланс на успех и извештај за готовински тек) за последните три финансиски години на стратешкиот инвеститор и на компанијата која е сопственик на стратешкиот инвеститор;

- банкарска гаранција за реализирање на стратешкиот инвестиционен проект во висина од 3% од вредноста на приватната инвестиција;

- потврда дека инвеститорот ги платил сите доспеани обврски, обврските за пензиско и здравствено осигурување и други јавни давачки, не постари од 30 дена;

- потврда дека не е отворена стечајна или ликвидациона постапка.

За реализација на стратешки инвестициони проекти, потребните одобранија, дозволи, согласности, лиценци, овластувања, потврди и други документи кои се издаваат согласно посебните закони ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.

Подзаконските акти чие донесување е утврдено со овој закон, предвидено е да се донесат во рок од седум дена од денот на влегувањето во сила на законот, а законот да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија.


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје