Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ
01.06.2019 👁 Прочитано: 323

НОВИ АВТОПАТИ ЗА ЗАБРЗАН РАЗВОЈ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН


Концентрацијата на бизнис-случувањата и набиената агенда се обележје на изминатите 10 дена во Комората. Тоа се случуваше пред самото објавување на Извештајот на Европската комисија за напредок на земјата во изминатата година. Можам да кажам дека тоа не беше поврзан процес бидејќи ваквата динамика на активности е веќе секојдневие во нашето работење.

Во сето тоа море од настани се случи најголемиот балкански куриозитет - во рок од 10 дена се пуштија во промет два автопати на територијата на Западен Балкан, што до пред извесно време претставуваше невозможна мисија.

 Azeski

Ако кон тоа го додадеме и очекуваното пуштање во промет на автопатот Скопје-Штип и интензивната изградба на црногорскиот автопат, тогаш конечно можеме да констатираме дека Западен Балкан добро ја разбрал препораката на ЕУ за приоритетно решавање на инфраструктурните проблеми.

Бизнис-заедницата го поздравува овој напредок и ги охрабрува владите на земјите од Западен Балкан да продолжат со инфраструктурните активности.

Нашите активности, пак, во изминатите десетина дена потврдуваат дека и ние и нашата Влада сме ја примиле пораката на ЕУ и дека се враќаме во регионот и во реалноста, кои беа неправедно запоставувани. Потврда за тоа се владино-коморските делегации во Виена, Подгорица и во Љубљана.

Во Виена уште еднаш ни беше потврдено дека без владеење на правото нема никаков економски напредок. Во Подгорица видовме една мала земја со 5,1 % раст на БДП и со 6 милијарди евра инвестиции, што е за почит. Во Љубљана отидовме со јасна порака на бизнисот до словенечкиот премиер: "Вие сте тој што може да излобира датум за почеток на преговорите, затоа што никој не ја познава подобро нашата земја од Вас и само Вие можете да ја презентирате реалната слика за нас".

 Azeski

Ни КИФ не беше заборавен во изминатите 10 дена. Призрен беше мојата прва дестинација, каде што колегите од Косово се обидуваат една класична воена база да претворат во технолоско-развојна зона за напредни технологии.

 

АЗЕСКИ И ГОЛУБОВИЌ ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА КИФ ВО ПОДГОРИЦА НА СРЕДБА СО ПРЕМИЕРИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЦРНА ГОРА Прва посета на премиерите на две земји од Западен Балкан на канцеларијата на Генералниот секретаријат на КИФ, во Подгорица, Црна Гора

Белград беше моја последна дестинација, каде што го формиравме новиот оперативен тим на КИФ. Следни дестинации се Лондон и Познан, каде што КИФ со помош на "Фајненшал тајмс" и Самитот на Ангела Меркел за Берлинскиот процес ќе овозможат меѓународна афирмација на КИФ.

П.С. Покрај ова, изминатите 10 дена новоформираната Асоцијација на странски компании со технолошко напредно производство при Комората оствари официјална средба со премиерот и со економскиот дел од Владата, а ја најавуваме и Конференцијата за дуално образование со Европската бизнис-асоцијација на 6 јуни и доаѓањето на голема јапонска бизнис-делегација на 12 јуни. Јас сум убеден дека со вакво темпо нашата Комора се наметнува како значаен чинител во градењето на економските политики, како дома така и во регионот.

НОВИ АВТОПАТИ ЗА ЗАБРЗАН РАЗВОЈ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН