Групации при Комората
   
Групација на друштва за финансиски лизинг

undefined


Податоци за дејноста

По период од пет последователни години на намалување на активностите244, во последните две години, секторот лизинг заживеа, остварувајќи двоцифрени стапки на раст на активностите. Следствено, се зголеми и учеството на овој сектор во активата на недепозитните финансиски институции и во вкупната актива на финансискиот систем, но тоа е с? уште мало и изнесува 4,7% и 0,8%, соодветно. Малото значење на друштвата за лизинг за севкупната финансиска стабилност се согледува и преку нивната слаба поврзаност со останатите сегменти од финансискиот систем. Депозитите на друштвата за лизинг кај домашните банки зафаќаат 2,9% од активата на секторот лизинг и незначителни 0,03% од вкупната актива на банкарскиот систем. Обврските по кредити кон домашните банки претставуваат 4,2% од изворите на средства на секторот лизинг и 0,04% од активата на банкарскиот сектор. Постои одредена меѓусебна поврзаност помеѓу секторите „лизинг“ и „осигурување“, бидејќи предметот на лизингот е најчесто осигурен245. Но, не се очекуваат опасности за финансиската стабилност од оваа поврзаност, со оглед на фактот што активата на сите друштва за лизинг е помала за близу трипати во споредба со активата на друштвата за неживотно осигурување.

Во 2018 година, бројот на друштвата за лизинг се зголеми за едно друштво во споредба со претходната година и изнесува седум. Вкупните средства на друштвата за лизинг во 2018 година, забележаа доста висок раст којшто изнесува 982 милиона денари, или 24,9% (19,9% во 2017 година). За растот на активностите во 2018 година најмногу придонесоа долгорочните обврски врз основа на кредити и заеми (придонес од 52,46%246 во годишниот раст на пасивата), но и на вкупните краткорочни обврски коишто петкратно се зголемија и придонесоа во растот со 42,1%. Овој раст на изворите на средства, друштвата за лизинг го употребија за раст на долгорочните и краткорочните побарувања врз основа на финансиски лизинг (придонес во растот од 46,6% и 17,5%, соодветно)247, како и на материјалните средства (придонес од 29%). Вкупните побарувања на друштвата врз основа на финансиски лизинг се поголеми за околу 3 пати во споредба со основната главнина и резервите (законскиот максимум за овој сооднос изнесува 10 пати), што значи дека според прописите овие друштва имаат уште простор за раст на своите активности. Нефинансиските друштва користат најголем обем од услугите за лизинг и учествуваат со 70,2% и 79,1% во вкупниот број и во вкупната вредност на активните договори за лизинг, а остатокот се корисници физички лица. Речиси сите договори за лизинг се склучени за набавка на возила (патнички и товарни).

Квалитетот на портфолиото на друштвата за лизинг е послаб отколку квалитетот на портфолиото на банките и штедилниците, гледано според просечниот процент на резервираност. Имено, друштвата за лизинг издвоиле резервации за очекувани загуби коишто покриваат 12% од побарувањата (12,7% на 31.12.2017), додека кај банкарскиот систем овој показател е двојно помал. Исто така, речиси сите активни договори за лизинг (98,8%) се во денари со девизна клаузула, што го нагласува значењето на индиректниот кредитен ризик за друштвата за лизинг.

Извор: ИЗВЕШТАЈ ЗА ФИНАНСИСКАТА СТАБИЛНОСТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2018 ГОДИНА - Народна банка на Република Северна Македонија

Контакт лице: Влатко Стојановски
Телефон: ++ 389 2 3244004
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: vlatko@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје