ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
12.09.2016 👁 Прочитано: 789

Промоција на активностите на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ)-Промовирана брошура за популаризација на Медијацијата под мотото: промоција - афирмација - успех и промовирана веб-страната на Асоцијацијата (www.apm.mk)


Тргнувајќи од фактот дека скоро секаде во коморите една од главните цели и активности е и поддршка и промоција пред компаниите на алтернативните начини на ефикасно решавање на споровите, како медијацијата, од една, како и  следење на  имплементацијата на европските правила и стандарди, пред се` директивите и другите акти на Европската унија, препораките на Советот на Европа и останатите меѓународни документи од областа, од друга страна, и Стопанската комора на Македонија дава целосна поддршка на тој процес. Ова го истакна д-р Јелисавета Георгиева, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата, на прес-конференцијата (12.9.2016 година). Оваа поддршка, како што нагласи Георгиева, која ја дава Стопанската комора на Македонија ја следи и поддршката која ја дава и Владата на РМ, преку поттикнување за носење и институционализација на медијацијата преку Законот за медијација од 2006 година и промените на Законот во 2013 година.

Д-р Јелисавета Георгиева потенцираше дека Стопанската комора на Македонија, како најголема и најбројна бизнис-асоцијација во Република Македонија, прва во РМ започна со креирање и нудење на нова услуга во своето портфолио на активности, односно воведе поддршка за вршење на медијација како за членките, така и нечленките. Согласно наведеното и согласно потребите на компаниите заради поголема промоција и афирмација на оваа ефикасна алатка, на 15.7.2016 година се формираше Асоцијација за поддршка на медијацијата како форма на организирање и работење во рамките на Комората.

 

Д-р Георгиева истакна дека во Асоцијацијата за поддршка на медијацијата освен лиценцирани медијатори согласно Законот за медијација, доброволно учествуваат и членуваат и експерти од областа на медијацијата, компании, институции и други кои што даваат поддршка за популаризација на медијацијата.  Таа нагласи дека активностите на оваа Асоцијација се насочени кон користење на медијацијата со цел искористување на сите бенефити кои ги нуди медијацијата за изнаоѓање на прифатливи решенија за компаниите и продолжување на нивната идна деловна соработка. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата работи на надградба на локалните знаења преку поврзување и соработка со слични асоцијации од странство со цел размена на искуства, како и промоција пред асоцијациите во рамките на Комората  и давање поголема поддршка на медијацијата.

Асоцијацијата за поддршка на медијацијата, подвлече д-р Георгиева, континуирано своите активности ќе ги остварува преку соработката со Комората на медијатори на РМ, Комората на извршителите, Нотарската и Адвокатската комора, како и со сите заинтересирани надлежни институции од Република Македонија за поддршка на медијацијата. 

Д-р Јелисавета Георгиева истакна дека Асоцијацијата според своите програмски активности ќе работи на организација и одржување на семинари, предавања, промоции и други форми на промоција на медијацијата за трговските спорови за компаниите, во Скопје и во регионалните канцеларии на Комората низ градовите во Република Македонија, а првиот нареден семинар ќе се одржи на 14 септември 2016 година во Стопанската комора на Македонија, а останатите ќе се одржат во месец октомври во регионалните комори. Таа истакна дека во месец октомври Асоцијацијата за поддршка на медијацијата ќе има активности за одржување на денови на медијацијата,  во соработка со локалната самоуправа и со други државни институции како начин на поголема промоција на медијацијата.

На прес-конференцијата повеќе за промотивните активности кои ги прави во моментов Асоцијацијата за поддршка на медијацијата презентираше м-р Драган Дамески, член на Асоцијацијата, кој ја промовираше првата брошура за медијација под мотото: Промоција - афирмација - успех. Исто така, истакна Дамески, со цел сите компании да се запознаат подлабоко со можностите за медијација, Асоцијацијата за поддршка на медијацијата креираше и посебна веб-страна: www.apm.mk каде што има повеќе информации за Асоцијацијата за поддршка на медијацијата и за активностите кои Асоцијацијата за поддршка на медијацијата ги презема со цел промоција и поддршка на медијацијата.

