ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
Актуелно
15.04.2019 👁 Прочитано: 1770

ФАКТОРИНГОТ КАКО АЛТЕРНАТИВЕН ФИНАНСИСКИ МЕХАНИЗАМ ВО НАСОКА НА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРИВАТЕН СЕКТОР


Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансии, подобрување на готовинскиот тек на фирмите и поефикасно развивање на истите без дополнително обезбедување.

Факторингот е финансиски продукт кој им овозможува на претпријатијата брз и ефикасен пристап до финансиски средства, преку продавање на недоспеаните побарувања. На тој начин ја подобрува ликвидноста и го поттикнува растот на претпријатијата.

Извозниот факторинг е производ наменет за македонските извозници кои имаат побарувања од странски купувачи, настанати како резултат на остварен извоз на стоки и услуги. Тој е одлична алатка за освојување на нови пазари и купувачи.

Проектот на УСАИД за факторинг има за цел да им помогне на малите и средни претпријатија преку едукација и информирање за пристап кон алтернативни финансиски продукти, флексибилни финансиски решенија, специјално приспособени за деловните потреби со цел да се унапреди разбирањето на факторингот како финансиска алатка која може да генерира моментална исплатлива ликвидност, со што ќе се зголеми продажбата и добивката на фирмите. Факторингот како алатка особено е приспособен за извозно ориентираните компании, чијашто основна цел е зголемување на конкурентноста и проширување на пазарните можности на малите и средни претпријатија во Македонија преку едукација и информирање за пристап и користење на алтернативни извори на финансирање. Факторингот, како алтернативен извор на финансирање го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансиски средства, подобрување на готовинскиот тек на фирмите и поефикасно развивање на истите.

ФАКТОРИНГ

-Компаниите во Македонија, посебно микро, малите и средните фирми, многу малку или воопшто не користат факторинг. На ниско ниво се и свеста, како и информираноста за овој алтернативен начин на финансирање, - истакна Сузана Димовска Тунтева, сопственик на „Фактор Траст“ ДООЕЛ – Скопје.

Факторингот помага во подобрување на готовинскиот тек на компаниите, обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го поддржува нивниот раст и развој. Во основа, факторингот претставува преземање на недоспеани побарувања. Според него, одложеното плаќање е голем проблем за нашите мали и средни претпријатија, а факторингот може да го скрати рокот, па наместо да чекаат трговецот да им ги даде парите за 90 дена, фирмите ќе ги добијат веднаш и ќе ги искористат во некој друг, поприоритетен правец. - За разлика од банкарските кредити, факторингот не бара дополнително обезбедување, - истакна Тунтева.

Факторингот обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го поддржува нивниот раст и развој. Во основа, факторингот претставува преземање на недоспеани побарувања.

Меѓународниот, односно двостепениот факторинг без регрес е овозможен преку членството во Factor Chain International (FCI).

Финансиското друштво за факторинг „Фактор Траст“ ДООЕЛ - Скопје е основано во 2010 година, имплеметатор е на УСАИД од 2017 година, а оваа година стана прва членка на FCI од Македонија.

Factor Chain International е водечка меѓународна организација за факторинг на независни факторинг компании низ целиот свет со репрезентативна мрежа за факторинг од околу 400 членови во 90 земји. Препознавајќи го потенцијалот на интернационалниот факторинг, Factor Chain International прерасна во организација која првенствено има за цел воведување на факторингот во земјите каде што сè уште не е достапен и развивање на рамка (платформа) за меѓународен факторинг, што ќе им овозможи на факторинг компаниите, членките на Factor Chain International, извозниците и увозниците да воспостават блиски меѓусебни односи и соработка. Концептот на двостепен факторинг и можноста на истиот да се работи без регрес е сè уште нов, но нуди огромни можности за малите и средни препријатија. Factor Chain International е глобален претставник на факторинг индустријата во светски рамки, гласот на индустријата преку ЕУ-Федерацијата, репрезентативно тело за факторинг и комерцијално финансирање во Европската унија.

-Регионалната Конференција за факторинг во организиција на Проектот на УСАИД за факторинг, имплементирана од страна на ФД „Фактор Траст“ во соработка со Factor Chain International, ќе се одржи на 14 мај 2019 година, со почеток во 9:00 часот во „Double Tree Hotel by Hitlon“ во Скопје. Конференцијата ќе биде одлична можност за македонските претпријатија, претставниците од финансискиот систем, регулаторната и правна заедница како и професионалните бизнис здруженија да се запознаат со предизвиците и можностите на факторинг индустријата, презентирани од претставниците на Factor Chain International, - истакна Сузана Димовска Тунтева, сопственик на „Фактор Траст“ ДООЕЛ - Скопје.

Јадранка Аризанковска

ФАКТОРИНГОТ  КАКО  АЛТЕРНАТИВЕН ФИНАНСИСКИ МЕХАНИЗАМ ВО НАСОКА НА  УНАПРЕДУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРИВАТЕН СЕКТОР
ФАКТОРИНГОТ  КАКО  АЛТЕРНАТИВЕН ФИНАНСИСКИ МЕХАНИЗАМ ВО НАСОКА НА  УНАПРЕДУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПРИВАТЕН СЕКТОР