ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Од компаниите
19.09.2019 👁 Прочитано: 291

Амбасадорката на САД се вклучи во проектот на Пивара Скопје за доедукација на младите за нивно полесно вработување


Во рамки на својата прва посета на Пивара Скопје, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз се запозна со процесот и долгата традиција на производство на пиво, а беше и во обиколка на постројката која два пати го доби признанието дека ги произведува најдобрите Coca-Cola пијалаци на светот. На средбата со генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин, амбасадорката се запозна и со тековните активности и вложувања на компанијата кои треба да го обезбедат нејзиниот натамошен одржлив развој, како и со реализацијата на проектите кои придонесуваат за просперитетот на заедницата, како што е програмата за бесплатни обуки за млади „Вештини за успех“, која веќе четврта година ја спроведува Пивара Скопје.

Генералниот директор на Пивара Скопје и амбасадорката на САД го посетија Едукативниот центар на компанијата каде се сретнаа со учесниците на 39-та сесија од обуките од програмата „Вештини за успех“. При тоа, амбасадорка на САД, со учесниците на обуката ги сподели своите лични искуства и совети со што придонесе тие да ги збогатат своите знаења и вештини кои треба да им овозможат полесно да најдат работа или да отпочнат сопствен бизнис, што е главната цел на овие обуки.

„Од почетокот на оваа година до сега 934 млади поминаа низ овие обуки, со што вкупниот број на учесници во оваа програма, што ја започнавме во 2016-та година, надмина 2600. Особено сме горди и нѐ радува што дури 36% од младите кои досега ги поминаа обуките во рамките на оваа наша програма многу брзо го пронајдоа посакуваното работно место. Сметам дека треба да бидеме задоволни од ваквиот резултат, како и од фактот дека секојдневно се зголемува бројот на млади лица кои сакаат да учествуваат во програмата. Сето ова нѝ влева дополнителна енергија, заедно со нашите партнери, да продолжиме да вложуваме во развојот на младите и преку тоа да придонесеме за зголемување на вработувањето и развојот на претприемништвото во земјата“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.

Со обуките што ги спроведува Пивара Скопје, кои се бесплатни за сите учесници, младите добиваат можност да ги усовршат своите комуникациски вештини, да научат како да водат преговори, да креираат развојни планови и да управуваат со проекти, како и ефективно да управуваат со времето и ресурсите, а стекнуваат и знаења од областа на деловното работење, финансиите и продажбата. Обуките ги водат професионални обучувачи, а како ментори, на волонтерска основа, учествуваат и членови на лидерскиот тим и менаџери во Пивара Скопје. Реализацијата на овој проект е поддржана од Министерството за труд и социјална политика и од Агенцијата за вработување, особено во одредување на кандидатите на кои најмногу им се потребни ваков вид обуки, при што предност имаат младите од социјално ранливите категории.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз рече дека е импресионирана од покажаниот интерес на учесниците во обуките за проширување на нивните практични вештини и знаења, како и од посветеноста на вработените и менаџментот на Пивара Скопје за креирањето на оваа корисна програма. Таа истакна дека ова е одличен пример како бизнисот, преку партнерство со јавниот сектор, може да даде вистински придонес во создавањето дополнителни можности и перспективи за младите. Амбасадорката упати пофалби за одличните резултати што се постигнати досега со оваа програма истакнувајќи дека дека таа заслужува поддршка од целата заедница.

За да се овозможи што поголем број млади да ги поминат обуките, Пивара Скопје организираше и обуки во Велес, Куманово, Гостивар, Кочани и Кавадарци, како и на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Посебни сесии беа организирани во општината Шуто Оризари, наменети за младите од ромската заедница, како и за младите во СОС Детско село. Минатата година беше лансирана и дигиталната платформа која на сите заинтересирани млади лица им овозможува да ја поминат целокупната обука по електронски пат.

За досегашните резултати во споведувањето на програмата „Вештини за успех“, Пивара Скопје има добиено повеќе признанија, меѓу кои и специјално признание од Претседателот на државата. Партнер на Пивара Скопје во реализацијата на овој проект е компанијата за деловна едукација „Мотива“.

Повеќе информации на www.polnacasa.mk

Амбасадорката на САД се вклучи во проектот на Пивара Скопје за доедукација на младите за нивно полесно вработување
Амбасадорката на САД се вклучи во проектот на Пивара Скопје за доедукација на младите за нивно полесно вработување
Амбасадорката на САД се вклучи во проектот на Пивара Скопје за доедукација на младите за нивно полесно вработување