ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Порака од еснафот
27.05.2019 👁 Прочитано: 2122

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ ЗА ДЕЛОВНИОТ СЕКТОР?


Крајот на минатата недела донесе и влегувањето во сила на новиот Закон за прекршоците, пропис кој има големо значење врз работењето на деловните субјекти. Законот за прекршоците, како хоризонтален пропис, ја поставува рамката за прекршочните одредби во неколку стотици специјални закони, и на повеќе начини влијае на обезбедувањето на поволно деловно опкружување.

Затоа, за бизнис-заедницата е од големо значење како таа рамка ќе биде поставена – од една страна, таа треба да доведува до спречување на нелојалната конкуренција и справување со „сивата“ економија, односно да дејствува корективно секогаш кога некој субјект со своето однесување на пазарот го нарушува балансот на слободниот пазар, па дури и да влијае поттикнувачки со цел тие да го унапредуваат своето работење. Истовремено, таа рамка треба да ја остварува улогата на насочување каде се направени пропусти во дејствувањето и работењето на деловните субјекти, со цел да не се повторува таквото однесување во иднина. Но, ако овој систем е поставен премногу репресивно, може да се случи деловните субјекти да имаат толку штетни ефекти, што ќе доведат до тоа субјектите да се одлучат да престанат да ја вршат дејноста.

Бизнис-заедницата во повеќе наврати укажуваше на отворените прашања во претходно важечкиот Закон за прекршоците, и ефектите кои се предизвикуваат врз работењето на деловните субјекти. При тоа, се укажуваше на неколку различни прашања - да се ревидира системот на прекршочни санкции и тоа не само на пропишаните износи на глобите, кои во многу области се уште се несразмерно високи, туку и на унапредување на превентивното постапување од страна на инспекциските органи, така што тие не само што треба да изрекуваат опомени, туку и да спроведуваат едукација на субјектите на кои им е изречена санкцијата, која ќе биде насочена кон укажување на направените пропусти во работењето и посочување каде да го корегираат своето работење, во насока на постигнување на целосна усогласеност на нивното работење со применливите прописи. Конечно, се укажуваше дека забрзаните постапки за порамнување предвидуваат повеќе спорни одредби (особено мандатниот платен налог, против кој не е уредена можност да поднесување на правен лек,)  поради што потребата од нивното постоење треба да биде преиспитана.

Image result for company laws

Министерството за правда овозможи претставници на бизнис-заедницата активно да се вклучат во работната група која го изготвуваше текстот на новиот Закон за прекршоците, а беа организирани и повеќе настани, на кои претставниците на бизнис-заедницата имаа можност да ги изнесат своите предлози, забелешки и коментари во однос на нацрт-текстот на Предлог-законот за прекршоци, и да дискутираат за предложените решенија.

По сето ова, што ќе ни донесе новиот закон? Дел од барањата и забелешките на бизнис-заедницата, на кои се укажуваше во изминатите години, беа усвоени – новиот закон предвидува намалување на висината на глобите и нивна градација во зависност од големината за субјектот (50 евра - 1.000 евра за микро трговци, 50 евра - 1.000 евра за мали трговци, 250 евра до 6.000 евра за средни трговци, и 250 до 10.000 евра за големи трговци); засилена употреба на опомената, што треба да доведе до зајакнување на превентивната улога на инспекциските органи, преку едукативен пристап и соработка со компаниите; воведување на можноста за ослободување од казна дури и во ситуациите кога сторителот сам го воочил пропустот и го пријавил прекршокот, пред да биде откриен, ако самиот ги отстранил последиците од прекршокот; престанување на постоењето на мандатниот платен налог....

Новините се бројни, но тоа што ќе биде уште поважно ќе биде како овие одредби ќе бидат применувани секојдневно од инспекциските служби – затоа што секој пропис самиот по себе е мртво слово на хартија, ако не се спроведува во духот во кој истиот е донесен. Новиот закон за прекршоци беше донесен во насока на потенцирање на превентивната за сметка на репресивната улога на инспекциските служби, што ќе значи поучување кога ќе се погреши наместо драконско санкционирање – и бизнис-заедницата ќе очекува новиот закон така и да биде применуван.

А во меѓувреме, во следните шест месеци ни следи процес на усогласување на прекршочните одредби во посебните закони со оваа нова рамка која ја носи новиот Закон за прекршоците.

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ ЗА ДЕЛОВНИОТ СЕКТОР?