Актуелно / Стопанска комора на Македонија
   
АКТУЕЛНО
08.03.2019 👁 Прочитано: 2099

КОПАОНИК 2019 - ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА БИЗНИСОТ НА БАЛКАНОТ: СИЛНИ СТРАНИ, СЛАБОСТИ И ПРЕПОРАКИ


SvetozarСветозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“ во рамките на Бизнис форумот во Копаоник

На регионалниот Бизнис форум, што се одржа  од 3 до 6 март 2019 година, на  Копаоник, Република Србија,  Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“, учествуваше на еден од најпосетените панели, посветен на предностите, проблемите и предизвиците на претприемачите, работејќи на Балканот, каде се дебатираше на темата заедно со истакнати бизнисмени од регионот.

Преку својата дискусија, како истакнат стопанственик во регионот, тој испрати неколку значајни пораки до креаторите на економските политики во регионот.

Господинот Јаневски особено ја нагласи потребата за темелни реформи и вложувања во образованието и едукација на кадарот што е неопходно за бизнисот. Кога станува збор за реформите во образованието, нивното спроведување не може да биде обврска само на ресорните министерства, туку тоа треба да биде стратешка одлука на државите од регионот. Овие реформи би траеле долго и не би требало да се сведат само на промена на учебниците, а кадровската структура во образованието да остане иста, истакна Јаневски, нагласувајќи дека во едукацијата, како и во бизнисот, неопходни се коренити промени и тоа не само во Македонија, туку и во целиот регион. Сега се креираат кадри со професии кои не се атрактивни на денешниот пазар на труд и по завршувањето на нивното образование се генерира фрустрација кај овие млади луѓе поради потешкотиите за нивно професионално развивање во кариерата. 

За важноста на поддршката на државите за локалните инвеститори, Јаневски истакна дека мултинационалните и интернационалните компании кои работат за исклучително мал процент богати луѓе, со растечки тренд кој доведе до тоа 1 (еден процент) од светската популација да поседува исто богатство како другите 99 отсто заедно, не придонесуваат значително во стимулирање на домашната економија како што тоа го прават локалните инвеститори. Затоа е потребно нашите држави да дадат предност и да ги пренасочат субвенциите и бенефициите покрај надворешните инвеститори и кон локалните инвеститори и компании, преку идентификување на „cherry pick”, локални шампион-компании кои се двигатели на локалната економија, кои имаат голем потенцијал за иновации, модернизирање и зголемување на својата продуктивност. Имено, локалните компании според официјалните статистички податоци претставени во „input-output” табелите, генерираат далеку поголеми мултиплицирани ефекти во домашната економија. На тој начин државата ќе ја стимулира домашната
додадена вредност и ќе придонесе кон развој на подобра бизнис клима, истакна претседател на УО на ВВ „Тиквеш“, Јаневски.

Јаневски нагласи дека треба да го користиме и искуството на Европската унија која до скоро ги промовираше и ги поддржуваше кластерите на малите и средните претпријатија хоризонтално, но сега ја менува стратегијата и дава најголема поддршка на претпријатијата кои се „коњи за трка”, т.е. оние кои растат и имаат можност за брз раст. Само така може да се постигне побрз економски раст. Соработката помеѓу претприемачите и бизнисмените од регионот е неопходно потребен и неодложлив процес.  Не може само да се чека институциите во нашите држави да ги решат сите проблеми, бидејќи нивниот приоритетен интерес е наплата на даноците, а успехот од реализацијата на нашите инвестиции и развојни планови зависи пред сé од нас самите, порача Јаневски и ја нагласи потребата од дефинирање на заеднички правец на  државата и бизнисот со цел постигнување на долгорочен економски развој.