ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Стопанска комора на Македонија
   
Светот на бизнисот без граници - АТА карнет
25.07.2019
👁 Прочитано: 5257


Дали сакате да освоите нови пазари?
Во тој случај, неопходно е примероците од своите производи привремено да ги изнесете во странство заради презентација пред Вашите потенцијални купувачи или за изложување на саеми и изложби. Она што, при тоа, ви е потребно, е едноставниот премин преку државните граници, без плаќање царини или давање посебни гаранции, што  ви го овозможува АТА-карнетот.

Што е АТА-карнет? 
АТА-карнет е едноставен меѓународен царински документ кој се користи за поедноставување на привремениот увоз во странска земја, со рок на важење од една година.
Кратенката АТА доаѓа од комбинацијата на почетните букви од француската синтагма Admission Temporaire и англиските зборови Тemporary Admission,  што значат привремен увоз.

Кои се предностите на АТА карнетот?
- Поедноставување на царинската постапка со користење на една единствена исправа за сите царински трансакции (привремен извоз, транзит, привремен увоз, повторен извоз и повторен увоз).
- Плаќањето царини и други давачки, даноци или положување депозит, што е вообичаено кај привремениот увоз во поедини земји, станува непотребно.
- Важењето на АТА-карнетот до една година овозможува негово повеќе кратнокористење за привремен увоз во една или повеќе земји-членки на АТА синџирот.
- За царинарницата АТА-карнетот значи помалку администрација и сигурност дека ќе ги наплати увозните давачки, доколку не дојде до повторен извоз.

За кои земји може да се добие АТА-карнет?
За кои земји може да се добие АТА-карнет, може да се види на Предната корица од АТА карнетот.

Кој може да користи АТА карнет?
Малите и големите претпријатија, поединци - сите можат да бидат корисници на АТА-карнет кој посебно е наменет за трговци, излагачи на саеми, трговски патници и деловни луѓе кои сакаат да ги прошират своите пазари, да ги унапредат деловните контакти и да ја зголемат конкурентноста на странските пазари претставувајќи ги своите мостри, користејќи професионална и научна опрема, педагошки материјал и сл.
Со АТА-карнет се служат и архитектите, хирурзите, инженерите, сликарите, музичарите, актерите, кинолозите, одгледувачите на коњи и многу други. Во досегашната триесет годишна примена АТА карнетот се покажа како незаобиколен инструмент за штедење време и пари.

За која стока АТА-карнетот најмногу се користи?
АТА-карнетот може да се користи практично за сите стоки наменети за лична или професионална употреба, особено за трговски мостри, стручна опрема, саемски и изложбени експонати.
Со помош на АТА-карнет привремено се увезува стока за широка потрошувачка: компјутери, алати, камери, видео и канцелариска опрема, облека, слики, ласери, индустриски и земјоделски машини и алати и сл. На ист начин можат привремено да се увезат тркачки коњи, расни кучиња, музички инструменти, театарска опрема и костими.
Врз основа на АТА-карнет не смее да се увезе стока што лесно се расипува, стока наменета за преработка, обработка или поправка.
Привремениот увоз на стока врз основа на АТА-карнет се однесува на стока која ќе биде повторно извезена во иста состојба, во каква што била и увезена.

Како се применува АТА-карнетот?
AТА-карнетот се состои од корица (зелена боја) и по два внатрешни листа за секоја поединечна операција (привремен извоз, транзит, привремен увоз, повторен извоз и повторен увоз). Внатрешните листови се со различни бои, зависно од операцијата на која се однесуваат, и се составени од два дела, од кои горниот дел (талон) секогаш останува во карнетот, а долниот (купон) се откинува при царинската постапка.
Составувањето на карнетот, односно потребниот број листови со различни бои, зависи од барањето на носителот на карнетот, односно од потребниот пат, бројот на земјите кои се посетуваат и земјите низ кои се транзитира.

Како да се дојде до АТА-карнет?
Карнетите ги издаваат исклучиво стопанските комори, зачленети во гарантниот синџир при Меѓународното биро на стопанските комори (IBCC) во Меѓународната стопанска комора (ICC) во Париз, кој вклучува повеќе од 70 земји од Европа, Америка, Азија и Африка.
АТА карнети издава и заверува Стопанската комора на Македонијакоја од 1 јули 1998 година стана 54-ти член на гарантниот синџир формиран врз основа на АТА-карнети во Меѓународното биро на стопанските комори во Париз.
По поднесувањето на барањето, карнетот се заверува и се издава во рок од неколку дена, со минимум трошоци и формалности.

Писмени информации за АТА-карнетите, формулари за барање за издавање на карнети, упатства за пополнување карнети, можат да се добијат во Стручната служба на Стопанската комора на Македонија .

АТА-карнетот штеди време и пари и затоа почитувајте ги правилата за негово користење! Внимателно проучете ја изјавата на задниот дел од Барањето за издавање карнет.
- Привремениот увоз врз основа на АТА-карнет се однесува само на стока која повторно ќе се извезе и тоа во иста состојба, во која била увезена.
- При секое влегување и излегување од некоја земја корисникот на карнетот треба да води сметка за тоа цариниците да ги внесат потребните податоци и карнетот да го заверат со потпис и печат на соодветните места на внатрешните листови.
- Потребно е да се почитуваат роковите за повторен извоз и завршување на транзитот, што ги одредиле царинските власти на одделни земји. Тие рокови не се исти со рокот на важење на карнетите.
- Карнетите кои повеќе нема да се употребуваат, или на кои им завршил рокот на важење, задолжително мораат да се вратат во Стопанската комора на Македонија, со сите искористени и неискористени листови.

Прилог документи:

 

Доколку сакате, барањето и податоците за самиот АТА карнет можете да ги оставите и електронски на следниот линк:

Доколку сакате, можете да направите и пресметка на потребниот износ за користење на АТА Карнетот на следниот линк:

Со наведените документи можете да извршите on-line пријавување на Вашиот АТА карнет на следните e-mail адреси:

jagoda@mchamber.mk     тел. (02) 3244 073
elida@mchamber.mk        тел. (02) 3244 072
mile@mchamber.mk        тел. (02) 3244 039

По пријавувањето, можете да дојдете во Комората и да го подигнете бараниот АТА карнет во рок од еден работен ден.


Контакт лице: Лазо Ангелевски
Телефон: ++ 389 2 3244090, M. 070 271 731
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: laze@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, „Димитрие Чуповски“ 13, 1000 Скопје