„БАС ТУТИ ФРУТИ“ - СКОПЈЕ - УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА КОМПАНИЈА СЕ ПРИДРУЖИ ВО СЕМЕЈСТВОТО НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

   

👁 Прочитано: 6868


„БАС ТУТИ ФРУТИ“ - СКОПЈЕ - УШТЕ ЕДНА УСПЕШНА КОМПАНИЈА СЕ ПРИДРУЖИ ВО СЕМЕЈСТВОТО НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

ДПТУ „БАС ТУТИ ФРУТИ“ ДООЕЛ е лоцирана во Скопје на површина од 15.000 м2 и 7.500 м2 покриеност и зазема значајно место меѓу регионалните лидери за производство на PET (Polyethylene therephthalate) амбалажа за полнење на вода, сокови, газирани и негазирани пијалаци, пиво, вино, како и за пакување на хемиски препарати.

Просторот на компанијата е поделен на неколку функционални целини и тоа:

  • објект за производство кој е поделен во два погона:
    • Погон 1- со бризгалки за производство на РЕТ-претформи (Injection Molding);
    • Погон 2 - за дување на претформите и формирање на шишиња (Blow Molding);
  • сопствена лабораторија за контрола на квалитет;
  • соодветно приспособени магацини за суровини и готов производ;
  • сопствени транспортни возила.

Во компанијата има 79 вработени, а производниот капацитет на компанијата изнесува преработка на 35 тони гранулат на ден.

Компанијата своите први чекори ги прави започнувајќи фамилијарен бизнис за производство и полнење на сокови, подоцна за своите потреби во индустријата со сокови набавува дувалка за дување на PET-претформи, со што Друштвото врши промена на предмет на работење од производство и полнење на сокови, се ориентира кон производство на производи од пластични маси.

Ова е и првиот чекор кон она што „БАС Тути Фрути“ е денес. Следејќи ги потребите на македонскиот пазар, компанијата ја пренасочува својата дејност од производител на сокови во производител на пластична амбалажа претежно за пијалаци. Во 1997 година компанијата ја проширува својата дејност во производител на PET-претформи и шишиња и за кратко време се наоѓа на листата први најуспешни компании во Република Македонија.

„БАС Тути Фрути“ работи во согласнос со „COMMISSION REGULATION (EU) No 10/2011 of 14 January 2011 on plastic materials and articles intended to come into contact with food". Безбедните и квалитетни производи, применетата практика и целокупната услуга што ја нуди „БАС Тути Фрути“ ги задоволува критериумите на British Retail Consortium with Institute of Packaging и PepsiCo критериумите за добавувачи за PET-амбалажа за пијалаци. Еден од клучните фактори за придобивка на 90 % од пазарот во Република Северна Македонија и проширување на косовскиот, албанскиот, српскиот и грчкиот пазар е широкиот асортиман на производи со кои располага.

Со голем чекор „БАС ТУТИ ФРУТИ“ - Скопје ги планира и своите идни активности кон нови предизвици не заборавајќи на моралните вредности на почитување и водејќи грижа за вработените, купувачите и околината.

Претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, м-р Антони Пешев и потпретседателот на Комората, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, ја посетија фабриката на фирмата „БАС ТУТИ ФРУТИ“ - Скопје и разговараа со господинот Сали Морина, управител на компанијата и Биљана Аврамовска, правник во фирмата за предизвиците со кои се соочува компанијата во секојдневното работење, како и за нејзините идни планови. Од страна на претставниците на Стопанската комора на Македонија беше изразено задоволството што една ваква успешна компанија станува член на Комората и беа понудени услугите и можностите што Комората ги нуди на своите членови, а воедно беа презентирани стратешките правци на делување на Комората во следниот период. Она што беше за потенцирање, а е од голем интерес за стопанството е учеството на фирмите преку коморите во проектите во рамките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и други проекти за нивна поддршка во многу сектори.

Воедно, господинот Сали Морина како управител на „БАС ТУТИ ФРУТИ“ со своето членство во Комората активно се вклучи и е избран за член во Собранието на Стопанската комора на Македонија како највисок орган на Комората.

Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска