ЕДЕН РЕГИОН
ЕДНА ЕКОНОМИЈА
Нови прописи
   
Предлог – закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста
09.07.2019

Предлог – законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста создава нормативни претпоставки и основи за нов пристап во уредувањето на прашањата на јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста во смисла на усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија.

Текстот на предлог – законот содржи 115 члена распределени во 8 глави. Глава I содржи општи одредби со кои се утврдува предметот на уредување на овој закон, дефинициите на поимите кои се користат во законот и начелата на кои се заснова законот, исклучоците од примена на законот, општи правила во однос на економските оператори, антикорупциски мерки и мерки за спречување судир на интереси, надлежен орган за следење на реализацијата на законот, пресметување на проценетата вредност на набавката.

Глава II содржи конкретни правила за вршење на јавните набавки и е најголема по обем. Во неа се уредени различните видови постапки, и тоа: ограничена постапка, конкурентен дијалог, постапка со преговарање без објавување оглас и постапка со преговарање со објавување оглас. Исто така, ги содржи посебните начини за спроведување на постапката, видовите огласи и известувања, начинот на објавување, правила за спроведување на постапката, одлуката за јавна набавка, комисијата за јавна набавка, алтернативни понуди. Тука се и правилата за изработка на тендерската документација и техничките спецификации. Понатаму, се уредени начините, критериумите и доказите за утврдување на способноста на економските оператори, начинот на намалување на бројот на способни кандидати, понуди или решенија, критериумите за избор на најповолна понуда, како и правила за спроведување на постапката.

Глава III содржи правила за извршување на договорот за јавна набавка или на рамковната и, меѓу другото, содржи правила за подизведувачите, за раскинување на договорот кој е во фаза на реализација и слично.

Глава IV ги утврдува посебните услуги, како и начинот и постапките за нивно доделување.

Глава V содржи одредби со кои се уредува прашањето за завршување на постапката, евиденција на постапките и досие од спроведените постапки.

Глава VI содржи одредби за изработка на статистички извештаи за спроведените постапки.

Глава VII ја пропишува правната заштита во постапките за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, додека последната Глава VIII содржи преодни и завршни одредби.   

 


Контакт лице: Љупка И.Самарџиска
Телефон: ++ 389 2 3244018, M. 070 389 636
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ljupka@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје