Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
06.04.2019 👁 Прочитано: 275

ТАРГЕТ


Целокупниот економски амбиент во државата моментално не овозможува во преден план да избијат неколкуте консензуални приоритетни прашања, кои упорно кружат во јавноста, но никако не можат да го најдат централното место во економските политики, просто наречени ТАРГЕТ, кон кои сите би се обединиле. Некако скромно и ненаметливо се градеше консензусот околу изборот на гувернер на Народната банка на РМ, но јас би потенцирал дека поважно беше тоа што не се дозволи да се наруши клучниот принцип на позицијата на главниот носител на монетарната власт. Веднаш потоа, исто така по малку незабележано, се успеа да се изгради консензус меѓу носителите на економската политика околу прашањето на приоритетите на извозот и на индустријата, како клучни компоненти на економскиот раст. Треба да бидеме многу горди што Стопанската комора на Македонија, како најмоќна бизнис-заедница, имаше забележително учество во креирањето на тие скромни, но значајни консензуси.

Последната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, одржана во Битола, на површина го исфрли клучното консензуално прашање, околу кое ни треба целосно мобилизирање, како клучен таргет кон кој би се движеле. Тоа е минималната стапка на економски раст што земјата мора да ја оствари во наредниот период. Растот на БДП да биде на ниво на просечниот раст на стапките на БДП во регионот, поточно во шесте земји-членки на Западен Балкан, каде што припаѓаме. Влезот во НАТО и очекуваниот датум за преговори за влез во ЕУ ќе не’ позиционираат на еден колосек, кој секој ден ќе ја намалува разликата меѓу нас и земјите-членки на ЕУ, кои според сите релевантни истражувања сега се движи помеѓу 30 и 50 години. Мобилизацијата околу таа цел ќе треба да ги стави настрана сите прашања од несуштинска природа кои во моментов изгледаат доминантно, а во преден план ќе ги исфрли приоритетните прашања и реформи кои мора да се остварат. Стапката на раст, така проектирана, како централен таргет на нашиот развој, ќе стане алфа и омега на работењето на сите институции и граѓани на нашата држава.

Меѓутоа, тоа подразбира и градење систем на идентификување и отстранување на сите можни пречки. Секоја алтернатива на тој таргет е неприфатлива. Исто така, конечно, прашањето на одговорноста за остварување на тој таргет мора да подлежи на континуирана анализа на факторите што го попречуваат тоа. Да заклучиме. Со овие три консензуални прашања се исцртуваат контурите на нешто што досега го немавме. Тоа е целта кон која мора да се стремиме сите. Сето друго треба да остане второстепено. Затоа, можете да очекувате конкретна иницијатива на Стопанската комора на Македонија околу ова прашање во наредниот период.

П.С. Оваа недела се оствари долго најавуваната средба со грчките бизнисмени, предводени од премиерот Ципрас. Општ е впечатокот дека е евидентен оптимизмот за подобрување на економските релации, но тоа мора да биде проследено со дневна и континуирана активност на сите економски субјекти. Се изнесоа низа предлози, се формира работно тело, оптимизмот е околу нас и таа ситуација мора да се искористи, а Грција како наш сосед и значајна земја-членка на ЕУ мора да го преземе приматот на наш најголем промотор во евроатлантските структури. Таа тоа му го должи на бизнисот, кој покажа дека и како жртва на политичките препукувања беше сериозниот понтонски мост на нашата комуникација со јужниот сосед.

ТАРГЕТ