1031 д. 100 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Еден регион - Една економија
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
   
13.04.2019 👁 Прочитано: 748

ТАРГЕТ 2


Ако алфа и омега на економскиот развој е БДП-то, тогаш алфа и омега за опстојување и за напредок на секоја бизнис-асоцијација е квалификациската структура на вработениот персонал. Минатата недела Стопанската комора на Македонија го доби третиот доктор на наука, кој им се придружи на седумнаесетте магистри и на неколкуте експерти, кои сега го сочинуваат персоналот на нашата најстара и најзначајна бизнис-асоцијација.

Честитки за колешката д-р Елена Милевска Штрбевска, која своето прво вработување го имаше кај нас и која несебично сиот овој период своето знаење го вгради во напредокот на Стопанската комора на Македонија. Тоа можеме да го кажеме и за д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и за д-р Татјана Штерјова, кои претходно се стекнаа со оваа престижна титула. edukacijaТоа треба да е поттик и за другите магистри во наредниот период да направат таков смел чекор. Интересно би било да напоменеме како изгледаше тоа на почетокот на нашата трансформација од обврзано кон доброволно членство во 2004 година. Комората во тој период се бореше за својот опстанок, имаше 85 вработени (денес тој број е 55), се бореше за својата ликвидност и, нормално, прашањето за кадровското екипирање и надградување беше последниот таргет во тој момент. Во периодот 2005-2010 година Комората успеа, во услови на коморски плурализам и на доброволно членство, да се етаблира во системот, финансиски да се стабилизира, да се рационализира и да се оспособи за следниот чекор напред. Така, во периодот 2010-2015 година Комората со својот нов модел за економски развој постави таргет да биде значаен чинител во градењето на економските политики. Дел од мерките предвидени во тој нов модел на економски развој беа прифатени, но дел не го здогледаа светлото на денот. Но ние не застанавме тука. Бевме упорни и преку упатување на наш кандидат во Владата на РМ се боревме тој нов модел да се спроведе целосно. Она што недостасуваше во тој момент, 2016 година, беше кадровската екипираност на персоналот, кој мора да биде подготвен да ѝ ги испорача на Владата најдобрите решенија со најдобрите аргументи и со најдобрите компаративни анализи. Слободно можам да кажам дека сме на чекор да го оствариме тоа. Во однос на 2004 година променет е 90% од персоналот. Во новиот состав постепено влегуваа најдобрите студенти  на Правниот, Економскиот и на Факултетот за информатичка технологија при Државниот универзитет, со кој имаме највисоко ниво на соработка.

edukacijaМинатата година воочивме дека е потребно на тој персонал да му се додаде и искусен кадровски потенцијал, кој ќе ни се придружи, а кој има искуство во работењето во државните институции, така што на почетокот на оваа година на персоналот на Стопанската комора на Македонија, на наше огромно задоволство, му се приклучија м-р Зоран Јовановски, м-р Анета Димовска и м-р Наташа Јаневска. Нивното искуство во работењето во НБРМ, во Министерството за финансии и за економија и во Министерството за образование и наука беа алката што недостигаше за комплетирање на тимот. Напорите за натамошна едукација ќе продолжат и ќе бидат силно поддржани од раководството на Комората.

edukacijaП.С. И покрај ваквиот кадровски напредок, ние сме сосема свесни дека е тоа далеку од идеалното решение. Ние сме само дел од многуте субјекти што учествуваат во креирањето на економската политика и никогаш не сме сметале дека нашите предлози мора да се прифатат. Она што мора е да се има професионален тим, стручно издржани предлози и желба за дијалог и за соочување на аргументите. Слободно можам да кажам дека сме подготвени за тоа. За да ја заокружиме темата, треба да кажеме дека Комората со своите членки располага со најголемиот и најзначаен кадровски потенцијал во државата. Повеќе од илјада доктори на наука, магистри, иноватори, експерти се наш составен дел, кој во секој момент сме подготвени да го ставиме во функција на економските политики на нашата држава.

Бранко Азески,
Претседател на Стопанската комора на Македонија

ТАРГЕТ   2