Интервју со Борис Тримчев: Да се искористат добрите практики од швајцарскиот модел и да се прилагодат на македонските услови

   

👁 Прочитано: 1180


Интервју со Борис Тримчев: Да се искористат добрите практики од швајцарскиот модел и да се прилагодат на македонските услови

Борис Тримчев, претставник на Е4Е@мк

Стручните занимања нудат одлични можности за вработување и кариерен развој. Сепак, евидентна е потребата од унапредување на стручното образование во земјава. Проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк) работи во оваа област и има за цел повеќе граѓани, пред сѐ младите, да се стекнат со пристојно вработување благодарение на подобреното стручно образование и обука.

Неретко се смета дека образовниот систем не соодветствува со реалните потреби на пазарот на трудот. Реформите во стручното образование се една од актуелните теми во јавноста во изминатиот период, а токму во оваа област работи и Проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк).  Кои се предизвиците на чие надминување работи Проектот и со какви интервенции?

Факт е дека постои неусогласеност на понудата и побарувачката на работната сила на пазарот на труд во државата. Од информациите коишто стигнуваа до Стопанската комора на Македонија дека компаниите имаат проблем при пронаоѓањето на соодветен стручен работен кадар за да ги пополнат работните места, се увиде дека компаниите се соочуваат со проблеми и од аспект на квалитет и на квантитет на работна сила.

Имајќи предвид дека продуктивноста на економијата е битна за нејзината конкурентност, сметавме дека продуктивноста ќе се подобри доколку се подобрат знаењата и квалификациите на лицата преку формалното и неформалното стручно образование. Исто така, со оглед на сите овие побарувања од страна на приватниот сектор, Проектот ги вмрежува компаниите со понудата на работна сила, односно со лицата кои излегуваат од формалниот и неформалниот систем на образование. За да може полесно да се пополни тој јаз меѓу понудата и побарувачката на работна сила, Проектот работи со неколку интервенции – дел во формалното и дел во неформалното образование.

Интервју со Борис Тримчев: Да се искористат добрите практики од швајцарскиот модел и да се прилагодат на македонските услови

Структурата на Проектот е доста интересна затоа што во проектот се вклучени три партнери – Швајцарската развојна организација Хелветас, Македонски центар за граѓанско образование (МЦГО) и Стопанската комора на Македонија којашто е стратешки партнер во проектот. Црпиме меѓународно искуство добиено од Швајцарија, работиме со МЦГО којашто има експертиза во областа на образованието, додека пак комората е важна за да се имаат предвид и реалните услови на терен за да може да профункционираат сите овие промени и интервенции и на дело. Интензивната соработка меѓу сите страни со приватниот сектор е важна. Комората може да ги обедини бизнисите и да лобира за поповолни промени во законските регулативи до државните институции.

Кај младите лица постои ниска свест за придобивките од завршување на средно стручно образование, а дополнителен предизвик се и постоечките негативни перцепции за средното стручно образование. Како може да се надмине овој проблем? 

Стереотипи постојат. Сепак, со поголема вклученост на приватниот сектор и државните институции коишто работат во областа на средно стручно образование, може да се поттикне атрактивноста за лицата да се запишуваат во средното стручно образование. Како може да го постигнеме тоа? Пред сè, со таргетирано информирање на родителите и на самите ученици. Во изминатиот период започнавме со реализација информативна кампања за промоција на стручно образование и стручни професии која има за цел да ги намали стереотипите за одредени професии кои всушност се најбараните на пазарот на труд, како на пример готвач, заварувач, фризер, пекар и други. Кампањата е поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, УСАИД Северна Македонија, УНДП, Меѓународната организација на трудот, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Сметам дека треба да има и поголема промоција на компаниите за младите да може да ги увидат реалните услови за работа, особено во оние индустрии со висока додадена вредност, а за среќа во државата имаме такви. Работата во нив е прилично технолошки и технички напредна, па трудоинтензивната компонента на пазарот е сè помала и сè помалку напор треба за да се работи во тие индустрии.

Швајцарскиот систем за стручно образование и обука е еден од најуспешните во светот. Како може искуството од тој систем да се примени тука?

Имајќи предвид дека македонската и швајцарската економија се прилично различни во однос на голем број од параметрите, а приватниот сектор е клучен за квалитетна реализација на програмите од средно стручно образование, не може системот целосно да се „ископира“.

Интервју со Борис Тримчев: Да се искористат добрите практики од швајцарскиот модел и да се прилагодат на македонските услови

Сепак, треба да се искористат добрите практики од швајцарскиот модел и да се прилагодат на македонските услови. Голем исчекор може да се направи со странските инвеститори коишто доаѓаат од земјите во коишто веќе се практикува ваквиот модел на образование. Нивните искуства ќе бидат добредојдени за да може да се направат потребните промени. Станува збор за храбри чекори за државата да пристапи кон пазарно ориентирано стручно образование.

Еден од инструментите на Проектот е и т.н. „фонд за можности“. Што е целта на фондот и како функционира? Има ли интерес кај компаниите за да аплицираат за ваков тип на поддршка?

Фондот за можности е прилично нова интервенција која ја воведовме во консултација со приватниот сектор и неколку државни институции. Во текот на годината објавуваме четири повици преку кои ги дефинираме активностите коишто сакаме да ги поддржиме. Повикот ги опфаќа сите тренинг провајдери, средни стручни училишта и компании коишто вршат обуки. Има голем одзив од страна на приватниот сектор. Во текот на 2019 имавме четири повици за коишто имаме над 45 апликации.

Целта на фондот е да им се помогне на компаниите на побрз начин да обезбедат квалитетен работен кадар којшто е прилагоден на нивните потреби. Она што може да се забележи е дека приватниот сектор значително вложува во тоа партнерство и средствата коишто се доделуваат од проектот се прилично мали во споредба со вложувања којашто ги прави самата компанија.

Во иднина би сакале да видиме и модел каде што еден тренинг провајдер или средно стручно училиште ќе соработува со неколку компании, со цел да се намали трошокот по тренирано лице. Во 2020 година ќе продолжиме со оваа мерка, но со поголемо вклучување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и на Министерството за труд и социјална политика,со цел да може да имаме комплетна следливост на ефективноста и ефикасноста на процесот.

Какви резултати има од интервенциите преку фондот за можности? Има ли успешни примери?

Имаме неколку успешни примери. Би истакнал една компанија којашто сакаше да ѝ излезе пресрет на локалната заедница и со посебни методи го сензибилизираше локалното население, со посебен  фокус на маргинилизираните групи и нагласена компонента за социјална инклузија. Станува збор за рурални  и не толку достапни средини, каде што вообичаено жените воопшто не работат.

Иако на почетокот воопшто немаше интерес од локалното население да присуствува на обуките, преку нашите партнерски интервенции, тимот на компанијата организираше јавни информативни настани за локалното население. Самите вработени одеа и кажуваа како е нивното лично искуство во фирмата. Со ова всушност се прикажуваше работата на фирмата и населението се информираше за тоа во какви услови би можеле да работат. Благодарение на прилично мотивираниот менаџерски тим, се адаптираа и самите модули за тренинг, со цел да бидат компатибилни со специфичните потреби на населението.

Беше долг процес, но има видливи резултати. На крајот, компанијата успеа да генерира голем одзив од локалното население – над 40 жени успешно ги поминаа обуките, а потоа се вработија во компанијата. Во фирмата има вкупно околу 500 лица, од кои над 40 се вработени како резултат на интервенциите на проектот. Овој пример сакаме да го реплицираме и во другите региони следната година.