ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
16.09.2019 👁 Прочитано: 276

СТИМУЛИРАЊЕ НА РАСТОТ НА РАБОТНАТА СИЛА ВО ИКТ-ИНДУСТРИЈАТА


Во насока на подобрување и полесно имплементирање на законите во Република Северна Македонија преку Проектот на УСАИД „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“, на 16.9.2019 година, во Битола, се организираше Форум на тема: „Бизнис клима за ИКТ-индустријата - Како да се стимулира растот на работната сила во ИКТ?‟, а истиот ќе се одржи и на 19 септември во Скопје.

Целта на настанот е да се дискутира за предлог-иницијативи и предлози за унапредување на правната регулатива кои би придонеле за создавање подобра бизнис клима за ИКТ-индустријата.

Билјана Прличкова, оперативен директор на МАСИТ, истакна дека на денешниот настан беа дискутирани тековните предизвици поврзани со деловната клима во ИКТ-секторот и беа идентификувани потенцијалните мерки од областа на социјалните придонеси, даноците, работната сила и образованието коишто ќе го стимулираат растот на работната сила во ИКТ-индустријата. Прличкова подвлече дека е потребно изнаоѓање  соодветно решение на барањата за признавање на работа од дома  базирано на квалитет и обем на извршената работа, како и дефинирање на работа без оглед на бројот на работни часови.

На настанот меѓу другото се разговараше и за можностите за инвестиции во ИКТ-образованието што ќе одговара на потребите на приватниот сектор за квалитетна работна сила, зголемување на бројот на студенти на техничките факултети, поддршка на капацитетите за неформалното образование кои придонесуваат во создавањето на ИКТ професионалци. Потребен е системски пристап со промена на законската регулатива од областа на работните односи и даноците, со цел да се овозможи континуиран раст на ИКТ-секторот како еден од најважните за домашната економија кој придонесува со отворање нови работни места, високи примања и извоз на производи и услуги.

По завршување на настанот, ќе се сублимираат предлозите добиени од бизнис заедницата и ќе се достават до надлежните институции.

Информативниот настан беше организиран во рамките на УСАИД Проектот: „ПАРТНЕРСТВО ЗА ПОДОБРА БИЗНИС РЕГУЛАТИВА“, во кој партнери се Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“.

Ана Стерјовска

СТИМУЛИРАЊЕ НА РАСТОТ НА РАБОТНАТА СИЛА ВО ИКТ-ИНДУСТРИЈАТА