ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
КОМОРСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ (КИФ)
17.09.2019 👁 Прочитано: 649

РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ ЗА ЕКОНОМИЈАТА НА 21-ОТ ВЕК


Сања Николова
м-р Сања Николова,
стручен соработник во Стопанската комора на Македонија
Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан (КИФ ЗБ6) и Европската тренинг фондација (ЕТФ), на 12 септември 2019 година во канцеларијата на Секретаријатот на КИФ во Трст, потпишаа Договор за соработка и взаемна поддршка за развој на вештини потребни за економијата  на 21-от век. Со потпишувањето на овој договор, главен акцент ќе се стави на развојот на потребните вештини на работната сила во економиите на Западен Балкан, потребни за зајакнување на нивниот пат кон ЕУ, во соработка со образовните институции и во согласност со барањата на пазарот на трудот.

Директорот на Европската тренинг фондација, Чезаре Онестини, на настанот додаде дека е од суштинско значење да постои еден глас со кој Западен Балкан ќе ги изрази своите заеднички грижи и предизвици со кои се соочува, за да го добие потребното внимание како регион во процесот на евроинтеграција и со тоа да се осигури дека нивната работна сила ќе ги развива потребните вештини што ќе го придвижат овој регион напред.

Генералниот секретар на КИФ ЗБ6, Сафет Герџалиу, додаде дека сегашниот фокус на КИФ ЗБ6 е посветен токму на развојот на професионални стандарди на регионално ниво за зголемување на вработеноста на младите во регионот, како и натамошно усогласување на националните регулативи, што е неопходен предуслов за мобилноста на трудот и натамошна соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор во рамките на системот за дуално образование. Тој посочи дека ЕТФ ќе биде одличен  партнер кон зацртаниот пат.

Договорот за соработка беше инициран за време на годинешниот Самит на Западен Балкан во Познањ, што се одржа во јули, каде што министрите за економија на Западен Балкан ги потврдија ставовите за постигнување на целите на Берлинскиот процес. Основната идеја е да се создадат синергии во активностите на двете организации со цел максимално да се влијае на развојот на човечкиот капитал во регионот на Западен Балкан.

Специфичните тематски области на меѓусебната соработка ќе бидат дуалното стручно образование и обука и подготовката на коморите во нивните улоги како посредници во овој сегмент; идентификација на потребните вештини, вклучително и нивната употреба во сегментот на „паметна специјализација“; развој на квалификации за иновативни економии; управување и одржливи финансиски модели со повикување на јавно-приватно партнерство; претприемачки и дигитални вештини.

Европската тренинг фондација е агенција финансирана од ЕУ, чијашто главна цел е да помага во процесот на зајакнување на односите меѓу ЕУ и земјите во развој и да придонесува за подобрување на релевантноста и ефективноста на техничката и финансиската помош на ЕУ во тие земји. Со поддршка на развојот на човечкиот капитал, ЕТФ придонесува за социјален и економски напредок и долгорочна стабилност во околните земји. ЕТФ е со седиште во Торино, Италија, со околу 130 вработени лица.