За бенефитите од медијацијата пред другите постапки, за тоа дека  постапката е: доброволна, има исклучување на јавноста, дека е доверлива, поефикасна, побрза, поекономична, правична со постигнување на спогодба според интересите на двете страни кои во иднина остануваат во добри деловни односи информираше м-р Славе Младеновски, член на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата. Младеновски истакна дека медијацијата може да биде применлива и ефикасна во мноштво спорови. Но оваа постапка се применува особено во: имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Оваа постапка се применува и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

 

Постапката за медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон. Поддршката на медијацијата од страна на Владата се гледа и во субвенционирањето на трошоците на постапката за првите 4 часа медијација  (според правилник со поблиски критериуми и начинот на субвенционирањето и образецот за наплатената награда и трошоци на медијаторот).

Повеќе за досегашните активности кои ги направија Стопанската комора на Македонија и Асоцијацијата за поддршка на медијацијата се осврна м-р Илија Манасиев, член на Асоцијацијата, кој истакна дека поддршката се огледа преку активностите кои досега ги преземаат Стопанската комора на Македонија и Асоцијацијата за поддршка на медијацијата за промоција на медијацијата со одржаните семинари во Штип, Кавадарци, Кичево, Охрид, Прилеп и Битола, со присуство на повеќе од 120 учесници. Тој потенцира дека од одржаните промотивни активности и забелешките кои ги даваат компаниите и учесниците може да произлезат одредени барања кои би биле идни активности на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата да разгледува предлози на закони и други прописи, да дава мислења и предлози по прашања од заеднички интерес на членовите  и покренување иницијативи за донесување и за измени и дополнувања на истите доколку е потребно.

На прес-конференцијата од говорниците беа потенцирани активностите кои  Асоцијацијата за поддршка на медијацијата ги промовира пред компаниите за медијацијата, односно за користењето на доброволната медијација во нивните договорни односи, но и потребата од задолжителен обид за медијација согласно последните законски измени во Законот за парнична постапка од 23.7.2015 година, кои започнаа со примена од февруари 2016 година, каде фирмите треба пред поднесување на тужба на суд за стопански спор, да се обратат кај медијатор кој ќе се обиде да го реши спорот на мирен начин и со помалку трошоци. Така, според измените во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000,00 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата  да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Ова не важи за постапките по платен налог пред нотарите. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која нема да биде приложен доказот од медијаторот дека предметот не може да се реши пo пат на медијација судот ќе ја отфрли.

Беше потенцирано дека Комората ќе продолжи со промоција на алтернативните начини на решавање на споровите како арбитражата која работи уште од 1994 година преку независниот Постојанен избран суд Арбитража при Стопанската комора на Македонија, преку медијацијата и други алатки кои само се надополнуваат и имаат можност да пружат многу предности доколку се искористени од страна на компаниите.

На крај, беше истакнато дека Асоцијацијата за поддршка на медијацијата  континуирано ќе ги информира сите заинтересирани за сите активности на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата за промоција на медијацијата, за листата на медијатори и сите неопходни информации кои им се потребни на компаниите. Оттука, преку Асоцијацијата за поддршка на медијацијата се информираат компаниите дека постапката на медијација ја вршат лиценцирани медијатори согласно Законот за медијација. Листата на лиценцирани медијатори е објавена на веб-страната на Министерството за правда www.pravda.gov.mk

Асоцијацијата за поддршка на медијацијата ги повикува сите заинтересирани страни и е отворена за соработка со сите кои сакаат да ја поддржат промоцијата на медијацијата и да се вклучат во активностите на Асоцијацијата.

д-р Јелисавета Георгиева

Промоција на активностите на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ)-Промовирана брошура за популаризација на Медијацијата под мотото: промоција - афирмација - успех и промовирана веб-страната на Асоцијацијата (www.apm.mk)