ГОЛА Е, А ЦЕЛА ЕВРОПА ЈА ОБЛЕКУВА

ГОЛА Е, А ЦЕЛА ЕВРОПА ЈА ОБЛЕКУВА

Облекувањето е карактеристика на речиси сите човекови општества, а денес облекувањето подразбира од следење на скапа висока мода преку традиционална облека, до поевтини и полесно достапни парчиња, во зависност од географската положба, економските услови, влијанието на современите медиуми и слично.

Иако обработката на влакна за добивање облека датираат уште од праисторијата, за зачетоци на текстилната индустрија може да се зборува од крајот на 16-ти век, а со индустриската револуција во 18-от век производството на предиво и ткаенина станува масовно. Така, текстилната индустрија се дефинира како гранка на индустријата која првенствено се занимава со преработка на влакнести суровини и изработка на предиво, ткаенини, плетени производи и друго, како и со добивање на производи од нив.

Денес, на планетарно ниво оваа индустрија вработува помеѓу 20 и 60 милиони луѓе и сочинува приближно 2% од глобалниот бруто домашен производ.

Кај нас, текстилната индустрија денес вработува околу 36.500 лица (во 1990 година вработувала 61.000 лица), а најголемиот дел од производите што се добиваат се извезуваат од 252 извозно ориентирани македонски текстилни компании. Вредноста на нивниот извоз е околу 573 милиони САД долари, односно 8,6% од вкупниот извоз од државата. Преку 90% од извозот оди во земјите на Западна Европа како Грција, Холандија и Велика Британија, а на најголемиот дел од извозот е наменет за Германија.

Во македонскиот случај, од делот на дефиницијата за текстилната индустрија речиси недостига „преработка на влакнести суровини и изработка на предиво, ткаенини, плетени производи и друго“ („Нонча Камишова“ не произведува свила, „Македонка” не преработува памук, ниту „Тетекс“ волна), а имаме само: „добивање на производи од нив“ (во помали фабрики кои 93% од производството го базираат на „ЛОН“, што значи увоз на готов материјал кај нас на доработка, шиење и пакување).

Во вакви услови околу 85% од додадената вредност на македонското производство во текстилната индустрија отпаѓа на вредноста на трудот.

Тогаш, природно е компаративната предност на оваа индустрија да зависи од ниските плати, а прашање е дали и со колкави плати македонската текстилна индустрија може да се „натпреварува“ на светскиот пазар со земји како Бангладеш, Индија, Пакистан и сл.

За да опстане, промените во овој сектор ќе станат неопходни. Имено, компаниите ќе мора да ја зголемат продуктивноста во работењето преку едукација на вработените, инвестиции во посовремена технологија, како и преку поквалитетна организација на производството.

Потребно е и државата поактивно да го третира секторот, особено во делот на подготовка и спроведување на мерки за обезбедување на суровини од домашно производство, со особен акцент на памукот. Во Европската унија памукот се произведува само во три земји на површина од околу 300.000 ха, а Грција е главен производител со 80% од површините во Европа под памук. Оваа култура заради почвените, а особено климатските услови успева кај нас по долината на реката Вардар, Црна Река и Брегалница и своевремено во државава се произведувале и до 15.000 тони суров, односно околу 5.000 тони влакно од памук.

Исто така, државата треба да најде начин за поддршка на компаниите кои произведуваат сопствени брендови и да стимулира развој на ваков вид на компании.

Појаснување на насловот за оние кои нема да се сетат на гатанката: „Што е тоа: Гола е, а цел свет го облекува?“ и на одговорот на истата: „Игла“...

Насловот: „Гола е, а цела Европа ја облекува“ е инспириран од претходната гатанка, а се однесува на македонската текстилна индустрија.

м-р Анета Димовска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија